Њоки од шварцвалдски компири: Шеф Маре Јаневска ни испрати рецепт од својот нов дом во Титизее Нојштад

341

Откако се пресели во Германија, шеф Маре, иако засега нема работни обврски, не мирува и не ја мрзи да направи што било што ќе посакаат нејзините најмили, па некако му доаѓа како нешто слично на џубокс, ама за храна. Неодамна открила дека оттука се и најубавите компири на светот (простете беровчани), од кои направила и превкусни њоки. Повелете рецептот

Пред три месеци нашата готвачка Маре Јаневска направи голем пресврт во својот живот. Се пресели во Германија. Поточно, нејзиниот сопруг Александар замина таму пред нешто повеќе од две години, а Маре и нивните синови трпеливо чекаа да се создадат услови за целото семејство да се спои во едно од најубавите места во оваа земја, во срцето на Шварцвалд, поточно, во гратчето Титизее Нојштад. Доколку ви звучи познато, тоа е затоа што, ако сте љубител на скијањето, веројатно знаете дека токму таму често се одвиваат натпреварите во ски-скокови.

На Маре, како и на малиот Марко кој во училиште веќе го учи јазикот, ѝ претстои учењето на германскиот после што ќе може да почне да работи. Со нејзините препораки, сертификати и искуство, сигурни сме, ќе има само еден проблем – да одбере што ќе работи. Таа има на ум и нешто друго, но засега не сака да го открие, туку ќе почека прво да се реализира.

Иако засега нема работни обврски, таа не мирува. Ѝ се сонило ѓомлезе, па го направила во рерна, посакала кисела зелка, па ја нарачале од Австрија, цело буре, ферментирана и подготвена за консумирање и секако веќе испробана за сарми. За да не се случи да посакаат, а да нема, Јаневци се снабдиле и со домашни чварки, ајвар и пинџур од Македонија, ама бидејќи е Маре љубопитна и секогаш сака да експериментира, го прави тоа и со некои за нас непознати намирници.

„Најдов јапонски модри патлиџани, долгнавести тенки и ги направив со зачини, павлака, лукче, како мозок беа“, се смее таа и ни вели дека успеала да најде и свеж турски кадаиф па го приготвила по свое за сопственикот на куќата во која живеат таму. Тој пак, иако Авганистанец, толку го бендисал кадаифот што замолил за рецепт и дозвола да го фотографира за да ѝ го покаже на жена му.

А Маре не ја мрзи да направи што било што ќе посакаат нејзините најмили, па некако му доаѓа како нешто слично на џубокс, ама за храна.

Неодамна открила дека оттука се и најубавите компири на светот (простете беровчани), од кои направила и превкусни њоки.

Секако, го добивме рецептот, ама ќе мора да се снајдеме со нашите, беровски компир. Ништо не им фали ниту нив, нели?

Состојки:

500г компир

1 јајце

сол и црн пипер по вкус

брашно (е за ова ќе треба сами да видите колку ви треба, а објаснувањето следи подолу)

Приготвување:

Компирите се варат со лушпа. Кога се сварени, се лупат и се пасираат со преса додека се топли. Потоа им се додава едно јајце, малку сол и црн пипер и брашно постепено, колку да се замеси меко тесто, да не се лепи за рака.

Од тестото се прават ленти од кои се сечат мали парчиња, се наросуваат со брашно и се поминуваат на алатка за њоки, добро набрашнета, а ако немате, може и со задниот дел од вилушката.

Се варат во зовриена посолена вода, штом се кренат на површина значи дека се готови.

За сосот:

1 главица кромид се пржи на малку путер. Потоа се додаваат 150 г сечкана сланина, се пропржува кратко, па се додава 1 лажица песто и малку бело вино. На крајот се прелива со 150 мл крем за готвење и се остава да проврие 2-3 минути. Се зачинува со сол и црн пипер и на крајот со малку рендан пармезан.