Солунчани славеа Бадник: Улиците полни, плоштадите украсени за мерак

209

За разлика од Скопје, во кое срамежливо една по една на плоштадот никнаа дури три елки, која од која „поубави“, нашите соседи во Солун имаат прекрасни украсени плоштади, улици, ресторани и барови, а улиците се преполни и дење и ноќе. Она што е заедничко е чадот од мирисот на уличните скари, турканиците и прегласната музика

Ден пред Рождеството Христово е Бадната вечера или Бадник, ден кој иако означува бдение, а Христијаните би требало да ја поминуваат вечерта будни и во молитва, најчесто се претвора во нешто сосема спротивно на ова. Не само кај нас, туку и во соседството.

Наместо христијански молитви и пости, Бадник и Божик се слават на преполни улици кои ечат од музика, а воздухот наместо со мирис на темјан е исполнет со силниот мирис на печено месо на скара. Алкохол се точи наголемо, а музичарите имаат полно работно време.

И сето тоа, во чест на раѓањето на Исус Христос.

Според Евангелието, Исус Христос е роден на 25 декември во еврејскиот град Витлеем, затоа, поради разликите во календарите, тој датум се почитува како почеток на нова ера и нова историја на човештвото. Но, додека кај нас, поточно, во главниот град, срамежливо, една по една никнаа дури три елки, која од која „поубави“, нашите соседи во Солун имаат барем прекрасно украсени плоштади, улици, ресторани и барови кои се исполнети со врвулица од луѓе и дење и ноќе.

Токму Аристотеловиот плоштад и оваа како и секоја година е во центарот на вниманието со импресивната елка опкружена со други помали елки, дрвени јасли и куќички.

Сепак, да бидеме искрени, не им завидуваме баш на сe. Ваков метеж, луѓе и автомобили кои се движат во сите правци, дури и во оние кои се најмалку очекувани, чад од скари, бучава од гласна музика, трубачи и слични балкански марифетлуци, се нешто што баш и не може да го издржи секој. Ниту за Бадник, ниту за Божиќ, ниту пак за таканаречената „најлуда“, а во суштина, најздодевна и најдолга ноќ.

На што им завидуваме?

Им завидуваме само на прекрасните светкави улици и плоштади и на вкусните и свежи рипчиња во сите големини и форми спакувани во највкусни порции во кои можете да уживате насекаде – во оние убави и светкави ресторани со поглед на море, но и во шармантните споредни сокаци со безброј локали.