Здрав колач без брашно и шеќер

1.343

Ова е еден од оние лесни, брзи и здрави десерти кои секој може да си го прилагоди по сопствен вкус, додавајќи состојки кои му се допаѓаат.

Состојки:

1 голема шолја (300 мл) ситни овесни снегулки (Ако се крупни, претходно смелете ги во блендер)

300 мл топло млеко (ние ставивме растително, од бадем и овес)

засладувач по желба (ние ставивме 1 лажица сируп од урми и 1 лажица домашен мармалад од сливи, а можете да користите и мед, јаворов сируп, агава сируп или нешто слично)

2 јајца

2 зрели банани

4 лажици какао

1 лажица прашок за пециво

јаткасти плодови или семки по желба (ние ставивме семки од сончоглед внатре, а одозгора, исечкани бадеми)

суво грозје или некое друго суво овошје по желба

Приготвување:

Ставете ги овесните снегулки во стаклен сад и прелијте ги со млекото. Оставете ги барем 10 минути.

Потоа, додадете го засладувачот и двете јајца и убаво измешајте. Додадете ги испасираните банани, а потоа и какаото, прашокот за пециво и другите додатоци. Ставете ако сакате одозгора сечкани бадеми или ореви.

Убаво измешајте за да се соедини и ставете ја смесата во калап за леб или во некој друг не голем сад за печење и печете во загреана рерна на 180 степени околу 40 минути.