Богати турски локуми, алви и пишмании во срцето на Скопје

6.338

За тоа што вљубениците во оригиналните турски локуми сега, за да ги купат повеќе не мора да одат дури во Турција, можеме да ѝ заблагодариме на големата љубов помеѓу еден Турчин и една Македонка.

Турците се познати по своите слатки специјалитети, најчесто, толку слатки што по нив цел ден ќе треба да пиете вода и кои ќе ве заситат за секунда, но најпознати се по локумот кој редовно го служат со кафе или чај. Тоа го знаеме сите, но ако мислите дека знаете што е локум ако не сте ги пробале оние што се прават во Турција, тогаш многу грешите бидејќи овие локуми се далеку од сите што сте го пробале досега кај нас.

Токму тие, како што ги викаат, турски богати локуми, сега ги има и во срцето на старата чаршија во Скопје, благодарение на тоа што еден асли Турчин се вљубил во Македонка и пред две години решил да дојде во Скопје и да го рашири семејниот бизнис од Истанбул.

Турчинот Батурај Пак е сопственик на продавницата „Амбросиа натурал“ во централниот ден на скопската чаршија. За жал, со него не се видовме бидејќи, како што дознавме од неговите вработени, имал итна ситуација со своите двајца миленици кои морал да ги однесе на ветеринар.

Двете девојки вработени во продавницата, Турчинките Ѓулизал и Еннур, имаа полни усти со пофалби за својот работодавец, за кој рекоа дека е многу иновативен, креативен, но пред сè, добар човек.

Инаку, сопственикот е по професија архитект, а неговата сопруга е докторка. Се запознале во Украина и ете, благодарение на големата љубов што се родила помеѓу нив, ние сега ќе си јадеме вкусни локуми во Скопје.

Во продавницата, со оглед на разновидноста и големиот избор на локуми, великодушно ви нудат пред да си одберете од кој да купите, прво да ги испробате. Така, муштериите кои навалија во продавницата само пет минути откако го почнавме разговорот со Ѓул и со Еннур, многу брзо ја испразнија и големата тацна на која беа наредени повеќе видови од овие вкусни и шарени деликатеси.

Оваа пракса „прво пробајте, потоа купете“ ја вовеле свесни за тоа дека многумина можеби никогаш претходно не пробале вакви турски локуми па тешко ќе можат да се одлучат.

Така, на моја голема жалост, тацната со локуми за муштериите се празнеше со молскавична брзина.

Кога ќе прочитате дека е ова продавница за локуми, не ни помислувајте дека се тоа оние локуми на кои сме навикнати кај нас. Затоа што, дефинитивно, не се.

Во овие локуми преовладуваат крцкавите јаткасти плодови и кремот од истите, мед, кајмак, чоколадо, но и различно овошја. Затоа, тука навистина ќе се најдете пред тешка одлука. Дали да земете од оние чоколадните со ф’стаци и крем од бадем, или од оние со кајмак, мед и печен бадем, овошни, од брусница или од роза, калинка и ф’стак, или пак од оние со мак или со кокос.

А кога човек ќе ги проба турските локуми, почнува да се прашува, дали можеби затоа сме трпеле пет века турско! Но, шега на страна, кога ќе влезете во оваа продавница во скопската чаршија, дефинитивно, ќе се изгубите во изборот и богатството на вкусови и бои кои ќе ви ги понудат прво на тацна, а потоа, откако ќе испробате и ќе се одлучите, ќе ви ги спакуваат во кутија и ќе ве испратат со насмевка.

Инаку, во продавницата, освен локуми, има и многу други специјалитети карактеристични за Турција, па така, тука може да се најде и најразлично суво овошје, од оние што ги има и на други места, како урми, кајсии и смокви, па до оние кои не сме ги виделе досега кај нас, на пример, сушени дудинки и кумквати или пак турски кафиња со ф’стаци, лешници или кардамом.

Тука ќе најдете и најразлични видови оцети и мармалади, бидејќи, како што вели Ѓул, Турците прават оцет буквално од сè, од ореви, од мушмули, од смокви, артичоки, калинки, мармалади од рогач, од урми, дудинки и грозје, егзотични зачини и уште многу интересни нешта.

На пример, тука ќе најдете и шеќерна волна спакувана во кутија, алви и таканаречени пишмании, уште едни слатки кои, како што ни објаснија девојките, се толку слатки што може да сте и пишман што сте ги изеле.

Има тука и различни алви, чаеви и јатки на мерење, а тука се и бомбците со сладок морков и ф’стаци и таканаречените амајлии, слатки полнети со крем од ф’стаци.

Инаку, сите овие деликатеси се прават во семејната фабрика на Пак во Истанбул од каде што се носат сега и тука, кај нас. Иако не станува збор за нова продавница, односно, таа функционирала речиси година ипол и во ТЦ Мавровка, за неа повеќето од нас дознавме откако пред 8 месеци ја смени локацијата и одлично се вклопи во нашата убава чаршија.

Што се однесува до сопственикот, тој веќе научил македонски и е задоволен од својата одлука, наместо едно исто, месарници и кебапчилници, да донесе во Скопје нешто ново, што не може да се најде на ниту едно друго место во градот, односно, во државата.