Ако сте љубител на грицки, па меѓудругите, одвреме навреме си ја купувате онаа стара, добра комбинација на леблебии и суво грозје, а секогаш се двоумите дали да земете шарена или бела, тогаш. во случај да не знаете, еве во што е разликата…Прочитајте го објаснувањето на господин Шериф Ибиши во чие семејство леблебиџилството било традиција со генерации.
Леблебијата/наутот е мешункасто растение, кое се користи во исхрана на луѓето. Семето на леблебијата е слично на семето на сојата или на сушеното зрно од грашок, се користи како вариво или како додаток на друг зеленчук при приготвување на храна.
Најпознати јадења од наут ширум светот се хумусот и фалафелот, а од него, кога ќе се смеле во брашно, се прават и печива. На пример, оригинално, лепчето за симит-погача би требало да е направено од брашно од наут. Но, најпопуларни се потпечените зрна од наут, кои се кај нас едни од оние грицки кои се јаделе и порано, а се јадат и сега, многу често во комбинација со суво грозје, а познати како леблебија. И да не заборавиме, препечените и смелени зрна од наут се користат и како напиток во мешавина со кафе. Ако се сеќавате, порано нашите баби го мешаа кафето со наут.
Инаку, леблебијата е вид мешунка која претставува одличен извор на протеини, витамини и минерали. Од минерали, леблебијата содржи големи количини железо. Дури и варената леблебија содржи двапати повеќе железо од истата количина на месо. Во оваа мешунка се содржат и големи количини на калциум, кој ги јакне коските, магнезиум кој е добар за регулирање на притисокот, манган, фосфор, цинк, витамини од Б групата и други корисни состојки.
Поточно, една чаша од оваа намирница ни обезбедува 50% од дневните потреби на организмот за калиум, 2% од витаминот А, 13% од витаминот Ц, 69% железо, 55% од витаминот Б6 и 57% магнезиум. Покрај тоа, леблебијата содржи и витамин К, фолна киселина, фосфор, цинк, бакар, манган и селен.
Инаку, има повеќе типови на леблебија, а најчесто кога ја купуваме не прашуваат: шарена или бела? За оние кои не ја знаат разликата, го прашавме да ни ја објасни господин Шериф Ибиши кој со печење и продавање на леблебии, меѓу другите работи во неговата мала продавничка во центарот на градот, се занимава со децении, а занаетот во неговото семејство постои со генерации.
„За да се обработи наутот и да се дојде до крајниот производ – леблебии за грицкање, односно, печени леблебии, потребни се околу два месеци.
Прво наутот се пече еднаш, потоа одлежува 20-тина дена, па пак се пече и пак одлежува. Потоа кисне во вода и лушпата паѓа, па дури по третото печење се добива финалниот производ, односно, леблебиите какви што ги сакаат луѓето за грицкање. Е сега, дали леблебијата ќе биде шарена или бела зависи само од тоа дали сте ја потпекле уште еднаш или не. Претпоставувате, шарена е онаа што е уште еднаш потпечена“, ни објасни г.Ибиши.