Ќе се јаде најубавата алва направена по рецептот 1, 2, 3, 4… Почнаа Божиќните пости

2.191

Денеска за православните христијани почнува шестнеделниот божиќен пост, кој е втор по должина на траење, после Велигденскиот и не е толку строг како него. А најубавиот дел за време на постењето е што конечно ќе имате мотив да ја направите највкусната домашна алва од гриз.

Божиќниот пост кој трае 40 дена, односно до Божиќ, 7 јануари, започна денес, впрочем, како и секоја година. Имено, со оглед на тоа што и датумот на Божиќ не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува заклучно со Бадник, 6 јануари.

Божиќниот пост е втор по должина на траење, веднаш по Велигденскиот, а во однос на тежината е полесен од него, односно, се дозволува користење на масло, риба и вино.

Во Православната црква практика е во текот на Божиќниот пост верниците да се исповедаат и по можност да се причестат за да бидат што подостојни во подготовката за празнување на Христовото раѓање – Божиќ. Целта на постот е да се „исчистат” духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. За време на божикниот пост, посни се и сите славски трпези.

Е сега, за оние што се по благото, еве го и најубавиот рецепт што може да си го прават за време на постите, рецептот за домашна алва од гриз, позната и како 1, 2, 3, 4… Бројките се однесуваат на количината на основните состојки што одат во неа.

Еве го и рецептот:

Рецепт за алва… 1, 2, 3, 4

1 шолјичка зејтин

2 шолјички гриз

3 шолјички шеќер

4 шолјички вода

Приготвување:

Зејтинот и гризот се ставаат во тавче и се пржат додека не се зарумени гризот, односно, додека не почне да ја менува бојата, но не смее да стане кафеава. Се додаваат шеќерот и водата и се вари додека да се впие водата. Потоа се вади со голема лажица и се става во чинија за послужување.

Е сега, освен овие основни состојки кои одат во тој сооднос од 1, 2, 3 и 4 шолјички, можете да си додадете по желба и други состојки. На пример, ако ставате ореви како ние, тогаш ставете ги да се пропржат заедно со гризот, а кога ќе биде готова алвата поросете ја со мелени ореви.

Исто така, можете шеќерот да го замените и со нешто друго. На пример, ни ставивме пола од количината шеќер, а пола сируп од слатко од тикви. Секако, можете да ставите и некоја поздрава замена како сируп од урми, мед или јаворов шеќер. Ама искрено, највкусна е во оваа варијанта како што ја правеа нашите баби и дедовци.