Зоран Мајновски, готвач и сопственик на бутикот за готвена храна „Естел Фуд Гуру“ во Аеродром вели дека се драстично поскапени сите прехранбени производи, но најдрастично е поскапено и она што беше најевтино – палминото масло. Од ланската цена од 1050 денари за 20 литри, палминото масло сега чини 2.700 денари
Откако војната во Украина ги испразни рафтовите на маркетите, а прво го снема зејтинот, луѓето се свртеа кон алтернативните варијанти меѓу кои се и оние поевтините – свинската маст и палминото масло.
Палминото масло е едно од растителните масла кое благодарение на својот состав и хранливост, најде широка примена во козметиката и кулинарството ширум светот, но од друга страна, поради сè поголемата комерцијална побарувачка, во Индонезија и Малезија секоја година се уништуваат сè поголеми површини на дождовни шуми па палмините плантажи и користењето на палмино масло наидува на остра критика од страна на еколозите.
Кај нас палминото масло е во широка употреба во сендвичарите и во рестораните кои и досега го користеа, пред сè, заради неговите карактеристики кои се однесуваат на високата точка на согорување, која изнесува околу 430-455°C. Меѓутоа, велат дека со кризата во Украина и неговата цена е драстично зголемена.„Палминото масло е одлична алтернатива на сончогледовото масло кое при пржење веднаш гори за разлика од палминото кое има висока точка на согорување. Ама сега и тоа е драстично поскапено. Ако лани ова време чинеше 1050 денари за 20 литри, сега чини 2.700 денари“, вели Зоран Мајновски, готвач и сопственик на бутикот за готвена храна „Естел Фуд Гуру“ во Аеродром. Тој додава дека освен палминото масло, драстично се поскапени сите прехранбени производи, па ако порано луѓето јаделе телешки мускул, сега најчесто јадат ориз и компири.
„Пилешкиот стек е поскапен од 115 на 250 денари за килограм, шеќерот е поскапен за 30 денари, зејтинот, брашното, месото, буквално сè е поскапено, па и ние моравме да ги качиме цените на нашите готвени јадења. Сепак, гледаме дека луѓето немаат пари па се бориме да не ги качуваме засега уште, туку да останеме што подолго на она покачување од само 15 проценти“, вели тој.
И од сендвичарите кои се најголеми потрошувачи на палмино масло потврдуваат дека цената на ова масло кое досега важеше за најевтино, е драстично зголемена, па и тие се принудени да ги зголемат своите цени.
Палминото масло се добива со цедење на црвено-жолти плодови од палмините посеви. Овој вид на палма е со потекло од африканскиот континент, но денес се одгледува претежно во југоисточна Азија, односно во Индонезија и Малезија.
Ова масло има црвеникава боја, поради високата количина на бета каротен. Изобилува со витамини А и Е, како и со висок процент на незаситени масни киселини. Во југоисточна Азија палминото масло секојдневно се користи во исхраната, а на локалното население во Северна Суматра работата на палмините плантажи е еден од главните извори на приходи.
Она со што производителите најчесто ја објаснуваат неговата широка употреба е високата точка на вриење, тоа што не содржи транс масти и е многу евтино.
Се проценува дека ова растително масло се наоѓа барем во пола од производите достапни на полиците на супермаркетите.