Дали луѓето со дијабетес смеат да јадат круши?

Фото: Pexels
3.122

Крушите се одличен извор на растворливи и нерастворливи влакна, важни за здравјето на дигестивниот систем, но и за нивото на шеќер во крвта

Крушите се многу хранливо овошје, а нивната содржина на влакна го поттикнува здравјето на дигестивниот систем и регулацијата на шеќерот во крвта, додека антиоксидантите во нивната кожа можат да се борат против хроничното воспаление поврзано со разни хронични болести.

Поттик за процесот на варење
Крушите се одличен извор на растворливи и нерастворливи влакна, важни за здравјето на дигестивниот систем. Секоја круша со средна големина содржи околу 20 проценти од дневната вредност на влакна. Растворливите влакна помагаат во омекнување на столицата, додека нерастворливите влакна додаваат волумен на столицата за да се спречи запек. Конзумирањето доволно влакна, исто така, веројатно придонесува за одржување на цревниот микробиом, кој влијае не само на дигестивното здравје, туку и на имунолошкото и менталното здравје.

Крушите можат да го намалат ризикот од дијабетес
Голема анализа во која учествувале повеќе од 200.000 учесници покажала дека консумацијата на јаболка и круши е поврзана со 18 отсто намален ризик од дијабетес тип 2. Јадењето само една порција јаболка или круша неделно е поврзано со 3 отсто помал ризик од дијабетес тип 2. Ова истражување покажува корелација, а не причинско-последична врска, но оваа поврзаност е интересна и може да укаже на поврзаност помеѓу внесувањето на ова овошје и ризикот од дијабетес. Една можна причина за ова е тоа што крушите се добар извор на флавоноиди – еден вид антиоксиданти. Друга мета-анализа покажала дека поголем внес на флавоноиди е поврзан со намален ризик од дијабетес тип 2.

Уште повеќе, влакната во крушите можат да помогнат во умерени скокови на шеќерот во крвта, иако крушите исто така содржат јаглехидрати. Секако, лекарите препорачуваат луѓето со дијабетес да комбинираат круши со извор на протеини за да спречат скокови на шеќерот во крвта, иако во овој процес помагаат и влакната.

Како крушите влијаат на шеќерот во крвта
Гликемискиот индекс ја проценува храната и нејзиниот ефект врз шеќерот во крвта на скала од 1 до 100. Колку е повисоко нивото на ГИ, толку побрзо се зголемува гликозата во крвта. Крушите се рангирани помеѓу 20 и 49 според гликемискиот индекс, што ги прави храна со низок гликемичен индекс, а сето тоа затоа што се богати со влакна.

Исто така, некои студии покажуваат дека пигментите наречени антоцијани, кои ја даваат бојата на крушите, можат да ги намалат шансите за развој на дијабетес тип 2. Научниците велат дека се потребни повеќе истражувања за да се разбере зошто е тоа и како јадењето круши може да помогне ако некој има дијабетес.
Кога некој има дијабетес, секогаш е важно да се размислува за јаглехидрати, бидејќи мала круша има околу 22 грама јаглени хидрати. Како и со секое овошје, најдобар начин е да се јаде целата круша, бидејќи кожата на крушата содржи најголем дел од хранливите материи, особено влакна и антиоксиданти. Секако, мора добро да ги измиете пред јадење.