Изел 720 јајца за еден месец: Што се случило со холестеролот после експериментот?

Фото: Pexels
1

Ник Норвиц, докторант на Харвард и застапник на кетогената исхрана, решил да провери што се случува со телото кога се јаде екстремна количина јајца во екстремно краток временски период. За само еден месец, тој консумирал дури 720 јајца, во просек 24 дневно.

Јајцата се една од најпопуларните намирници во светот, едноставни, евтини, разновидни и богати со хранливи материи. Варени, пржени, печени или измешани во колачи и тестенини, јајцата се составен дел од речиси секоја кујна.

Спортистите често ги нарекуваат суперхрана поради нивната висока содржина на протеини, додека некои лекари предупредуваат дека прекумерната консумација може да го зголеми холестеролот и да го оптовари срцето. Затоа еден млад научник решил да направи експеримент кој го привлече вниманието на целиот интернет.

Ник Норвиц, докторант на Харвард и застапник на кетогената исхрана, решил да провери што се случува со телото кога се јаде екстремна количина јајца во екстремно краток временски период. За само еден месец, тој консумирал дури 720 јајца, во просек 24 дневно.

Ги јадел во секоја можна форма: кајгана, пржени јајца, полнети јајца, тврдо варени, омлети. Сето ова го вклучил во својата вообичаена кетогена исхрана, која била богата со месо, риба, маслиново масло, јаткасти плодови, темно чоколадо, сирење и јогурт.

Исто така, продолжил со својата рутина на вежбање, а по еден месец од овој режим, Норвиц направил крвен тест за да ги провери нивоата на холестерол и маркерите за здравјето на срцето. Резултатите го изненадиле: неговиот LDL холестерол, односно, „лошиот“ холестерол, се намалил за дури 18 проценти.

– Претпоставував дека мојот холестерол нема да се покачи, но не очекував да се намали. Иако го зголемив внесот на холестерол петкратно, мојот LDL всушност се намали – рекол тој.

Во вториот дел од експериментот, тој решил дополнително да ги комплицира работите. Во последните две недели, вовел и 60 грама јаглехидрати дневно во својата исхрана, главно преку овошје како банани, боровинки и цреши. Резултатот бил уште подраматичен, неговиот LDL се намалил за дополнителни 20 проценти. Тој објасни дека кај луѓето на диети со многу малку јаглехидрати, LDL понекогаш се зголемува додека телото се префрла на согорување на масти како примарен извор на енергија.

Кога јаглехидратите повторно се воведуваат, метаболизмот се прилагодува и LDL се намалува.

Норвиц нагласува дека неговиот експеримент не е обид да докаже дека јајцата се совршена храна или дека кетогената диета е најдобриот избор за сите. Неговата цел, вели тој, била да покаже колку е сложен човечкиот метаболизам и како различни фактори, од исхраната до генетиката, можат да влијаат на нивото на холестерол.

– Не постои диета што им одговара на сите. Некои луѓе сакаат да го подобрат здравјето на срцето, други сакаат да живеат подолго, а трети сакаат повеќе енергија. Исхраната мора да биде прилагодена на поединецот, а не обратно – вели тој.

Неговиот експеримент повторно ја отвори дебатата за тоа дали јајцата се навистина опасни за здравјето. Иако резултатите покажуваат дека дури и екстремните количини јајца не мора нужно да ги влошат здравствените параметри, експертите предупредуваат дека ваквите експерименти не треба да се земаат како универзална препорака. Норвиц е здрав, млад и под медицински надзор, што не е случај со секого.

Лекарите продолжуваат да советуваат претпазливост за луѓето кои веќе имаат висок холестерол, срцеви заболувања или други фактори на ризик. За нив, ненадејните и драстични промени во исхраната би можеле да бидат опасни.

Норвиц, сепак, најавува дека ова е само почеток. Тој планира да продолжи со експерименти за да ја доближи науката за метаболизмот до јавноста и да ги отфрли митовите што се повторуваат со години без доволно докази.