Гладна кокошка, просо сонува! Лажен сутлијаш со просо и тиква (ВИДЕО)

Принтскрин/Јутјуб
229

Сутлијашот е омилено јадење на многу генерации, но наместо класичниот со ориз и млеко, најдовме поинаков и интересен рецепт со просо и тиква.

Сутлијашот е евтин и брз десерт кој некогаш често се наоѓал на трпезата. Без разлика што е создаден во време на сиромаштија, кога домаќинките се задоволувале со состојките што ги имале дома, сутлијашот и понатаму е еден од омилените деликатеси. Се прави со ориз и млеко, а другите состојки може да бидат по желба, на пример, може да се додадат чоколадо и портокал. Денеска ви пренесуваме руски рецепт за лажен сутлијаш, кој се прави со просо и тиква, а има одличен вкус, па сигурни сме дека ќе уживате во секој залак.

Состојки:
200 гр просо
1 литар млеко
500-600 гр тиква
100 гр суви кајсии
малку сол
2 лажици шеќер или мед
50 гр путер

Приготвување:
Потопете ги сувите кајсии во топла вода 10 минути. Исечкајте ја тиквата и варете ја во млеко додека да омекне. Просото сварете го, па процедете го. Потоа во тенџерето со тиквата додадете го просото и исцедените суви кајсии и измешајте. Покријте и варете околу 20 минути, повремено мешајќи. После тоа, додадете путер и шеќер и мешајте додека не се соединат со останатите состојки. Потоа поклопете, исклучете го шпоретот и оставете го лажниот сутлијаш да отстои околу 10-15 минути. Ако го правите со мед, ставете го медот откако ќе го исклучите шпоретот.