Зачувајте ги овошјето и зеленчукот за во зима: Сушењето на плодовите е одлична идеја

Фото: Unsplash
290

Во минатото кога немало струја ниту фрижидери луѓето имале разни начини на кои ги подготвувале намирниците за да ги зачуваат за зима. Еден од начините за ова било сушењето. И не се сушеле само пиперки

Порано, кога немало фрижидери, луѓето морале да се снаоѓаат за да ги зачуваат намирниците. Исто како и месото, нашите претци го сушеле и зеленчукот за да имаат во текот на зимата доволно храна.

Сушењето на зеленчукот не е тешко и може да биде многу забавна работа за целото семејство, а ако не сакате да го замрзнувате, следете ги следните чекори и исушете го зеленчукот на вистински начин, баш онака како што се правело некогаш.

За почеток, потребно е да набавите свеж, органски одгледан зеленчук, а се разбира, најдобро е ако имате своја градина. Наберете ги плодовите, внимателно измијте ги, а потоа убаво избришете ги, затоа што ако остане влага, на зеленчукот може да се развие мувла. Исто така, се препорачува одделен зеленчук, како што е на пример боранијата, накусо да се бланшира во вода и на тој начин да се убијат сите бактерии кои би можеле да произведат мувла.

Од алати ви се потребни голема игла и кулинарски конец на кој ќе ги нижете вашите плодови (овошје или зеленчук), па полека почнувајте да ги нижете.

Откако ќе го нанижете конецот, одберете топло и добро осветлено место кадешто ќе ги закачите низите. Поентата е да најдете место кое е сончево и на кое зеленчукот брзо ќе се исуши, но не пребрзо за да биде однадвор суво, а од внатре влажно.

Времето за сушење зависи од местото на кое се суши, па ако ги ставите низите на прозорците кои се на сончевата страна, ќе ви бидат потребни само околу две недели. Откако плодовите ќе се исушат, ставете ги во стерилизирани тегли со херметичко затварање.

Може да се суши речиси секој зеленчук, а најдобар вкус имаат печурките, јаболката, боранијата, а можете да пробате и брокули, моркови, кромид, грашок…

Сушениот зеленчук додавајте го во супи и во гулаши, а ако ги смелете во мелница за кафе, можете да ги користите и како зачин, особено кога станува збор за кромидот и пиперката.