Солени инчуни: сам да јадеш, на друг да не дадеш

443

Кај нас нема свежи инчуни, но тоа не значи дека не можеме да уживаме во вкусот на солените филети конзервирани во масло

Овој медитерански деликатес го знаевме и многу одамна, кога растевме ние, родени во 60-тите и 70-тите години од минатиот век. Многу ги сакавме, ама ни даваа само по малку за да не си ги расипеме бубрезите. Дали сте јаделе и дали сакате да јадете инчуни?

Солените инчуни во филети конзервирани во масло се малку побогати со калории и имаат малку повеќе масти, но сепак се многу хранлива храна која се препорачува за сите возрасти. Оваа риба можеби најдобро се подготвува на овој начин. Можете да купите солени инчуни во супермаркетите, а ако сте некаде на море можете да најдете и луѓе кои сами ги подготвуваат така што ги солат, ги ставаат во тегли и ги преливаат со масло. Имаат неверојатно богат вкус и можат да се користат во различни рецепти, на пример, како состојка за пица наместо некоја неквалитетна шунка.
Сепак, не претерувајте затоа што вака подготвени се навистина малку повеќе солени.

Свежите инчуни кои инаку ги има повеќе од стотина видови, се здрави и богати со хранливи материи. Најмногу придонесуваат за смирување на воспалителните процеси во организмот, како и при процесите на згрутчување на крвта. Богати се со калциум, магнезиум и фосфор, заради што се добри за здравјето на коските, а содржат и селен кој е добар за одржување на здрав кардиоваскуларен систем.