Природни лекови за сува кашлица

Фото: Unsplash
10.000

Гаргара со солена вода, црн пипер со мед, инхалација со чаеви, чај од ѓумбир, сок од морков, кромид со мед,… Испробајте некој од овие природни лекови за сува кашлица и помогнете си себеси

Сувата кашлица најчесто е симптом на настинка, а може да биде предизвикана од разни здравствени проблеми. Некои почнуваат да кашлаат од иритација предизвикана од сув воздух, но причина за кашлањето може да биде и алергија. Хроничната сува кашлица најчесто е предизвикана од чад од цигари, алергија и астма, а обично покрај тоа ќе имате и симптоми на киселина или чувство на печење во грлото. Други причини за сува кашлица се: инфекција на респираторниот систем најчесто предизвикана од бактеријата Bordetella pertussis),
грип, пневмонија, други вирусни и бактериски воспаленија.
Сите горенаведени причини може да предизвикаат воспаление, иритација и отекување на слузницата на горниот респираторен тракт.

Задолжително посетете лекар, бидејќи лекарот може да ја процени сериозноста на симптомите и да препорача соодветен третман. Потпорната терапија опишана во текстот не е замена за соодветна професионална медицинска терапија. Меѓутоа, ако сте повеќе за природна медицина (внимавајте на тоа дека природните лекови немаат премногу ефект ако се работи за поагресивно воспаление), можете да пробате некоја од следните алтернативи за ублажување на кашлицата.

Превенција и природен третман на сува кашлица
Најважниот начин да се намали ризикот од кашлање е да престанете да пушите. Ако сте пушач, треба да размислите да се откажете од пушењето, бидејќи чадот од тутунот заедно со другите штетни состојки трајно го менува епителот на респираторниот систем. Секогаш кога е можно, избегнувајте јавни места за време на појава на настинка или грип.

Кашлицата можете да ја спречите и со зајакнување на имунитетот, што соодветно значи практикување здрава исхрана богата со витамин Ц. Редовното вежбање и совладувањето на техниките против стрес исто така може да бидат многу ефикасни во зајакнувањето на вашиот имунолошки систем.

За сите видови кашлица, обидете се да пиете што е можно повеќе течност, особено топли течности (чаеви). Овошниот сок, топлата вода или чајот од црна рибизла не само што ќе ја смират сувата кашлица туку и ќе ја ослободат заробената слуз. Избегнувајте пијалаци кои содржат кофеин и алкохол бидејќи тие се диуретици и како такви поттикнуваат ослободување на голема количина течност од телото преку урината. Кога губиме голема количина течност, потешко е да се искашла слузта.

Мед против сува кашлица
Медот е еден од најефективните природни лекови за кашлица, ја смирува иритираната слузница, а благодарение на своите антибактериски својства успешно се бори против бактериите.

Ова е одлична алтернатива за деца и возрасни, но поради ризикот од ботулизам, не им давајте мед на деца под две години.

Лекарите треба да препишуваат антибиотици само во ретки случаи, кога природниот третман нема ефект врз симптомите и кога е сигурно дека воспалението нема да помине само по себе. Новите препораки на NICE (Национален институт за здравје) се однесуваат на превенција од создавање отпорност на антибиотици.

NICE предупредува дека во повеќето случаи кашлицата поминува во рок од три недели и дека наместо антибиотици, прва линија на одбрана во лекувањето на кашлицата треба да бидат лековите без рецепт и природните лекови како мед, прополис, лимон итн. Ваквите препораки се издадени токму поради фактот што инфекциите се потешко се лекуваат поради отпорноста на овие лекови на супербактерии.

Чај од сладок корен против сува кашлица
Слаткиот корен е корисен и може да ја олесни секоја болка во грлото. Глициризин, главната состојка на коренот е одговорен за повеќето лековити ефекти, тој не само што ја ублажува болката во грлото туку и ја спречува.

Ако земате стероиди или имате какви било проблеми со бубрезите, не користете сладунец. За лекување на сува кашлица, можете да користите чај направен од мајчина душица, бел слез, црница и чај од ѓумбир кој исто така, ќе помогне во обезбедување на олеснувачки ефект кога станува збор за болки во грлото и кашлица.

Солена вода против сува кашлица
Гаргарањето со солена вода е исто така еден од најпопуларните методи за лекување на болки во грлото. Солената вода може да ја олесни непријатноста предизвикана од кашлањето со намалување на отокот во грлото. Ако имате незапирлива сува кашлица, гаргара со солена вода дефинитивно ќе ви помогне.

Пареа против сува кашлица
Доколку сте решиле да лекувате болки во грлото, се препорачува масло од чајно дрво и масло од еукалиптус, кои ќе помогнат во борбата против бактериите и вирусите. Истражувањето објавено во 2016 година во списанието Evidence-Based Complementary and Alternative Medicine го проучувало влијанието на лековитите и ароматичните растенија во борбата против патогените бактерии.

Сите растенија вклучени во истражувањето имаат силна антимикробна активност против различни бактериски, габични и вирусни патогени.

Црн пипер против сува кашлица
Во најголем дел, употребата на црн пипер е ограничена на готвење, но она што многу луѓе не го знаат е дека пиперот може да биде и повеќе од ефикасен за сузбивање на кашлицата.

Црниот пипер може да се измеша со мед и ќе добиете сируп против кашлица, а црниот пипер нема да биде премногу иритантен.

Сокови против сува кашлица
Подгответе сок од морков, кој помага при искашлување слуз или сок од бела репка, кој го зајакнува имунитетот и делува антисептично на респираторниот систем. За да добиете сок од бела репка, исечкајте ја на кришки, додадете шеќер и оставете да отстои неколку часа.

Истиот ефект ќе го има и сокот од сварениот праз. Варениот праз процедете го низ чиста крпа за да добиете сок. Пијте го засладен со мед, по вкус.

Исечкајте го сировиот кромид, покријте го со мед и оставете го преку ноќ. Следниот ден земајте по две лажички сок од кромид на секои два часа. Наместо кромид, можете да земете четири чешниња лук, па земајте по една кафена лажичка на секои два часа.

Пијте сок од зелка или нанесете облог од зелка на градите.

Етерични масла за кашлица
За да ги ублажите непријатните симптоми на сува кашлица, можете да ја испробате и терапијата со со етерични масла. Обидете се да вдишете пареа со неколку капки масло од еукалиптус или масло од нане. Можете да поросите неколку капки од овие масла на марамче и да вдишете за да се ослободите од проблемите со дишењето.