Здравата храна почнува од семето и токму тоа е првата алка во синџирот на исхраната. За жал, тоа не им паѓа на памет дури ниту на оние кои имаат свои градини и мислат дека одгледуваат органски зеленчук, а купуваат расад од непроверени извори. Сезер ги повикува сите чувари на македонскиот агробиодиверзитет, сите собирачи и одгледувачи на автохтони семиња да ги разменуваат меѓусебе и да им дадат нова шанса на старите семиња.
Денес сите зборуваме за тоа колку е загадена почвата, воздухот, водата, колку храната што ја јадеме е полна со хемија и колку е стресно нашето секојдневје. Повеќето од нас се депресивни, разочарани, осамени, но понекогаш, меѓу оние околу нас, кои суетни, кои себични, кои доволни сами на себе, кои од интерес, кои од немајкаде, ќе се најде и некој што онака од нигде никаде, без никаква причина или очекување, од срце, џентлменски, ќе ви подари навидум безначаен и ситен подарок и ќе ве израдува како да ви го подарил светот.
Станува збор за нашиот пријател од Слоу фуд Охрид, Турчинот Сезер Акин, родум од турскиот град Ајдин, а од пред нешто повеќе од една деценија, жител на Охрид и охридски зет, кој освен што одгледува органски зеленчуци и прави традиционални специјалитети со необични додатоци, реши да ги сподели и неговите грижливо собирани семиња со стотина луѓе заинтересирани да си засадат своја градина, но и да расфрли по некоја бомба со семе на празните и неискористени парчиња земја.
Напролет, заедно со пријателите од Слоу фуд Македонија тој планира да ја повтори оваа акција – да расфрлат семиња од различни полски цвеќиња во уште поголем обем.
Сезер Акин, како голем поборник за одгледување на органски и зеленчук од автохтони семиња кои грижливо ги собира, наместо љубоморно да ги чува, ги сподели со стотина луѓе, испраќајќи им ги како оригинална постновогодишна честитка. Семиња од пиперки, домати, црвени, жолти и црни шери доматчиња, артичок, боранија, бакла, аџур (бела краставица), ајдин караси (тенок модар патлиџан), ама и сончоглед и џунџуле за кои вели дека се вистински природни заштитници на зеленчукот. Својата љубов кон органскиот зеленчук сака да им ја пренесе на другите луѓе и на љубителите на градинарството.
„Секогаш е добро да знаеме од каде доаѓа нашата храна, кога е собрана и колку е свежа. А за ова постојат два начини: да купувате локална и сезонска храна или да ја одгледувате сами“, вели Сезер охрабрувајќи ги оние кои, како што вели, сакаат да се хранат здраво, а постојано се жалат или дека немаат градина, односно, живеат во станови или дека немаат време за да се грижат за градината.
Сезер сака да ги поттикне луѓето да направат промена во својот живот и да го направат тоа токму во својот дом. Да одгледуваат зеленчук во кој ќе можат да уживаат на своите балкони и тераси или да почнат од правење домашен леб и јогурт.
„Ако вашиот прв обид за градинарство била саксија со зачински билки на прозорецот, а тие преживеале, тогаш сте подготвени за вистинското нешто“, вели Сезер.
И навистина има нешто многу посебно во тоа да можете да обезбедите свежа и здрава храна за себе и за своето семејство. На тој начин точно знаете што јадете. Освен тоа, повеќето луѓе сметаат дека грижата за градината е релаксирачка, што не е изненадувачки бидејќи садењето семиња и растенија претставува еден вид мешавина помеѓу медитација и спорт. Градинарството нè поврзува со нашата околина, но бара и вистинска физичка активност на свеж воздух. И нема подобар начин да го следите вашиот напредок отколку да го „жнеете“ она што сте го посеале – буквално.
А здравата храна, вели, Сезер, почнува од семето. Дури потоа доаѓа одгледувањето. Разликата помеѓу органскиот и конвенционалниот зеленчук е тоа што ако на пример, со конвенционално производство на илјада квадрати земјиште ќе одгледате 5 тони зеленчук, со органско производство ќе добиете 2 тони, но вкусен, одржлив и здрав.
А првата алка во синџирот на исхраната, семето, за жал, не им паѓа на памет ниту на оние што редовно ги читаат декларациите на производите, ниту, пак, на луѓето кои имаат свои градини и купуваат расад од непроверени производители на зелените пазари. Сезер ги повикува сите чувари на македонскиот агробиодиверзитет, сите собирачи и одгледувачи на автохтони семиња да ги разменуваат меѓусебе и да им дадат нова шанса на старите семиња.
Неговиот совет до сите оние кои ќе си засадат своја градина е да го заштитат зеленчукот такашто ќе засадат по некој сончоглед, џунџуле и зачински билки кои се одлични заштитници за околните растенија од инсекти.
Патем, тој, покрај другите интересни производи, меѓу кои и охридско макало со лук и со артичок, ајвар и лутеница збогатена со халапењо пиперчиња, слатко од чери домати, тој прави и мармалад од џунџулиња и од булки, или како што ги викаат на турски, гиринџик.
„Дали имаат прифатлив вкус, зависи од отвореноста на умот за нови вкусови, а што се однесува до мене, сѐ што ни дала природата може да се користи и за јадење. Има уште многу работи во природата што сакам да ги испробам. На пример, кај еден пријател испробав ракија од магарешки трн што ми даде идеја јас да направам ракија од артичок, со оглед на тоа што се тие од исто семејство (артичокот и магарешкиот трн)“, вели Сезер, кој навистина мислел на сѐ кога ги подготвувал пакетите со семиња па вели:
„Имате доволно за вас, од цвеќиња, салати, зеленчук. Семето претставува плодност и изобилство што ќе излезе од вашите градини во новата година и среќна и радосна смеа на вашите трпези.
Споделувањето и помагањето ги зголемува плодноста и среќата, носи мирни и убави денови“, порачува тој.