Моторџика од Аеродром, шампионка во покер и одгледувачка на крави, од неодамна во деловно партнерство со битолчанец кој е еден од петмина на светот кој знае да направи вистинска сицилијанска бурата од која, кога ќе ја вкусиш, ти доаѓа да заиграш. Тоа се нашите двајца интересни соговорници во денешната вкусна приказна за буратата направена рачно од почеток до крај, од млеко од крави одгледувани во скопско ‘Ржаничино.
Зорица Димовска Елсaади е скопјанка која од населба Аеродром пред 23 години се преселила со семејството во скопското село ‘Ржаничинo. Се доселила против своја волја, но набргу сфатила дека е тоа она што им треба на нејзините родители, неа и на нејзината помала сестра Теодора која има церебрална парализа.
Животот на Зорица е одлична тема за книга, но ако сакаме да ја раскажеме нејзината приказна накусо, ќе кажеме дека кога татко ѝ решил од скопски Аеродром да се преселат во село ‘Ржаничино, му била лута. Потоа извесен период работела во казино во Замбија кадешто се запознала со нејзиниот сопруг Билал Елсаади, инаку Палестинец кој наскоро треба да дојде во Македонијa. Од 2014.година чува крави, произведува сирење и одгледува зеленчук за нивни потреби, млекото го продава и се грижи за нејзината мајка која има преживеано мозочен удар и за помладата сестра Теодора поради која најмногу и се вратила од Замбија.
„Кога моите од Аеродром се преселија во село ‘Ржаничино, во 2000 година, јас им бев лута и извесно време не доаѓав дома, ама на крај си дојдов, што да правам. Бидејќи никој од нас немаше никакво искуство со село и со чување животни, набргу ги изгубивме тие неколку прасенца и козички кои ги купивме заедно со куќата и со шталата. Јас извесно време работев во казино во Замбија, таму се запознав со сопругот и се земавме еднаш таму, а потоа и тука, во Македонија. Но тој досега има дојдено само 2-3 пати по три месеци бидејќи е без пасош и без државјанство и не можеше да останува повеќе. Јас пак, откако ми јавија дека сестра ми се разболела (имаше потежок облик на анемија, а е целосно зависна од туѓа нега) и дека е во болница, решив да си дојдам и повеќе да не одам никаде, туку да се зафатам посериозно со работата и да се грижам за неа и за мајка ми“, почна да ни ја раскажува Зорица својата интересна животна приказна.
Во 2014.година кога решила да чува крави, отишла во Агенција за вработување и зела кредит од 3 илјади евра за да започне стартап фирма, а бидејќи не знаела ништо за кравите, отишла прво во „Суташ“, а потоа кај едно семејство во село Коњари за да ја научат како да ги чисти шталите, да ги молзи кравите и да прави сè што треба.
Вели дека првиот пат кога отишла на обуката, се појавила со долги нокти на рацете, ете до толку не знаела што се тоа крави.
После тоа купила една крава, па уште една и сега има 15 грла, а токму деновиве аплицира за грант за да земе уште 30.
„На почеток многу се мачев со кравите, додека да научам сè што требаше да знам за нив, но од друга страна сепак бев среќна затоа што сум дома и затоа што можам да се грижам и за моите.
Бидејќи не сум трговец, не ме бива за продажба, одлучив да ги чувам кравите само поради млекото, бидејќи млекарата доаѓа и ти го зема млекото од тука, па не мора да се замара човек со продажба, но работата е во тоа што од него немав никаков ќар, напротив. Мене млекото ме чини 40 денари, а ми го откупуваат за 30. Но, некогаш не се важни парите, а ми помагаа и субвенциите, на пример, грант од 6 илјади евра за рурална жена, како и останатите за кои аплицирам преку Национална федерација на фармери. Сега аплицирав за уште 30 крави (сименталки), па откако ја почнавме соработката со Владо, мислам дека конечно ќе биде сè како што треба“, раскажува Зорица која со својот деловен партнер, битолчанецот Владо Ружин се запознала пред само осум месеци, но ова партнерство веќе се покажало како одлична идеја.
Владо студирал ветеринарна медицина во Белград, а потоа специјализирал исхрана на преживари, работел во ЗИГ „Пелагонија“. Од 1992.година станал приватник и 12 години бил сопственик на фабрика за сточна храна сè додека, како што вели, „не се појави Свед милк и не го уништи млекарството во Македонија“. Во меѓувреме, со партнери ја стартувал Ruzin Healthy Food Corporation и почнал да произведува ексклузивна варијанта на моцарела со брендирано име Монте Кристо моцарела.
Иако оваа приказна сè уште нема разрешница, Ружин храбро продолжува да чекори напред. Љубопитен по природа, но и голем гурман, тој за време на една посета на Сицилија, кај роднина на неговата сопруга, инаку Србинка која ја запознал за време на студиите во Белград, првпат се запознал со буратата.
„Во 2003 година бевме со сопругата во Палермо, на Сицилија и јас сакав да ги видам селата од филмот „Кум“. Кога отидовме таму здогледавме една трошна куќичка од кал и од камен, а пред неа паркирани 4-5 бесни коли, Ламборџини, Ферари. Наеднаш се појави од куќата еден старец со кеси во рацете и излезе дека тоа што чекале биле неговите тазе приготвени бурати. Тогаш првпат пробав бурата, но ми требаа околу 40 патувања во Сицилија, цели 19 години и многу експериментирање за да го дознаам рецептот. Никој не ти го кажува. Работевме заедно со професорката Соња Србиновска, со еден професор за моцарела во Италија и малку по малку дојдовме до она вистинското, бурата како онаа што за првпат ја пробав во тоа сицилијанско село близу Палермо“, се потсетува Владо кој е сега еден од петмината луѓе на светот кој знае да ја направи оваа оригинална сицилијанска бурата.
