Здрави крекери во дует со здрав намаз од цвекло
Ако сте мераклии за грицкање, барем грицкајте нешто здраво. Еве еден испробан рецепт за здрави грицки, во дует со веќе познатиот намаз од цвекло и сирење
Оваа комбинација е одлична за оние кои сакаат да грицкаат, затоа што наместо нездрави чипсови и купечки крекери предлагаме една домашна здрава верзија на крекери од најразлични семки, ладно цедено масло од сончоглед и интегрално брашно.
Рецептот за овие крекери е подолу, а оној за партнерот на грицките, финиот и здрав намаз од цвекло и сирење, побарајте го рецептот ТУКА.
Рецепт за крекери со семки
Количините за овие крекери ќе ги напишеме ориентационо, но нема да згрешите ниту ако ставите нешто повеќе или помалку, важно е само на крајот да добиете смеса што ќе можете да ја развлечете со сукало и да вадите форми.
Мелени семки од:
сончоглед, тиква, лен, ким, вкупно околу 300-350 грама
100 мл ладно цедено масло од сончоглед
сол
150 мл кисела вода
околу 300 г овесно и интегрално брашно кои ќе ги измешате во количини по ваш избор, а можете да ставите наместо нив и некое друго брашно.
Измешајте ги сите состојки и ако е тестото сѐ уше лепливо додадете брашно, а ако ви се чини дека е суво, додадете вода.
Развлечете кора и вадете форми или пак исечете на коцки и редете во тепсија врз хартија за печење. Се печат на 180 степени околу 15-20 минути, во зависност од тоа дали ги сакате поиспечени или не.
Многу се вкусни во комбинација со некој намаз.