Витезот на сланината и светски шпампион за производство на сланина, гостиварчанецот Дамјан Гаврилоски веќе го спрема својот наследник за продолжување на традицијата која тој ја наследил од неговите баби и дедовци. Со своите фантастични производи ги доведува во искушение и заколнатите вегетаријанци
Во саботата, во „Среќа бар“ во Скопје на настанот организиран од здружените производители на зреено месо и Слоу фуд Македонија, покрај другите слоу фуд производители, учествуваше и гостиварчанецот Дамјан Гаврилоски. Тој е од оние производители кои не се плашат од конкуренција, напротив, сакаат да ја има што повеќе.
Го прашавме овој мајстор на својот занает, Дамјан, како се случи годинава да биде прогласен за витез на традиционалната „Сланинијада“, во Качарево, соседна Србија.
Имено, иако нашите соседи се горди на своето мајсторство кога станува збор за производство на сланина, нашиот мајстор Дамјан Гаврилоски во повеќе наврати „ги тепа на нивни терен“.
Сепак, скромен каков што е, на сланинијадата која се одржа на почетокот од оваа година во Качарево, тој однапред се откажал од наградата велејќи: Јас годинава не сакам награда бидејќи ја добиваме веќе 4 години по ред, па мислам дека треба да им оставиме простор и на другите производители кои доаѓаат од разни страни на светот.
Домаќините сепак не сакале повеќекратниот шампион да остане неправедно без никаква награда па решиле да му ја доделат специјалната награда што ја смислиле токму за него – го прогласиле за витез на сланината.
Инаку, овој настан во Качарево е најголемиот саем на сланина во светот на кој доаѓаат повеќе од 100.000 посетители од целиот свет и токму тука нашиот гостиварчанец успешно не претставува секоја година и е навистина омилен лик.
И тоа не е единствената манифестација на која Гаврилоски победува. Имено, не само сланината, туку награди жнеат и неговите колбаси, а нивното производство, како и она на сланината и други сувомеснати трајни производи и колбаси се долги години дел од неговата семејна традиција, наследство од неговите баби и дедовци, наследство кое тој сега веќе лека-полека почнува да му го пренесува и на својот син.
И оваа сабота (3.јуни), како и минатата, во „Среќа бар“, Гаврилоски ќе дојде за да ја збогати понудата на настанот во организација на Слоу фуд, во Паркот на франкофонијата во Скопје.