Џин-тоник и ореовка со маџун, „сестри по пити“, деца на револуцијата, чувари на традицијата: На гости во селското домаќинство Пирустија Неданоски

1.041

Нашата соговорничка Наташа Неданоска е наставничка, градинар и фармер, домаќинка и чувар на кулинарските богатства што се пренесуваат низ генерации – комат, кошмишпите, питулици, ѓомлезе и сите традиционални јадења кои таа, во селското домаќинство Пирустија Неданоски ги приготвува на пирустија, под сач. Поминавме таму горе, во пазувите на Галичица, еден прекрасен ден полн со вкусови, мириси, изворска вода, месење, сучење, музика на плочи, ореовка и по некој нетрадиционален ама освежителен џин-тоник

Иако веќе неколку пати сум имала можност да се дружам со Наташа Неданоска, срцето и душата на селското домаќинство Пирустија Неданоски, а и да ги вкусам нејзините традиционални сучени специјалитети, иако сум ја гледала како сучи и пее во Торино, на нејзин терен, во селото Рамне отидов дури деновиве.
Дали заради сите пропуштени можности досега или заради малата женска екипа со која бев таму, ова беше навистина прекрасен и многу посебен ден. Јас, во улога на она што обично ѝ се препишува на ракијата (нели велат дека ракијата ги поврзува луѓето) и двете девојки што ми го накалемија описов, гостинките од Лондон, нашата Спасиа Динковски и фотографката Кејтлин Каприо и секако, нашата драга домаќинка Наташа.
Целта на посетата на двете лондончанки беше да се направат последните фотографии за книгата посветена на македонската традиционална кујна која нашата вредна Спасиа ја подготвува за англискиот пазар, а во која, меѓудругите, ќе се најде и приказната за Пирустија Неданоски.


Јас сакав конечно да дојдам и да се уверам на лице место во сето она што дотогаш го имав прочитано, слушнато или видено преку фотографии за оваа убава приказна чие дејствие се случува во пазувите на Галичица, на 913 метри надморска висина.

И не, не е баш така како што си замислував затоа што ниту една фотографија, видео снимено таму или текст, ниту едно кошмишпите и ѓомлезе пробани на некое друго место, не можат да ја заменат автентичната атмосфера, зеленилото, изворите на вода, музиката на плочи, мирисите, вкусовите, цврстата и долга прегратка на Наташа со секоја од нас, проследена со само за неа карактеристичните звуци на срдечност кои звучат некако, како едно долго: мхмхмхмхмх…

Накусо, ништо не е онака како што е кога ќе дојдете и ќе го видите и доживеете сето тоа во 3Д. Многу поубаво е!

Што да ви кажам освен дека, иако најстара во оваа женска четворка, сфатив дека од овие девојки, особено од сестрите по пити (Pie sisters), како што додека ги гледавме онака гушнати во срдечна и долга прегратка, шеговито ги нарече Кејтлин, можам да научам многу работи.


Ѕвезда на оваа приказна овојпат не е Спасиа, туку нашата домаќинка, Наташа. А покрај неа, верувајте, без да навредам некого, повеќето од луѓето кои работат од 9 до 5, би се чувствувале како мрзи.
Затоа што Наташа, освен што ја негува вештината за сукање и готвење обидувајќи се да го зачува вкусот на традиционалната македонска кујна во домаќинската куќа „Пирустија Неданоски“, кадешто на сите посетители кои сакаат, освен што им меси и им сучи, им ја пренесува и својата вештина и малите тајни на мајсторлукот и досега обучила неколку стотици луѓе, е и наставничка по македонски јазик во ООУ „Кочо Рацин“ во Охрид. Ама и таму не работи колку да се рече, туку е целосно посветена, вљубена во својата професија и секако, прави многу повеќе отколку што е во описот на нејзиното работно место.
Ама тое не е сe. Наташа е и член на здружението ГЛАМ Македонија кое се занимава со уредување статии на Википедија на македонски јазик, врши обука на членови и организира конференции за наставници, па оттука, како координатор на Вики клуб Охрид и едукатор за образование, била дел од организацијата и предавач на три конференции за наставници, четири Вики кампови за деца и една меѓународна конференција за Источна и Централна Европа – всушност, во изборот за најдобри едукатори на светско ниво, таа во 2020. година влезе во изборот од најдобри девет од страна на фондацијата Википедија.
За спојот на професијата, страста и хобито, како и многу пропратни активности кои таа ги прави, Наташа вели дека сите искуства кои ги стекнала ги применува во секоја сфера.
„Како македонист и книжевник посакав да оставам зад себе дела на македонски литературен јазик, а подгреана од патриотизам, одлучив да уредувам на Википедија на македонски јазик како дел од светската енциклопедија. Македонската традиционална храна ја негувам со огромна љубов, но уште повеќе сум задоволна кога некого ќе го научам тоа да го прави. Во сè што работам додавам едукативна нота, сè со цел, знаењето или вештината да бидат пренесени и понатаму“, вели таа.
Како наставник и како личност, воопшто, соработува со организации и институции кои имаат голема општествена одговорност. Таа е волонтер, едукатор и соработник со многу од нив.

