Чоколаден мус: Лесен за правење, впечатлив за послужување

Фото: Стефани Христов
257

Шеф Снежана Ангеловска, најпозната по своите торти и тортијадите, не прави само комплицирани нешта. Ја замоливме за нешто брзо и лесно и таа ни го даде наједноставниот рецепт за десерт кој со гордост можете да го послужите со попладневното кафе

Шеф Снежана Ангеловска е секогаш таму кадешто се најубавите торти, а нејзиното име е синоним за „ангелчињата“, хуманитарната организација која ја основаше пред цели 15 години кога ја победи и тешката болест и посака да им помага на оние на кои им е тоа потребно преку организирањето на најслатките хуманитарни манифестации, тортијадите „Слатка мистерија“ и „Интерскопкејкс“

Иако е најпозната по декоративните торти со различни форми кои се вистински уметнички дела, се уверивме дека не прави само комплицирани нешта.

Ние кои секогаш сакаме нешто брзо и нешто лесно, ја замоливме за рецепт за наједноставниот десерт кој може да ни го даде. И … воала, ни даде една посна варијанта за чоколаден мус, која многу лесно може да стане и мрсна, односно, пудингот да се направи со млеко, а павлаката, наместо растителна, да биде исто така млечна.

Состојки:

2 кесички пудинг од ванила или чоколадо

200 г црно чоколадо

500 г матена растителна павлака

50 г темно какао

50 мл ликер по желба или коњак

Приготвување:

Пудингот се вари со вода и се остава да се излади (според упатството на кесичката).

Потоа се мати со миксер неколку минути, па се додава растопенато чоколадо и павлаката. На крај се додаваат и 50 мл ликер по желба или коњак.

Се сервира во чаши…

Снежана не би била Снежана ако не ги сервира малку поинаку – во чоколадни топки кои се разбира, сама ги прави од топено чоколадо кое потоа го обликува во чашки со помош на замрзнувачот и ги декорира со карамел.

Фото: Стефани Христов