Шест месеци во Сицилија, шест во Волково: Македонската снаа Мариа-Пиа ја донесе домашната сицилијанска храна во Скопје

1.679

Она што нашата соговорничка Мариа-Пиа Модика го научила од својата мајка, а тоа е, да ја приготвува со љубов традиционалната домашна сицилијанска кујна, е нешто што не се учи во ниту едно училиште на светот. Секако, не се учи ниту во најдобриот италијански ресторан. Токму таа кујна ќе можат да ја пробаат и скопјани на 1, 2 и 3.декември во скопската Таверна Тоскана

Она што нашата соговорничка Мариа-Пиа Модика го научила од својата мајка, а тоа е, да ја готви со љубов традиционалната домашна сицилијанска кујна, како што таа секојдневно го правела тоа за неа и за нејзините браќа и сестри, е нешто што не се учи во ниту едно училиште на светот. Секако, не се учи ниту во најдобриот италијански ресторан на светот.

Токму таа сицилијанска домашна кујна ќе можат да ја пробаат и скопјани во нејзината оригинална верзија. Од салата од портокал, цитрусот по кој родниот град на Мариа-Пиа, Лентини, е најпознат во светот и карпачо од сабјарка, до познатата сицилијанска паста ала Норма, полнети сардини и ролат од рикота за десерт. Сето ова ќе биде на менито на Мариа-Пиа во скопската Таверна Тоскана, кадешто таа ќе биде гостин-шеф вo кујната на нашиот Влатко Огненовски.


Инаку, оваа убава Сицилијанка е македонска снаа која, иако доаѓа од едно од најубавите места на земјината топка, со поглед на море и на Етна (еден од највисоките активни вулкани во Европа), е вљубена во скопските улици, македонските планини и Охридското Езеро, во питата на свекрвата, бурекот од скопските бурекџилници, македонските вина и ракија и, се разбира, во ајвар, пинџур и шопска салата.

Мариа-Пиа го запознала скопјанецот Драган Поповиќ или како што го вика нагалено, Гагo, во Рим кадешто тој живеел речиси две децении. Се запознале преку заеднички пријатели и сега се заедно веќе седма година.
Ја привршуваат куќата во село Волково која им ја оставил таткото на Драган, обидувајќи се да ја средат и така да го реализираат неговиот проект, со оглед на тоа што господин Поповиќ постариот починал пред две години. Планот им е да живеат во Волково преку зима, околу 6 месеци годишно, а во лето, односно, останатите 6 месеци, во нејзиниот роден Лентини кадешто пред две години, покрај куќата во самиот град, купиле и куќа на море.
Драган објаснува дека иако станува збор за мало гратче во кое е морето и онака близу каде и да живееш во него, жителите сепак сакаат да имаат и куќи кои се баш на море за да можат постојано да уживаат во фантастичниот поглед низ прозорците од своите домови.
„Имаме навистина убава куќа со поглед на море, но и со поглед на Етна. Па иако сме на 25 километри од Катанија (вулканот Етна се наоѓа на истоимената планина над Катанија), откај нас се гледа како исфрла лава“, ни го опишува Драган спектакуларниот поглед од нивниот дом.
Без оглед на таа преголема убавина, продолжува тој, на Мариа-Пиа, со секое одење и враќање од Македонија, почна да ѝ недостасува Скопје.

