Во ред е да се отсече мувлосаниот дел кога се работи за тврдо овошје и зеленчук, но треба да се внимава да не се допира мувлата со ножот за да се избегне вкрстена контаминација, односно префрлање на мувла на друг дел од таа или од друга намирница.
Со оглед на значителната конфузија околу тоа дали мувлосаната храна е безбедна за јадење или не, експертката за безбедност на храна Силвија Андерсон објасни за Инсајдер дека во зависност од видот на храната, понекогаш може да биде сосема во ред да се отстрани мувлата и да се јаде остатокот од храната.
Храна што можете да ја јадете откако ќе ја отстраните мувлата
Со оглед на дивеењето на цените на храната ширум Европа, многу луѓе во денешно време ќе ја отстранат мувлата и сепак ќе ја консумираат храната, вели Андерсон, додавајќи дека таа, кога би ја отстранила мувлата од било што, задолжително би отсекла околу 2,5 цм од производот. Таа објаснува дека е во ред да се отсече мувлосаниот дел кога се работи за тврдо овошје и зеленчук, но треба да се внимава да не се допира мувлата со ножот за да се избегне вкрстена контаминација, односно префрлање на мувла на друг дел од таа или од друга намирница. Таа додава дека мувлата може да ја отстраните и од тврдото сирење или од тврди сувомеснати производи, како тврди салами и колбаси.
Наспротив мислењето на некои други, Андерсон вели дека е сосема во ред да се отстрани мувла од површината на џемовите и да се јаде остатокот, додавајќи дека џемот содржи многу шеќер, кој делува како конзерванс. Секако, јасно ѝ е дека многумина не би сакале да јадат ваков џем, но важно е да се знае дека е безбеден за консумирање, а се останато зависи од личните убедувања.
Храна која не треба да ја консумирате доколку има мувла
Кога станува збор за храната што треба да се избегнува, Андерсон вели дека не би јадела храна како јогурт, крем или меко сирење доколку има мувла. Имено, дури и да го отстраните, има доволно влажна подлога одоздола каде што мувлата сè уште може да напредува. Што се однесува до сосот за тестенини, Андерсон предупредува дека во никој случај не треба да се отстранува видливата мувла од него со лажица. Дури и ако не видите ронка мувла останата откако ќе ја соберете со лажица, тоа не значи дека храната може да се јаде. Не се работи само за гадливост, бидејќи некои видови мувла произведуваат токсични материи кои можат да предизвикаат алергиска реакција, па затоа е подобро да се биде внимателен. Конечно призна дека еднаш ја пресекла мувлата од последното парче леб кога очајно сакала да изеде тост.
„Но, кога се обидов да каснам, мирисот беше толку одвратен што се откажав“, вели таа и додава дека генерално не се препорачува да се јаде леб на кој имало видлива мувла, дури и откако ќе го отсечете тој дел.
Како да се избегне формирање на мувла
• Чувајте ги овошјето и зеленчукот во посебни пластични кеси во фиоките на фрижидерот
• Готвената храна треба да биде покриена за да не дојде во контакт со спори на габи во воздухот или покриена со фолија
• Што почесто чистете го фрижидерот и садот во кој го чувате лебот.