Седум лекови што не смеете да ги пиете со чај

1

Фармацевтка предупредува дека некои билни чаеви можат да го променат дејството на лековите или да го зголемат ризикот од несакани реакции. Меѓу нив се аспиринот, препаратите со железо, фолната киселина и лековите против алергија. Особено внимание се препорачува при редовно пиење зелен чај, кантарион, ѓумбир и други билни напивки.

Чајот за многумина е секојдневен ритуал, особено во постудените денови, но комбинацијата на одредени билни напивки со лекови може да биде проблематична. Фармацевтката Емануела Огбона за американскиот здравствен портал „Health“ издвојува седум групи лекови кај кои треба да се внимава на видот на чајот што се пие.

Не станува збор за тоа дека секој чај е опасен со секој лек, туку дека одредени растителни состојки можат да влијаат врз апсорпцијата, дејството или несаканите реакции на терапијата.

1. Аспирин

Некои билни чаеви, особено оние со брусница, ѓумбир или гинко билоба, можат да го зголемат ризикот од крвавење кога се комбинираат со аспирин, особено ако се консумираат во поголеми количества. Аспиринот го забавува згрутчувањето на крвта, па ваквата комбинација бара дополнително внимание.

2. Препарати со железо

Црниот и зелениот чај содржат танини, растителни соединенија што можат да ја намалат апсорпцијата на железото. Ова е особено важно за луѓето кои земаат суплементи поради недостиг на железо. Едно истражување покажало дека оставањето временски размак од најмалку еден час меѓу чајот и внесувањето железо може да го намали овој ефект.

3. Фолна киселина

Поголемото количество зелен чај може да влијае врз нивото на фолати во организмот. Катехините, антиоксиданти присутни во зелениот и улонг чајот, можат да ја намалат апсорпцијата на фолатите. Ова е особено важно за бремените жени, бидејќи фолната киселина има значајна улога во правилниот развој на нервниот систем на плодот.

4. Парацетамол

И чајот од кава и чајот од хибискус можат да влијаат врз дејството на парацетамолот. Кавата сама по себе може да го оптовари црниот дроб, како и парацетамолот во високи дози, па нивната комбинација може дополнително да го зголеми ризикот од оштетување. Хибискусот, пак, според одредени истражувања, може да го забрза отстранувањето на парацетамолот од крвта и да го скрати неговото дејство.

5. Омепразол

Овој лек се користи за намалување на желудочната киселина и лекување на рефлукс. Чаевите со гинко билоба, златен корен (goldenseal) и ѓумбир можат да влијаат врз неговото дејство. Гинкото може да го зголеми ризикот од крвавење, додека ѓумбирот и златниот корен можат да влијаат врз желудочната киселина и ефективноста на терапијата.

6. Контрацептивни таблети

Одредени истражувања укажуваат дека камилицата и кантарионот можат да ја намалат ефикасноста на хормоналната контрацепција. Особено внимание се препорачува со кантарионот, кој е познат по тоа што може да влијае врз разградувањето на различни лекови во организмот.

7. Лекови против алергија

Кантарионот и црниот кохош, билка што се користи во некои препарати за женско здравје, можат да влијаат врз ефикасноста на одредени лекови против алергија, како фексофенадинот. Затоа, луѓето што користат ваква терапија треба да се советуваат со фармацевт пред редовно да пијат чаеви со овие состојки.

Фармацевтка советува таблетите секогаш да се голтаат со обична вода, а не со чај. Како општа мерка на претпазливост, се препорачува да се остави најмалку еден час меѓу земањето на лекот и пиењето чај, но кај некои комбинации може да биде потребен и подолг временски размак или целосно избегнување на одредена билка.

Важно е лекарот или фармацевтот да знае и кои билни чаеви редовно ги пиеме, бидејќи природното потекло не значи дека некоја состојка не може да влијае врз терапијата. Не треба самостојно да се прекинуваат или менуваат пропишаните лекови.