Ружите не се само за мирисање: Направете супа, оцет, сладолед…сѐ од рози

Фото: Pexels
197

Избравме четири фантастични рецепти кои на најдобар можен начин ќе го истакнат заводливиот вкус и мирис на розите. Осмелете се и пробајте нешто ново и интересно!


Кралицата на цвеќињата и на пролетта – розата, не е само украс на нашите градини и домови, туку е (во нашето поднебје) и прилично потценет гастрономски деликатес. Покрај ароматичните мешавини на зачини со роза, кои можете да ги ставите на пилешко, мисиркино, на јагнешко и друго месо, во западната култура розите почесто се користат и во десерти и други слатки јадења.

Розата одлично оди со мед, суви кајсии и шафран, како и со овошје како јагоди и малини. А ние избравме четири фантастични рецепти кои на најдобар можен начин ќе го изнесат заводливиот вкус и мирис на овој прекрасен цвет.

Супа од грашок со пена од рози
Состојки (за 4 лица):

500 гр замрзнат грашок
1 кромид
2 лажици путер
800 мл супа од зеленчук
100 мл павлака за готвење
сол и црн пипер
100 мл незасладена слатка павлака
1 капка есенцијално масло од роза (од природна аптека)
една лажица сок од цвекло
непрскани ливчиња од роза

Приготвување:

Излупете го и исечкајте го кромидот и пржете го во 2 лажици путер со 500 гр грашок. Истурете 800 гр супа од зеленчук и 100 мл павлака за готвење, оставете да зоврие и намалете ја топлината. Оставете да врие уште 10 минути.
Готовата супа убаво измешајте ја со миксер и зачинете ја со сол и црн пипер. Измешајте 100 мл незасладена слатка павлака со 1 капка есенцијално масло од роза во полуцврст шлаг, потоа додадете една лажица сок од цвекло и сето тоа измешајте го уште малку.
Супата поделете ја во чинии, украсете ја со пена од роза, поросете со малку мелен пипер и по желба послужете ја со ливчиња од роза.

Оцет од рози
Состојки:

100 гр непрскани ливчиња од роза
1 литар бел вински оцет

Приготвување:

Непрсканите ливчиња од роза измијте ги внимателно под ладна вода, нежно истапкајте ги со кујнска хартија и исечете им го горчливиот бел дел. Така подготвените ливчиња без стискање ставете ги во шише (по можност темно) и прелијте ги со вински оцет.
Затворете го шишето и оставете го на сонце околу 3 недели. Откако ќе го процедите оцетот и ќе го истурите во помали шишиња, чувајте го на ладно и темно место.
Овој деликатесен оцет одлично оди со лиснати салати. Ако сакате да го подарите некому, ставете во шишето свежи ливчиња од роза.

Сладолед од рози
Состојки (за 6 лица):

100 мл млеко
1 јадро од мешунка ванила (може и екстракт од ванила)
3 жолчки
70 гр шеќер
4 непрскани ливчиња од роза
500 мл слатка павлака
100 мл сируп од малини
2 капки масло од роза

Приготвување:

Сварете го млекото со ванилата. Во сад измешајте 3 жолчки со 70 гр шеќер до кремаста маса, додадете го млекото со ванила и изматете ги на пареа. Тргнете го кремот од пареата и повремено мешајте го додека не се излади.
Ливчињата од роза ситно исечкајте ги и измешајте ги со слатката павлака, сирупот од малини и маслото од роза во изладената смеса. Оставете ја смесата во замрзнувач 3 часа и често мешајте ја. По желба послужете го сладоледот со зашеќерени ливчиња од роза.

Зашеќерени ливчиња од роза
Состојки:

30 непрскани ливчиња од роза
2 белки
100 гр шеќер

Приготвување:

Внимателно измијте ги ливчињата од ружа, нежно исушете ги со кујнска хартија и исечете го горчливиот бел долен дел.
Изматете 2 белки во полуцврст снег и потопете ги ливчињата во него. Потоа секое посипете го со шеќер од двете страни и оставете околу 2 дена да се исушат на собна температура.
Доколку сакате да го забрзате процесот, сушете ги околу 3 часа во рерна на 60 Целзиусови степени. Ставете ги во плех или стаклени садови, одвојувајќи ги со слој хартија за печење и чувајте ги така до конзумирање.