Три совети до поздрава исхрана

Фото: Unsplash
248

Ненадејните и строги промени не се адекватна одлука и избор, доколку одлучите да ја промените досегашната исхрана. Ваквата избрзана одлука може да изврши притисок врз вашето тело и да создаде посериозни проблеми кои може негативно да влијаат на вашето целокупно здравје.

Секој од нас има своја дефиниција за навиките во исхраната, некои се добри, а некои помалку добри, и како такви многу од нив се длабоко вкоренети во начинот на живот. Исхраната, навиките и односот кон храната, најмногу влечат корени во раното детство.

Ненадејните и строги промени не се адекватна одлука и избор, доколку одлучите да ја промените досегашната исхрана. Ваквата избрзана одлука може да изврши притисок врз вашето тело и да создаде посериозни проблеми кои може негативно да влијаат на вашето целокупно здравје.

Меѓутоа, со постепено подобрување на вашите навики во исхраната – комбинирање, замена, елиминирање и додавање на одредени видови храна во вашите оброци, може да се создаде единствена рамнотежа која, со текот на времето, совршено ќе се прилагоди на вашето тело и потреби.

Подолу споделуваме 3 совети кои веруваме дека ќе ги подобрат вашите навики во исхраната и ќе ви овозможат вкусни и поздрави оброци во кои ќе уживате.

1 Природен извор на шеќер – здрави слатки кои ќе ги задоволат сите гурмани

Прекумерното консумирање шеќер лошо влијае на здравјето и го зголемува ризикот од болести како што се дијабетес, срцеви заболувања и дебелина. Десертите кои содржат мала количина шеќер, како и слатките без шеќер, можат да бидат многу вкусни и позитивно да влијаат на здравјето со намалување на ризикот од болести.

Главната препорака е да ја збогатите вашата исхрана со најсвежа можна храна која содржи природен шеќер. Дополнете ги вашите десерти со темно чоколадо, мешавина од свежо овошје, јаткасти плодови – користете домашен мед кој содржи витамини, минерали и помалку шеќер од рафинираниот шеќер.

Сепак и медот треба да се користи умерено бидејќи содржи и одредени количини шеќер и калории. Запознајте ги сите здрави алтернативи на шеќерот и донесете одлука која најмногу ви одговара како замена.

Јаткасти плодови и свежо овошје

Се препорачува да се користат домашни, природни намази и путери од јаткасти плодови, а со нив можете да ги замените слатките намази како нутела или еурокрем. Избегнувајте вештачки засладени овошни јогурти – земете обичен јогурт и додадете парчиња банана или некои бобинки, со малку мелени лешници. Ова може да биде одлична идеја за здрав утрински оброк.

Познато е дека многу луѓе сакаат да ги збогатат јагодите и ренданите јаболка со шеќер. Наместо тоа, обидете се да консумирате свежо овошје без додавање на млечно чоколадо, шлаг и шеќер – подобар избор би било да стопите црно чоколадо и да ги прелиете јагодите.

2 Направете едноставни, но здрави и вкусни оброци

Многу луѓе претпочитаат појадок, ручек или вечера надвор од домот бидејќи мислат дека здравите и вкусни оброци се комплициран процес кој бара премногу време и внимание. Одржувањето здрави навики и подобрувањето на квалитетот на вашата дневна исхрана не мора да значи дека мора да правите комплицирани оброци.

Напротив, можете да направите вкусни и здрави јадења дома, а тие да бидат многу едноставни и лесни за подготовка. Не мора да бидете перфекционист и да ја следите секоја запирка во рецептот. Вашите оброци не мора да бидат премногу скапи и комплицирани, важно е да се придржувате до нововоспоставената рутина за да одржувате здрави навики.

Не вршете притисок врз себе да ја пронајдете идеалната исхрана – истражувајте и експериментирајте со храната во слободното време, давајќи си на тој начин можност навистина да го пронајдете она што најмногу му одговара на вашето тело.

Идеи за секојдневни оброци
Оброците може да се збогатат со витамини од сладок компир во комбинација со пилешко на скара и зелена салата како прилог. Одлучете се за полесни опции, како супа или чорба дополнети со парчиња зеленчук кои можете да ги ставите во фрижидер и да ги користите како предјадење во текот на неделата.

Јадењата збогатени со грав и леќа содржат многу протеини и влакна кои придонесуваат за чувството на ситост. Конзервираната туна е извор на здрави омега 3 масни киселини кои можете да ги комбинирате со тестенини, компири, салата или брускети.

3 Направете план за исхрана и водете дневник

Една од главните грижи на многумина – како да се организира и рамномерно да се распредели времето за набавка на намирници и подготовка на здрави оброци?

Се препорачува во кујната да имате лист хартија кој со магнет ќе го закачите за фрижидерот. На овој начин ќе имате идеја за количината на потрошена и преостаната храна.

Стратегија и добра организација
Правењето план за исхрана може многу да придонесе за подобра организација, а со текот на времето може да ве доведе до посакуваната цел – одржување на здрави навики во исхраната. Започнете со основна стратегија, направете листа на намирници што треба да ги набавите за тековната недела – ќе ви заштеди време доколку веќе имате напишан план за оброци, за чие купување треба да одвоите малку време еднаш или двапати неделно.

Дневникот може да ви олесни да ја следите вашата листа на намирници која ви помага да го подобрите вашиот дигестивен систем, како и целокупната рамнотежа во вашето тело. Помага и да го видите и промените составот на оброците во секојдневната исхрана и да си запишете некои брзи, едноставни и здрави солени или слатки закуски – со текот на времето ќе влезете во рутина која ќе биде неизбежен дел од вашата организација и ќе ви го олесни процесот на планирање оброци.

Се надеваме дека овој текст ви помогна и ви овозможи еден вид мотивација која ќе ве насочи кон посакуваната цел. Сепак, совршена исхрана не постои, туку она што постои е нашата волја и желба преку неа да го подобриме квалитетот на животот.