„Четворица производители има во две села во Палермо, на Сицилија и јас тука, значи, вкупно петмина кои знаеме да ја направиме комплетно, од почеток до крај хендмејд, од примосале, од топење, обликување, од страчатела и сѐ комплет“, вели Владо.
За оние кои не знаат, а според дефиницијата на Ружин, станува збор за торбичка од моцарела Монте Кристо полнета со страчатела. Страчателата пак е цепкана моцарела Монте Кристо и млечен густ крем со шмек на путер и кајмак, а поубава и од двете и со вкус кој те тера да заиграш.
Ружин почнал да ја прави буратата од 2022.година, кога почна да прави и презентации на буратата и на топлата плетенка од моцарела на разни настани за храна. И токму за време на една презентација во „Мериот“ се запознал со пријател на Зорица кој ѝ се придружил во бизнисот со кравите и тој му предложил да ги здружат ресурсите.
Така сите заедно станале соработници во „злосторството“ наречено бурата кое сега се случува секојдневно на имотот на Зорица во малечката просторија за оваа намена.
Нарачките за бурата ги надминале сите нивни очекувања, па планираат да стасаат до 100 на ден, но никако повеќе бидејќи, како што вели Владо, не сакаат да го уништат квалитетот на сметка на квантитетот.
„Сега ја обучувам Зорица, а едвај чекам да дојде нејзиниот сопруг Билал со кој веќе се запознавме онлајн и да го обучам и него за изработка на бурати со тоа што рецептот за подготовка на потребните раствори не им го откривам. Сепак, мене ми требаа 19 години за да го добијам и сѐ уште не го знаат ниту сопругата, ниту моите синови“, се смее Ружин.
Монте Кристо моцарелата е заштитена од него на меѓународно ниво, па продолжуваат да ја прават и неа и тоа, за потребите на процесот на изработка на буратата, но и како посебен производ.
Тој вели дека нивната бурата, во споредба со оние индустриските кои можат да се најдат во некои маркети, е навистина нешто сосема поинакво, затоа што е рачно направена од почеток до крај, но и затоа што млекото од кое ја прават е строго контролирано и поради начинот на кој се чуваат и се хранат кравите на Зорица.
Инаку, поголемата бурата од 300 грама чини 399, а помалата, од 200 грама, чини 299 денари, плус ДДВ. Најчесто ја нарачуваат рестораните, а рокот на траење ѝ е од денот на производство плус 5 дена.
„Бактериолошки е добра и 15 дена, но после петтиот ден го губи оној племенит вкус кој те тера да играш“, се смее Ружин во чиј дом тие биле на трпезата и по двапати во денот, но сега, откако малку им се здодеале, ги јадат еднаш на два дена.
Во меѓувреме, додека ние ја дегустираме буратата во малиот летниковец, веднаш покрај миризливите бали сено, а наспроти најважните во целиот овој процес, убавите црно-бели крави и едно мало, неодамна отелено теленце, Зорица ги завршуваше обврските дома: да ја нахрани сестра ѝ, да им подготви вечера на сите, да се договори околу тековните обврски со татко ѝ и на крајот, да се врати повторно насмеана, како да ѝ цветаат сите рози на светот.
„Не сакам никој да ме жали, знаеш, колку и да имам работа и грижи, јас сум сепак многу среќна. Си го сакам овој живот и задоволна сум што сум тука и што можам да се грижам за моите најсакани. И некако Господ постојано ми ги реди коцките. Сите соседи тука се сомневаа дека ќе успеам во оваа работа и постојано велеа, кај знае она крави да чува, ама еве, чувам. Ми велеа и да не садам моркови зашто тука не вирееле убаво, но мене ми се родија одлични моркови, а сега ги чекам и марулите, чувам и кокошки и сега еве ова со Владо, навистина е сѐ како што треба“, вели Зорица за која не е лошо да знаете и дека е вистинска моторџика.
„Ние сме 9 другарки – моторџики и се возиме секаде низ Македонија, некогаш и подалеку. Мојот мотор е спортски, Гарели 400 кубика, а другите имаат БМВ, Хонда, … Сите се од Скопје и постојано се нудат да ми помогнат во работата, ама мене ми е полесно сама да ја завршам отколку да им објаснувам што треба да се прави“, се смее таа и додава дека неодамна со нив го прославила и својот роденден и дека нејзините журки во пластеникот се навистина журки за паметење.
Патем, Зорица била прогласена и за најдобар женски натпреварувач на првиот екипен шампионат во „MATCH POKER“, минатата година во Гевгелија.
Ништо од сето ова, не ја спречува во 7 наутро да биде кај кравите, ако треба, односно, ако не е тука работникот кој е задолжен за молзењето и да ги измолзи, дури и ако е тоа после непроспиена ноќ, да направи сирење, па да влезе дома за да ја нахрани сестра ѝ, да потсуреди и да направи ручек, па да продолжи со другите обврски на фармата, во пластеникот или во градот.
Да, Зорица е една од оние силни жени на кои ништо не им е тешко, а најубава кај неа е нејзината насмевка и секако, вкусната бурата по рецептот на маестро Владо.