Брз и здрав десерт: Едно поинакво тирамису
Ако избегнувате да јадете благо, а пустото, не можете без него, за среќа, има безброј здрави варијанти кои сепак ќе ви ја задоволат желбата за слатко, а се исто така и превкусни, дури и кога се од состојки кои сами за себе не се баш вкусни (на пример, оризови галети)
Овој рецепт го направи нашата читателка Марина Луетиќ која од неодамна е фрлена во потрага по здрави рецепти и секогаш ги наоѓа и ги испробува оние најинтересните и најбрзите за кои потоа може да гарантира дека се и највкусни.
Еве и ова поинакво и здраво тирамису е едно од тие кои таа го испробала во две верзии, со пудинг од соја и со грчки јогурт.
Вели дека и двете варијанти се одлични, но сепак, предноста ја има варијантата со грчки јогурт.
Најдобро од сѐ е што се прави за минутка.
Состојки:
Нес кафе (две супени лажици) со малку млеко кое може да биде кравјо со помалку маснотии или пак растително
3 галети од ориз (да, да, од оние што немаат вкус)
150 г пудинг од соја (ако најдете) или 150 г грчки јогурт
1 лажичка мед
Приготвување:
Сварете мала шолја нес-кафе и додадете малку млеко.
Потоа, во оладеното кафе потопувајте ги галетите. Измешајте го пудингот или грчкиот јогурт со 1 лажичка мед.
Редете ред галета, ред пудинг (грчки јогурт)
На крајот поросете какао во прав.
Десертот можете да го јадете без грижа на совест.
Читателката ни ги испрати фотографиите од нејзиниот десерт во двете варијанти, но и видеото кадешто го нашла.