Алекс одгледува, Ивана го поддржува: Тој го има најдобриот глас меѓу спикерите, таа – најубавата коса меѓу новинарите, патем, имаат и одличен аспарагус и мед

4.652

Александар Алексовски и Ивана Тасев се познати градски ликови кои сигурно ги знаете од најразлични културни настани, од радио, од телевизија или од некој концерт, ама ако не ви се баш блиски пријатели, сигурно не ви паѓа на памет дека токму тие можат да ве снабдат со свеж аспарагус (шпаргла), младо кромитче, домати и природен мед. Ви се верува?

Неодамна на Фејбук профилот на еден познаник, видов фотографија од преубави шпаргли (аспарагус), над која напишал: Одлична шпаргла од градината на Алекс МекАвоис (Alex McAvoice). Веднаш ми фати око бидејќи, освен еднаш кај сестра ми во Хрватска и еднаш од тегла, мислам дека никогаш не сум јадела шпаргли. На пазар сум видела само еднаш, на тезга, ама беше ѓавол ипол, а ја гледам по маркетите, исто така ѓавол ипол, а никаква, да ти е жал и да ја гледаш, а не пак да ја јадеш.
Го прашав кој е Алекс и кај да го најдам, а тој ми вели: „сигурно го знаеш, дечко од градов, нема шанси да не го знаеш“.
И така, додека си викам сама на себе дека немам поим кој е, му се јавувам и слушам еден познат глас, онаков, од најубавите. Оние што ги викаат радиски гласови…
И дума по дума, не само што сфатив дека ептен знам кој е човекот, туку и дознав која му е партнерка и некако сите коцки си дојдоа на свое. Е сега можеби многумина ќе си речат, де, де, ја откри Америка, ама ете, некогаш може да се знам со некого и сто години, а да не знам кој му е маж, жена, сестра и друга фамилија која можеби исто така ја знам по некоја друга линија. Ама кога конечно сфатив дека Александар Алексовски и мојата поранешна колешка од поранешните „Македонија денес“ и „Денес“, Ивана Тасев, се маж и жена, тоа беше како да си најдов изгубено делче од слагалица. И пак се сетив на прашањето што го постави еднаш многу одамна едно мало девојче од соседството во кое тогаш живеев: Зошто сите мажи и жени си личат меѓусебе?

Многу долг вовед за една шпаргла, ама така е тоа кај нас, во Арт кујна. Додека сите прават брзи и куси вести, ние си правиме, бавни и долги приказни, па кој сака нека чита.

Е сега, вчера да умрев немаше да помислам дека човекот чиј глас е насекаде во етерот, на радио, на ТВ, на реклами, во документарци, а неговиот лик е оној кој сме го виделе и во улога на спикер во сериозни вести, но и во улога на спикер на оние пародични Фчерашни новости, еден ден ќе го барам поради неговите убави, свежи домашни шпаргли.

Ама тоа е. Александар веќе 10 години се занимава со градинарство. Сади сѐ и сешто, па еве сега и шпаргли.
„Од секогаш сум имал интерес за растенија и за животни, а сум чепкал нешто ситно и претходно, но конкретно со градинарство почнав пред 10-тина години, и тоа со еден предизвик кој се случи токму на еден 1-ви мај. Правевме скара кај едни пријатели и тераме муабети со пријателот дека мајката му е да живееме на село, планина… На овој муабет, Ивана ни вика: „Вие сте скопски „педерчиња“, не знаете што е живот на село, се занесувате, ќе се откажете уште првиот месец“. И додава: „Ако толку сакаш да пробаш, има кај татко ми голем имот што зјае празен, па сади таму“.
И така почна мојава градинарска приказна. Првата година почнав со 5-6 леи, втората уште 5-6, ајде да пробам да насадам ова, па она, се и сешто, од лук,
кромид, спанаќ, моркови, до патлиџан, пипер, тикви, грашок, боранија, краставици, лубеници, дињи и уште што не друго помеѓу. Со Томо, татко ѝ на Ивана, сме ортаци на бавча, судбински спој, од самиот почеток во тивок конфликт, јас со пермакултурни идеи за органско, регенеративно земјоделие, без многу копање, без хемии, отрови и вештачки ѓубрива, а тој скопјанец и по татко и по дедо, дипломиран агроном инженер, класично образуван во 70-тите, кој веќе одамна баталил земјоделие, па јас му направив еден препород. Ама излезе конструктивен конфликт, оти ме заинаети да навлезам подлабоко во темата и преку пример да му покажам дека може и поинаку, а попат многу научив и дознав од него“, ни раскажува Алекс за своите почетоци во градинарството.
Вели дека е прва генерација роден Скопјанец, дека неговите биле селски деца кои дошле во Скопје да учат средно, па да студираат и останале тука, но сите заедно оделе редовно на село кај дедо му и баба му, такашто селскиот живот никогаш не му бил целосна непознаница, а добро го знае и вкусот на селските природни зеленчуци, овошја, јајца, меса и медови.

