Машка кокос торта

809

Ако сакате кокос, тогаш пробајте ја оваа торта. Нашиот читател Коста кој ни ги испрати рецептот и фотографијата вели дека лесно се прави и многу е вкусна. Коста ќе добие два готвачи за торти и колачи од „Топер“

Веќе знаеме дека повеќето професионални готвачи се мажи, а гледаме дека стана тренд мажите сега сѐ повеќе да готват и дома. И не само да зготват нешто за ручек и вечера, туку да направат и вкусен десерт.

Нашиот читател Коста ни го испрати овој едноставен рецепт за вкусна и сочна кокос-торта, а ние ќе го наградиме со два готвачи за торти и колачи од „Топер“.

Останаа уште неколку готвачи, па побрзајте и споделете ги со нас вашите рецепти.

Состојки:

2 јајца
200 г шеќер
200 мл млеко
100 мл масло
200 г брашно
1 прашок за печиво
2 лажици какао

За филот:

1 литар млеко
150 г шеќер
7 лажици гриз
200 г кокос

Приготвување:

Прво пригответе го филот: Во 200 мл млеко ставете гриз и оставете го настрана. Ставете го преостанатото млеко (800 мл) во тенџере да зоврие, а потоа додадете шеќер и смесата од млеко и гриз.

Варете со постојано мешање, додека да добиете смеса малку поретка од густината на пудинг. Потоа тргнете од оган, додадете 200 г кокос и измешајте.

Сега на ред е приготвувањето на кората: јајцата изматете ги со шеќер и кога се добро изматени додадете млеко, масло и брашно во кое претходно сте промешале прашок за печиво и какао.

Половина од оваа смеса истурете ја во калап број 30 и ставете во рерна да се пече на 180 степени. Кога е до половина печена, извадете од рерна, распоредете го приготвениот фил, а преку филот преостанатата смеса за кора и вратете во рерна да се допече до крај.

Извадете ја тортата и украсете ја по желба. Можете одозгора да ја прелиете со чоколадна глазура или едноставно само да ја поросите со кокос.