Излижи си ја чинијата, не си ја оставај среќата и мисли на децата од Африка!

Фото: Unsplash
230

Моите колеги од соседната канцеларија со по некој килограм вишок, си се жалеа деновиве еден на друг како се здебелиле само затоа што се жртви на воспитувањето. Кога биле мали им велеле да си ја излижат чинијата, да не си ја оставаат среќата и да се сетат дека децата во Африка гладуваат. Е сега, драги колеги, пријатели и останати жртви на воспитувањето, шега настрана, ама време е за реорганизација во кујните

Сигурно сте слушнале многумина како се жалат дека се здебелиле затоа што дома ја презеле улогата на, како што велат, „канта за отпадоци“. Дојадуваат сѐ што останува од семејните оброци. Така и моите колеги од соседната канцеларија со по некој килограм вишок, си се жалеа деновиве еден на друг како се здебелиле само затоа што така ги воспитале кога биле мали: да си ја излижат чинијата, да не си ја оставаат среќата и да се сетат дека децата во Африка гладуваат.

„Не си ја оставај среќата“ е реченицата која сите ние често сме ја слушале како деца, а се однесува на онаа ситуација кога ќе ја изедете речиси целата порција, но некако за последните залаци немате веќе место.

„Луѓето во Африка немаат што да јадат, а вие оставате по чиниите! Еее, да му е ова на некое дете од Африка со отечено стомаче, со очи ќе го изеде!“ Овие реченици се сигурно најповторуваните реченици, особено во семејствата со пребирливи деца или деца кои немаат апетит.

Зборувајќи на темава, колегите си го посочуваат примерот на нивни поранешен колега кој никогаш немал проблем со тежината затоа што секогаш веднаш го тргал лебот од чинијата, а речиси секогаш оставал половина оброк. Духовито коментираа дека тие залудно се дебелеат бидејќи, очигледно, од тоа немаат ама баш никаква корист децата од Африка. Имено, храната која ја оставиле нивните деца во чиниите, доколку тие не ја дојадат со сила, секако нема да заврши кај гладните во Африка.

Точно, во право се! Ама не се согласувам дека решението на колегата кој оставал пола порција недојадена е вистинско решение. Освен што, се разбира, е добро за неговата килажа.

Мајките обично им кажуваат на децата да ја испразнат, а едно време дури велеа и дека треба да ја излижат чинијата, па знаеја и да споредуваат: „Види како брат ти изел сè од чинијата, ја измакал и ја излижал, дури и не морам да ја мијам, а ти, сѐ си оставил“.

Некои луѓе мислат дека е непристојно да се „излиже чинијата“, односно, да се изеде баш сè што има во неа. Па сега, дилемата кои би биле добрите манири, станува веќе збунувачка.
Ама нели е тоа застарено?! Мислењето дека треба да се остави малку храна во чинијата потекнува од минатото, од побогатите класи кои сакале да покажат дека се доволно богати за да си дозволат да оставаат храна.

Подоцна се појави уште еден обичај, оној кој вели дека не е учтиво во чинијата да ставаш повеќе храна отколку што можеш да изедеш. Навистина не се сметаше за задолжително „лижење на чинијата“ со леб, но и поголемите остатоци не беа пожелни, па ваквите луѓе изгледаа едноставно непристојно или како ненаситни деца кое знаат дека се гладни, ама не знаат колку се гладни.
Во денешно време, во суштина, нема строги правила, особено не ако јадете во ресторан каде што храната се служи во чинии – некои ресторани служат храна во мали порции, а некои служат толку големи порции што, освен ако не сте личност со огромен апетит, можете само беспомошно да ги гледате. Секако, наместо да ја оставите храната, фала му на Бога, повеќе не е срамота да замолите да ви ја спакуваат па да си ја јадете подоцна или следниот ден и да запомните за следниот пат кога ќе одите таму, да нарачате една порција за двајца.
Ако сте баш гладни, воопшто не е непристојно да изедете сè од чинијата. Она што може да биде несоодветно е ако сами одлучувате колку храна да ставите во вашата чинија, па ставате толку многу што некаде на половина пат од оброкот ќе сфатите дека не сте толку гладни.
Накратко, правилото би било дека е сосема во ред да јадете онолку колку што ви се јаде, но кога нарачувате, кога купувате и кога подготвувате, секогаш добро пресметајте.

Можеби е време и да си го исфрлите од глава она дека е подобро да остане (и да се фрли) отколку да нема доволно. Не, не е подобро. Подобро е да се изеде сè, а ако нешто остане, да се искомбинира со уште нешто и да се послужи следниот ден, или пак, ако било премалку, да се послужи малку леб и путер, па кој е уште гладен, да се дојаде.

И најважно од сè, не ја полнете чинијата со многу повеќе храна од тоа што можете да изедете, а ако за нешто не сте сигурни дали ќе ви се допадне затоа што никогаш претходно не сте пробале, тогаш земете само едно мало, најмало залче. Ако ви се допаѓа, секогаш е во ред да си земете уште малку.

Според податоците на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО), речиси една третина од храната произведена во светот се фрла, а оваа количина би била доволна за да се прехранат околу една милијарда гладни луѓе во светот.

Сетете се дека храната фрлена на депониите е еден од најголемите извори на стакленички гасови (запалив метан и јаглерод диоксид) кои придонесуваат за глобалното затоплување. Според проценките на Програмата на Обединетите нации за животна средина, отпадот од храна придонесува со 8 до 10 проценти од глобалните емисии на стакленички гасови. Ако отпадот од храна беше земја, таа ќе беше трет најголем испуштач на овие гасови во светот, веднаш по Кина и Америка. Секако, отпадот од храна не се создава само во домаќинствата, туку доаѓа од сите етапи на нивниот пат до трпезите, од нивите до преработката на овошје и зеленчук, од рестораните и пазарите, сите во синџирот на производство и преработка го отфрлаат био-отпадот поради стандардите во однос на изгледот, квалитетот и барањата на пазарот.

Ова доведува до ситуација кога храната која е целосно погодна за употреба се фрла и завршува на депониите.

Значи, драги мои колеги, пријатели и сите останати кои се дебелеете затоа што дојадувате сè што ќе остават другите членови од семејството по чиниите, време е да направите реорганизација во домот и да го смените погледот на светот. Она што секој може да го примени во својот дом е да ги планира оброците и купувањето намирници, да ги користи преостанатите оброци, да подарува вишок храна или оброци, да споделува со соседите и пријателите, да започне со компостирање.

И доста веќе се жртвувавте за семејството! Договорете се да ги преполовите порциите за секој од домашните, па ќе видите дека повеќе нема да се фрла храна. А добро е што конечно и вие ќе успеете да ги намалите килограмите што ви пречат. Или ќе треба само да смислите нов изговор за истите. Мислам тогаш, кога ќе престанете да бидете „канта за отпадоци„.