Слатко од смокви, од оние царските

1.693

Ова преубаво слатко од зрели смокви го пробав кај Софија и Тео Геракакис во нивниот дом во Сарај. Софи вети дека е ми го напише рецептот кога ќе дојде сезоната на смоквите и еве го, таман на време


Во јуни, пред да почнат пеколните горештини, бевме на гости кај Софи и Тео Геракакис кои ги запознавме неодамна и нивната приказна ни се виде интересна за пишување.

Таму, меѓудругите вкусни работи што ги имаа подготвено го пробавме и слаткото од зрели смокви.

Иако дотогаш го признавав само слаткото од зелени смокви, после ова сфатив дека и слаткото од зрели смокви може да биде превкусно.

Тогаш Софи ми вети дека рецептот ќе ми го напише кога ќе почне сезоната на смокви и еве го, стаса токму навреме.

Состојки:

3кг смокви (се бираат зрели смокви, не премногу меки и да не се распукани)
Се сечат дршките и се боцкаат со чепкалка на повеќе места (за оваа постапка се ставаат ракавици за заштита од млекото кое го испуштаат смоквите).
Смоквите се редат во тепсија и се попрскуваат со 2 лимонтуси растворени во чаша вода, а потоа сите смокви се прелеваат со 2-3 чаши вода, која не треба да ги прекрие целосно. Се вртат повеќе пати за растворот од лимонтус да навлезе насекаде.

Оваа постапка трае 15-20 минути.
Во поголемо тенџере се става вода да зоврие и во зовриената вода се ставаат смоквите.

Се варат 15 минути, додека не пожолтат, а потоа се вадат од водата.

Шербет:
За 3 кг смокви потребно е 1.8 кг шеќер, 1 ванилин шеќер и 350 мл вода.
(За помалку благо слатко: 1,5 кг шеќер за 3 кг смокви или за поблаго слатко: 2 кг шеќер за 3 кг смокви).
Се става смесата за шербет да врие и потоа се додаваат смоквите, внимателно една по една да не испукаат.
Следи многу долг процес на тивко варење (4-5 часа) и за цело тоа време се отстранува белата пена која ја испуштаат смоквите при варењето.
Варењето на смоквите завршува кога смоквите не испуштаат повеќе бела пена и кога меурите од варењето стануваат поголеми (како балончиња).
Се додаваат 2 лимони со кора исечени на кругови кои се редат да ја покријат цела површина на смесата.

Лимоните претходно да бидат добро измиени.
Благопријатниот мирис од смоквите кој цело време се шири сега е дополнително збогатен со мирисот на лимон, но и кога е слаткото готово добива мирисна нота на карамел – прегорен шеќер.

Да се внимава да не загори шербетот и цело време нежно да се промешува целата смеса.
Тенџерето се отстранува од оган и се покрива со влажна крпа.
Слаткото може и цела ноќ да отстои покриено со крпа за да се излади целосно.


Кога е целосно ладно, слаткото, заедно со исечените парчиња лимон, се распоредува во ладни тегли (претходно дезинфицирани) кои се затвараат силно со нови капачиња.
Наздравје!