И, кога сме кај медот, уште едно изненадување. Човеков, не само што одгледува зеленчук, туку чува и пчели. За медот што го вади, неговата Ивана вели: Подобар мед не сте пробале!
„Со пчелите почнав исто од љубопитност. Ме запчелари Сашко Ризов, колега на брат ми во 2017-та. Кога и да се видевме, стално го распрашував што, како со пчелите, што јас сум видел, прочитал од општа култура, се додека не ми кажа – штом толку те интересира, јас ќе ти подарам три роја, а ти доаѓај сезонава кај мене на пчеларник да те подучам на некои основни работи, другото од книги, јутјуб и така.. презимија кај него, па пролетта 2018-та ги однесов кај мене во село, во кривопаланечиот крај и таа година, не вадев мед, туку само ги множев, па сега имам 20-тина кошници. Во однос на приносот лани, иако чудна и неветувачка година, ми беше најдобра и извадив во просек 18-19 килограми мед од кошница“, ни раскажува нашиот соговорник кој во меѓувреме сади и одгледува и медоносни дрвца и грмушки, па се надева дека за некоја година тие ќе му дадат на медот некој уште поавтентичен вкус.
Што се однесува до домашните зеленчуци, вели дека до лани и покрај фокусот на аспарагусот успевале да засадат и други зеленчуци, ама годинава поради други професионални обврски и приоритети многу задоцнил со подготовка на расадот и на земјата и признава дека во голема мера ја пропуштил сезоната.
Во текот на градинарењето правел и грешки, но нели, човек од грешките најдобро се учи.
Инаку, аспарагусот влегол во неговата градинарска приказна уште втората година од неговото бавчанџиство.

„Нашиот другар Бојан Кртолица, на ферија од Франција, ни доаѓа на бавча и вика – а бе имаш шпаргла? Многу си ја јадам во Франција. Шпаргла?! Што е тоа? И така бидна шпарглата. А што се однесува до понудата по маркетите, ај што се нереално скапи, дури и за западноевропски пазар, туку се и бајати. Или не знаат да ги работат, несоодветно ги чуваат, не знам“, вели Александар чија шпаргла со радост ја чекаат неколку ресторани, задруги, продавници за здрава храна, но и пријатели, познаници и љубители од кои, вели, и почнала приказната.
Тие по дома често ја консумираат додека ѝ е сезона.
„Јас ја сакам онака, клот, па додека ја берам знам да ја изгрицкам како морков со пупчето за на крај. Инаку, омилена ми е кратко пропржена на маслинов зејтин со лук и, евентуално, рендан пармезан, пекорино или слично.
Одлични опции ми се и крем супа од шпаргли, па во омлет или. ролувани во некој пршут, во салата наместо краставица, на тенки крукчиња со лимонов сок и зачини, комбинациите се бескрајни.
Инаку, за зелената шпаргла, искрени пријатели што разбираат и јаделе шпаргли и во земји кадешто шпарглата е традиција и се прават фестивали во нејзино име, ми велат дека немаат пробано подобра од мојата. Ако се искрени, тогаш мислам дека не е до ништо друго, туку до тоа дека не пробале денеска или синоќа набрана, пробрана и соодветно спастрена шпаргла“, вели тој.

Ако го прашате, од сите негови „деца“ на кое е особено горд, вели дека најмногу се гордее со доматот хибрид што го селектирал две години сосема наивно и нестручно. Станува збор за хибрид меѓу јабучар и охридски домат.
„Вистинска спојка меѓу двата и на вкус и на текстура. Покрупен и помесест од
јабучарот и позаоблен и долгнавест и поцврст, а сочен како стружанецот, како што си го викаме по дома, бидејќи Томо (таткото на Ивана) го донесе семето од Струга“, раскажува Алекс.
Има уште многу нешта што би ги пробал, проучил, но краток му е денот па не
може да стаса се. Вели дека сака да се фокусира на повеќегодишни растенија, а од новите работи, веќе му е расадена виолетовата шпаргла, па догодина очекува да имаат промотивна краткотрајна берба.
„Аспарагусот е повеќегодишно растение кое се сее од семе, па следната година се расадува на постојано место и се остава да расте таа сезона, па дури од третата почнува краток период да се бере, од четвртата малку повеќе, па дури од петтата влегува во полно производство и се бере од кога почнува да тера, кон крај на март до крај на мај и почеток на јуни, а потоа се што ќе никне се остава да расте и да го храни коренот за следната сезона“, објаснува стручно нашиот земјоделец.
Ивана пак, како и секоја мудра жена, му ја дава сета морална поддршка на својот сопруг и се грижи за достава и наплата.
„Тоа ѝ е омилениот дел, другово така-така“, се смее Алекс одговарајќи на нашето прашање за тоа колку и што му помага Ивана.

Додека работи, тој секогаш слуша музика која ја бира според расположение и
моментални активности, но признава дека не се вклопува баш комплетно во
сликата за еден вистински земјоделец кога станува збор за станување рано
наутро.
„Пластеникот е одлична работа преку зима, пролет, есен… на лето не баш толку, освен ако не си ранобудна птица, па да почнеш пред зори и да привршиш со работата до 8-9 часот наутро…за жал, јас не сум од тие“, вели тој со својот радиски глас од онаа страна на слушалката.

Тоа е колку што можевме покусо, убавата селска приказна за овие градски ликови од кои, кога ќе ги сретнете низ градов онака стокмени на некој културен настан, сигурно никогаш не би ви паднало на памет да побарате пиперки, патлиџани, мед или шпаргла. Но, чисто да се знае, сето тоа им е само додадена вредност.