Спомени платени со побелена коса никој не може да ти ги земе

320

Саша Шотаровски е едно од оние познати лица во градот со кои се поврзуваат многу култни градски места, од Кристијан, преку Децата од нашата улица во Дебар Маало, се разбира – Галерија 8, Безистен, па сѐ до Бифе Тафталиџе во Карпош 3. Искрено, најмногу ми одговара последнава локација, одлична за добро утринско кафе, дури и во пижами, со куче, маче, кој што има, многу цвеќиња, познати и мили лица и секогаш, по некое уметничко дело.

Нашиот соговорник Саша Шотаровски цел живот е сопственик на кафулиња и кафеани, а сите овие познати места беа и собиралишта на многу знајни и незнајни гости, секогаш места кои се препознатливи по голем број културни настани, изложби, промоции на книги, но и многу хуманитарни акции.

Ако го прашате како воопшто се нашол во оваа професија, тој ќе ви каже:

„Кога едниот дедо има слаткарница во Нафплион, другиот е пекар, а ти покрај тоа што немаш талент за учење и макотрпно го развиваш, нема друго освен – кафана. Од „Кристијан“ па сѐ до Бифе Тафталиџе си терав прикаски во кои самиот уживав највеќе од сите.

Најинтересна можеби беше кафе Галерија 8, кадешто за 4 години, од девастиран простор се направи културен простор на кои се одржаа повеќе од 100 изложби, исклучиво на еминентни сликари. Спомени како, изложбата на Владимир Георгиевски директно од Русија во Безистен, на Стефан Лупино, мојот херој од младоста, како и промоција на првата аудио книга за слепи и слабовидни лица на Ксенија Николова“, се потсетува Шоте.

Сето тоа без ниту еден денар помош од државата или од некоја невладина организација.

„Тоа се спомени платени со побелена коса што никој не може да ти ги земе. Како врват годините кругот полека, но сигурно се затвара и Бифе Тафталиџе си дојде некако само по себе. Да се направи место во кое ќе си доаѓаат едни те исти луѓе, уморни од квази ‘урбани’ места, за на мир да си поправат муабет, сѐ повеќе за ‘болести’, за музика, за филмови и за книги од пред 30 години…

Место во кое музика ќе пуштаат луѓе на кои тоа им е хоби, не типчиња со лап топ кои се клатат као да им се мочка и провинциски кавер бендови или не дај боже – караоке….Место во кое колку и да си богат и славен ако си ‘неубав’ човек, ќе почувствуваш дека си вишок и ќе си одиш“, вели Шоте за своето, но и на сите останати од маало, актуелно место познато како „Бифе Тафталиџе“, иако, за волја на вистината, се наоѓа откаршија, во населбата Карпош 3.

Инаку, освен во кафе Галерија 8 со која Шоте раководеше од јули 2011. до крајот на 2014. година и кадешто освен стотина изложби, имаше над 60 промоции на книги, поетски читања, перформанси и други културни настани, многу слични настани имаше и во останатите места кои работеа под негова палка. На пример, во книготеката „Децата од нашата улица“ во скопско Дебар Маало, кадешто се случуваше акцијата во која беа собрани голем број книги за збогатување на постојните или за формирање на нови затворски библиотеки во казнено-поправните институции. И секако, во актуелното Бифе Тафталиџе, кадешто од отварањето до почетокот на корона кризата имаше голем број изложби и културни настани, а се реализираа и многу хуманитарни акции од типот на онаа: Доаѓаш, порачуваш кафе, пиво или вино, тие ти носат, а ти не даваш пари, туку нешто корисно за едно  сиромашно семејство.

И на крајот, во овој период кога угостителските објекти се сѐ уште под клуч, во Бифе Тафталиџе расцвета преубава бујна градина.

„Колку и да е тешко за време на коронава, сфативме дека немаме време за лоша музика, за луѓе – енергетски вампири со кои ќе пиеме некои чудни кафиња кои тука изгледаат као пратени по Али Експрес. Спремни сме како утре да ќе не пуштат да работиме, а бавчата ја правиме како коронава да ќе трае со години“, вели Шоте.

А оттаму, како и во времето пред короната, се надеваме и во иднина ќе се шират опојните мириси од топлите вафли, но и некои нови мезенца со кои дружбата таму ќе трае и повеќе и подолго од кога и да е.

„Како ќе се справиме со маскиве и со ‘модерното поздравување’ без прегратки и бакнежи, стварно не знам, но ќе се потрудиме да не станеме модерни“, завршува Шотаровски.