Таа пак, иако признава дека пред да го запознае Драган не знаела ништо за Македонија, сега тука се чувствува како дома и од срце ги засакала и скопските улици и планините со снегот и ладното време и топлите луѓе, за кои вели дека се по многу нешта слични на Сицилијанците.
„Кога сум во Италија ми недостасува Скопје и македонската храна, а особено питите за кои мајката на Гаго е вистинска мајсторка, ми недостасува целото негово семејство, бурекот што го јадеме во скопските бурекџилници, вината, храната. Ми ‘мањка’ сѐ“, се смее таа и додава дека единственото нешто што не ѝ недостасува кога се во Сицилија, е скопскиот смог.
Мариа-Пиа вели дека буквално ја боли срцето затоа што една ваква убавина се дави во смог па додава дека, за разлика од Рим, Скопје е цело рамно, па не сфаќа зошто сите се возат со автомобили, наместо со велосипеди или со јавен превоз.
Инаку, нашата соговорничка не е професионална готвачка, но има големно искуство подготвувајќи храна за многу луѓе, бидејќи, како што објаснуваат таа и Гаго, во нивниот двор, покрај морето, околу огромната дрвена маса секогаш има барем по 15-20 луѓе, а таа ужива да им подготвува сѐ што на нивната трпеза низ годините им го сервирала нивната мајка.
„Мајка ми секој ден ни подготвуваше различно мени и тоа никогаш не беше едно јадење. Многу често мораше да приготвува едно јадење за едните, а друго за другите кои не го сакаа првото“, се смее Мариа-Пиа додека ни објаснува, но додава дека мајка ѝ едноставно уживала во ова. Затоа и омилено место на сите нив им била кујната.
Од сите деца, Мариа-Пиа е онаа која вистински ја наследила страста на мајка си кон готвењето, но со оглед на тоа што веќе со години ја има својата агенција во која последниве години работат заедно со Драган, а која се занимава со размена на ученици и студенти од Италија, најчесто во Америка и во Австралија, вели дека не размислува за готвењето како професија, туку како хоби и нејзино големо задоволство. Затоа, кога се тука, од понеделник до петок се на македонска храна која ја приготвува мајката на Драган, а за викенд настапува Мариа-Пиа со нејзините сицилијански традиционални јадења.
Токму овој период додека се во Скопје, тие го одржале и едниот од двата состаноци кои ги организираат преку годината за своите соработници, па тие, со оглед на тоа што за првпат биле во Македонија, останале воодушевени и од градот и од храната.
„Сега, благодарение на нас, многу Италијанци, наши пријатели почнаа да ја посетуваат Македонија, но и независно од нас ми се чини дека се зголемува помеѓу Италијанците интересот за Скопје и за Македонија“, вели Мариа-Пиа.
Таа и Драган пак, се вистински амбасадори на Македонија во Сицилија и обратно.
„Кога доаѓаме во Скопје задолжително носиме со нас од нашите италијански производи, а кога одиме во Италија секогаш носиме ракија и од преубавите македонски вина, а понекогаш дури и од питите што ги прави мајка му на Гаго со кои ги запознаваме и оние наши пријатели кои сѐ уште не дошле во Скопје“, велат тие.

До оваа соработка со шеф Влатко дошло сосема случајно, откако тие, барајќи добар италијански ресторан во кој ќе го прослават нејзиниот роденден, бидејќи, како што признава, кога е тука почнува да ѝ „мањка“ италијанската храна, ја нашле на Интернет Таверна Тоскана.
„Влатко е вистински магионичар во кујна и неверојатно е со каква леснотија се движи низ ресторанот, подавајќи ги чиниите полни со навистина вкусна тосканска храна. Веднаш се спријателивме и се договоривме да го организираме ова наше тридневно гостување тука со сицилијанската домашна кујна“, ни објаснува шеф Мариа-Пиа.
Ова гостување е токму она што е сега тренд и во светот, да се презентираат традиционални домашни кујни, наспроти класичните понуди во рестораните.
Со оглед на тоа што станува збор за сосема поинаква кујна од македонската, а Сицилија е еден од оние региони кој, меѓудругото, токму и поради начинот на исхрана, може да се пофали со најдолговечни жители, оние кои ќе дојдат да ја пробаат, навистина ќе уживаат во неа.

„На менито на Сицилијанците има многу свежа риба и зеленчуци кои се сосема различни од вашите, иако и тука имате одличен зеленчук, разни пасти и многу различни видови сирење, портокали и многу свеж сицилијански босилек и маслиново масло. Затоа составив едно мени во кое ќе можат да уживаат сите, па дури и оние што не јадат месо. Ќе почнеме со традиционалната салата со сицилијански портокали и карпачо од сабјарка, како главно јадење ја имаме најпознатата сицилијанска паста ала Норма, која го добила своето име по операта на Белини, сардини полнети со презли, суво грозје, пињоли, магдонос, лук, инчуни, пипер и за крај, традиционалниот сицилијански десерт со рикота“, набројува Мариа-Пиа.


Таа и Драган ни раскажаа уште многу интересни работи за сицилијанската кујна, а меѓудругото и за тоа дека Лентини е познат и по најубавиот леб кој се пече на оган од дрва во камена фурна, но и за многу други тамошни специјалитети и зеленчуци кои можат да се најдат само на Сицилија и на ниту едно друго место во Италија.

Во меѓувреме, со три чинии во рацете, полни со неговата вкусна (прсти да излиже човек) паста со печурки и убаво крцкаво италијанско лепче, ни се придружи и шеф Влатко и се надоврза велејќи:
„Сицилијанците се дефинитивно најдобри кога станува збор за храната. Кога јас отидов таму сфатив дека, во споредба со нив, незнам да готвам. Тоа е за мене најдобра кујна во светот и се радувам што за првпат во Македонија ќе имаме можност да пробаме изворна сицилијанска кујна и да ја пренесеме тука културата од Сицилија која освен кулинарски има и важен социјален момент“.