Шолја чај од рузмарин ни нуди грст здравствени придобивки, интензивен мирис и пријатен вкус, со широк спектар на ефекти – од подобро варење до подобрено расположение.
Рузмаринот има долга историја на употреба во готвењето, но и во традиционалната ајурведска медицина и ароматерапијата. Рузмаринот (Rosmarinus officinalis) ѝ припаѓа на фамилијата на растенијата Lamiaceae, заедно со нането, ориганото, маточината и босилекот.
Рузмаринот има антиоксидантни, антимикробни и антиинфламаторни својства
Антиоксидантите се соединенија кои помагаат во заштитата на телото од оксидативно оштетување и воспаление, што може да доведе до хронични болести како што се рак, кардиоваскуларни болести и дијабетес тип 2. Тие можат да се најдат во разновидна растителна храна (овошје, зеленчук, билки).
Антиоксидантната и антиинфламаторната активност на рузмаринот во голема мера се припишува на неговите полифенолни соединенија како што се рузмаринска и карнозинска киселина. Поради својот антиоксидативен капацитет, рузмаринот често се користи како природен конзерванс за продолжување на рокот на траење на лесно расиплива храна. Антимикробните својства можат да помогнат и во борбата против инфекциите. Гранчињата рузмарин се користат во традиционалната медицина поради нивните антибактериски ефекти за побрзо зараснување на раните.
Научниците ги проучувале ефектите на розмаринската и карнозинската киселина врз ракот. Откриено е дека овие две киселини имаат потенцијални антитуморни својства, па дури и дека влијаеле на забавување на растот на клетките на ракот на крвта (леукемија), на дојката и на простатата.
Способност да помогне во намалувањето на шеќерот во крвта
Кога не се лекува адекватно, високиот шеќер во крвта може да ги оштети очите, срцето, бубрезите и нервниот систем. Затоа, од клучно значење е луѓето со дијабетес правилно да управуваат со нивото на шеќер во крвта. Истражувањата покажале дека соединенијата во чајот од рузмарин можат да го намалат нивото на гликоза. Ова сугерира дека рузмаринот може да има потенцијална примена како додаток на терапијата за дијабетес.
Иако се потребни повеќе студии, лабораториските истражувања досега покажуваат дека киселините од рузмарин имаат ефект сличен на инсулин врз шеќерот во крвта, со зголемена апсорпција на гликоза во мускулните клетки.
Рузмаринот го подобрува расположението и меморијата
Постојат докази од клиничките истражувања дека конзумирањето и вдишувањето соединенија од чајот од рузмарин може да помогне во подобрување на расположението и меморијата. Едно истражување покажало дека земањето 500 мг рузмарин орално два пати на ден за еден месец значително ги намалува нивоата на анксиозност, ја подобрува меморијата и квалитетот на спиењето кај студентите, во споредба со плацебото. Друга двомесечна студија на 66 индустриски работници заклучила дека оние кои пиеле 2 лажички (4 грама) рузмарин во 2/3 шолја (150 мл) вода дневно изјавиле дека чувствувале помала исцрпеност во споредба со контролната група.
Употребата во ароматерапијата е потврдена и со студија која покажала дека вдишувањето на аромата на рузмарин 4-10 минути пред менталниот тест ја подобрува концентрацијата, психофизичките перформанси и расположението.
Вдишувањето масло од рузмарин ја стимулира активноста на мозокот и го подобрува расположението. Во студиите, нивото на активност на учесниците, крвниот притисок, отчукувањата на срцето и отчукувањата на дишењето се зголемиле по мирисот и вдишувањето на маслото од рузмарин. Екстрактот од рузмарин може да го подобри расположението преку стимулирање на рамнотежата на цревните бактерии и намалување на воспалението во хипокампусот, делот од мозокот поврзан со емоции, учење и сеќавања.
Се покажа дека консумирањето и вдишувањето соединенија од рузмарин ја намалуваат анксиозноста, го подигнуваат расположението и ја подобруваат концентрацијата и меморијата.
Когнитивно здравје и подобри перформанси на мозокот
Одредени лабораториски студии открија дека соединенијата во чајот од рузмарин можат да помогнат во заштитата на здравјето на мозокот со спречување на смртта на мозочните клетки и невродегенеративните нарушувања. Исто така, студиите на животни сугерираат дека рузмаринот е корисен за опоравување од оштетување на мозокот (мозочен удар). Други студии сугерираат дека рузмаринот потенцијално може да ги спречи негативните ефекти од стареењето на мозокот, вклучително и како заштитен ефект против невродегенеративни болести како што е Алцхајмеровата болест.
Заштита на видот и здравјето на очите
Иако се потребни повеќе слични истражувања, некои докази сугерираат дека одредени соединенија во чајот може да имаат корист за нашите очи. Според нив, додавањето екстракт од рузмарин во оралните третмани може да ја забави прогресијата на очните болести поврзани со возраста.
Една студија се занимавала со додавање на екстракт од рузмарин на вообичаените терапии (цинк оксид и други комбинации на антиоксиданти), откривајќи дека помага да се забави макуларната дегенерација. Други експериментални студии покажуваат дека рузмаринската киселина го одложува почетокот на катаракта.
Сепак, треба да се забележи дека повеќето студии за потенцијалните придобивки за очите користеле концентрирани екстракти.
Други здравствени придобивки
Други потенцијални придобивки од соединенијата во чајот од рузмарин вклучуваат:
придобивки за здравјето на срцето (помал ризик од срцева слабост по срцев удар)
подобро варење (влијание на здравата рамнотежа на цревните бактерии и намалување на воспалението)
спречување на зголемување на телесната тежина
поттикнување на раст на косата (студиите сугерираат дека маслото или екстрактот од рузмарин може да го намалат опаѓањето на косата, но мора да се нанесуваат на скалпот).
Можете да додадете некои други здрави состојки во чајот од рузмарин, како чили пиперче (ако сакате поинтензивен вкус), како и цимет, каранфилче и морско оревче. На овој начин ќе го подобрите вкусот, но и ќе ги зголемите потенцијалните здравствени придобивки.