Рецепт за солени лимони

Фото: „Ситно сецкано“
30

Овој рецепт за солени лимони кои се клучна состојка во мароканската кујна, како и фотографиите, се од Бојана Димитрова, инаку, прва блогерка за храна кај нас која својот блог „Ситно сецкано“ го почнала со својата сестра Маја пред цели 15 години.

Солените лимони потекнуваат од Северна Африка – тие се клучна состојка во мароканската кујна, од каде што се шират низ Блискиот Исток и Медитеранот.

Она што ви е потребно за да ги направите се три основни состојки – лимони (секако непрскани или многу добро измиени!), сол и вода. Секако, мора да имате и чиста тегла…

Нашиот рецепт за оваа клучна состојка во мароканската кујна, како и фотографиите, се од Бојана Димитрова, инаку, прва блогерка за храна кај нас која својот блог „Ситно сецкано“ го почнала со својата сестра Маја пред цели 15 години.

Прво измијте ги лимоните и доколку немате органски лимони, оставете ги преку ноќ во вода со сода бикарбона или во вода со алкохолен оцет. Кога ќе ги извадите од растворот повторно измијте ги.

Засечете ги на четвртинки по должина, ама не до крајот (треба да се држат на едната страна) и ставете по една лажица крупна сол во секој.

Наредете ги густо во тегла (можете и во помала тегла за почеток), притиснете ги убаво, ставете уште една-две лажици сол врз нив и наполнете ја теглата со сок од лимон. Лимоните треба да бидат целосно потопени во сокот.

Затворете ја теглата и оставете ја да стои околу три недели на собна температура, најдобро во кујнскиот плакар. Од време на време, секој ден или секој втор ден, отварајте ја теглата и притиснете ги лимоните под течноста, ако испливале горе.


После три недели лимоните треба да се омекнати и интензивно солени.

Може да се користат исечкани во јадења, но може и да се изблендираат. Пастата што се добива откако ќе ги изблендирате целите лимони и целата течност, може многу долго да стои во фрижидер, дури и со месеци.


Одлична е во салати, манџи, супи… многу е вкусна ако се намачка врз зеленчуци пред печење, врз риба, за маринирање месо…

Еден од најдобрите начини да се искористат солените лимони е во хумус, а рецептот можете да го најдете ТУКА.

На блогот „Ситно сецкано“ има уште многу рецепти со солени марокански лимони, како салата од кускус или јачмен, наут со праз, хумус од цвекло, кременадли…

Ако сакате да видите како изгледа подготвувањето на мароканските солени лимони, погледнете го и видеото.