А дека зачувувањето на традицијата, на она што постоело со векови ѝ е навистина важно се гледа на секој сантиметар од плацот на кој се простира домаќинството Пирустија Неданоски. Трите пирустии (триножни железни столчиња под кои се ложи жар, а врз кои се ставаат тепсиите и сачот), на кои тие ги прават сите традиционални јадења што сакаат да ги зачуваат од заборавот, гордо се шепурат во дворот наместо да лежат фрлени во некој стар подрум и не само тоа, туку и секојдневно се користат.
„Сите јадења што ги научив од мајка ми, баба ми и тетка ми, кои тие ги правеа во обична рерна, бидејќи живеевме во град, јас ги модифицирам и ги правам на селски начин со мирис на сач и печени на дрво“, вели Наташа која иако е градско дете, уште од мала е голем вљубеник во селото, а особено, откако го запознала сопругот Васко и се вљубила прво во него, а потоа и во куќата која подоцна ја наследиле од неговата баба. Токму тука, наместо да распродаваат како повеќето или да ја остават да пропаѓа под забот на времето, тие повторно внесле живот.


Нивното домаќинство од неодамна има и сместувачки капацитети, а тие, благодарение на добриот глас, веќе имаат гости од сите страни на светот. Гостите ги пречекуваат со домашно слатко и чаша вода. Заштитен знак на нивното домаќинство е коматот под сач, со кој Наташа не почести за појадок, а подоцна имавме можност да вкусиме уште еден охридски специјалитет – кошмишпите, кој таа го правеше лека полека, објаснувајќи ни го секој чекор од постапката.


Традицијата е на пиедесталот во нивната домаќинска куќа, а угостувајќи луѓе кои сакаат да вкусат најразлична храна подготвена на традиционален начин, под сач, на пирустија, тие сакаат да им зготват што е можно повеќе различни рецепти и преку храната да ја испромовираат нашата историја. Историја која е таму присутна преку сите оние работи што тие ги наследиле од своите или од претците на нивни пријатели и другари и им дале нов живот.


Имаат сопствено производство на месо од мини-фармата, а исто така и овошјето и зеленчукот потекнуваат од нивната мала бавчичка. Оние производи кои ги немаат, ги купуваат од други локални производители и на тој начин им ја даваат својата поддршка.

Иако овојпат бевме сами со Наташа, освен на крајот, речиси пред заминување, кога ни се придружи и нејзиниот сопруг Васко, во сето ова семејството е заедно. Постариот син Христијан и Васко обично го прават оној потешкиот дел кој бара повеќе машка сила, кревањето на сачот и печењето на пирустија што овојпат Наташа машки го одработи сама, а со дедо му собира и планински чај и печурки и одлично ги познава сите места и патеки на планината. Зад него не заостанува и е од голема помош и помалиот син Петар.

Со оглед на тоа што освен што учевме да сучиме и освен што се правеа фотографии за книгата на Спасиа, ние онака женски, со џин-тоник, домашна ореовка со маџун и многу вкусни мезалаци и традиционални јадења, иако сами, односно, без останатите од семејството Неданоски, всушност, одлично се забавувавме.
На крајот од денот се изгушкавме уште еднаш со нашата наставничка, градинар и фармер, домаќинка и чувар на кулинарските богатства што се пренесуваат низ генерации. Комат, кошмишпите, преснец, питулици, ѓомлезе, охридски ѓевреци, бофчи и сите традиционални јадења (манџи) кои тие ги приготвуваат под сач, но и оние најобичните, летни јадења како пржени пиперки и домати, тиквички, модар домат и овчо сирење.


Во устата се уште го чувствувам и вкусот на малините кои растат на самиот влез во Пирустија, на дудинките и дивите јагоди, на доматите со вкус на домати и на печурките кои во себе ги собрале сите сончеви зраци и мириси на Галичица. А вредната Наташа веќе ги пречекуваше своите нови гости, тричленото семејство од Турција, на кои искрено им завидував на претстојниот престој во ова мало рајче на Земјата.