Стратег и во кујна: Симона работи во сектор за информатички технологии, готви, има блог за рецепти и одгледува микробилки

111

Пораснала во семејство во кое се готвело секојдневно, а особено се вреднувала храната која е посадена, растена, свежо набрана и донесена на трпеза. Оттука, не е ни чудно што оваа млада жена решила својата страст кон готвењето, здравата храна и начин на живот да ги спои во брендот Nourish Greens

Постојат безброј стереотипи за милениумците, а еден од нив е и тој дека, во споредба со другите генерации, почесто јадат надвор, обично прескокнувајќи ги традиционалните оброци.

Симона Ристовска Вандовска е триесетитригодишна млада мајка и сопруга, припадничка токму на оваа генерација класифицирана како милениумци и таа го побива токму овој стереотип. Симона е еден од оние светли примери од оваа генерација, за кои домашната храна и семејните оброци се повторно на пиедесталот.

По професија е ИТ Талент Консултант, а своето професионално искуство во оваа област го започнала пред 10 години, работејќи во сектор за информатички технологии. Во моментов соработува со компании и клиенти преку поддршка и креирање на стратегии за стекнување и задржување на таленти, со фокус на ИТ секторот, особено во т.н. зелена технолошка индустрија за одржлива иднина.

Настрана од професионалното искуство, посебна љубов и хоби ѝ се исхраната и здравите навики на живот.

Вели дека пораснала во семејство во чиј дом, важен дел од секојдневјето биле заедничките појадоци, а особено ручеците.

„Преку заедничко готвење и заедничките ручеци после долг напорен ден секогаш сме негувале една семејна хармонија. Морам да спомнам дека имавме навистина мала кујна, во која кога ќе влезевме повеќе од двајца едвај имаше место да се свртиш, но и тоа беше дел од забавата. Имам баба и дедо кои речиси цел живот се земјоделци, па од таму и нашето фамилијарно вреднување на храната која е посадена, растена, свежо набрана и донесена на трпеза. Би нагласила и дека израснав во дом во кој готвеа и двајцата родители и најчесто се приготвуваше традиционална храна, но адаптирана по наше. Секогаш се внимаваше како е зготвена, без претерана термичка обработка и со намалени количини на масло и рафиниран шеќер. Разликата е во тоа што татко ми отсекогаш повеќе експериментираше и ни подготвуваше разни специјалитети, задолжително со покана до мене да му се придружам во кујната и да учам, додека мајка ми имаше поразличен, традиционален и попрактичен пристап. Очигледно научив и практикував од двајцата по нешто, па додадов своја нота за уште понов правец, следејќи ги и иновациите околу поздрав начин на исхрана“, вели нашата соговорничка.

Овие нејзини навики ги пренела и во своето ново семејство па сега и со сопругот ги споделува обврските, но и задоволството од секојдневното готвење, во кое веќе ја вклучуваат и нивната тригодишна ќерка.

„Доколку чувствуваме дека времето е кнап (а со ова темпо, да бидеме реални, тоа е често), не правиме притисок, умешни сме и со неколку најосновни обични состојки да направиме нешто интересно и на тоа да додадеме многу сезонски зеленчук.

Не си забрануваме ништо, но оваа пракса низ животот веќе има кај нас создадено навика за готвење поздрава храна. Тоа не е обврска или нешто што мора да се направи, едноставно, навикнати сме да се храниме такашто и кога би одбрале пица, бургер, лазањи, паста и слично, би ги подготвиле дома со одбрани намирници.

Ретки се моментите во годината (речиси и да ги нема), но можеби се случило да посегнеме по купена брза храна. Да бидам искрена, до толку сум се навикнала на ова темпо и на домашната храна, што сѐ друго ми прави да се чувствувам непријатно, подуено или со помалку енергија“, вели таа.

Оттука, не изненадува ниту нејзиниот избор да почне и самата да произведува здрави и нутритивни производи какви што се сега трендовските микробилки.

„Аматерски и за сопствени потреби и задоволство минатата година почнав да одгледувам микробилки во мојата кујна, покрај прозорецот. Претходно, во нашиот двор имавме многу зачини и билки кои отсекогаш сме ги одгледувале и сме ги користеле сезонски. Па дури и јаготки и шери домати.

Но многу брзо микробилките почнаа да ми будат сѐ поголем интерес. Ми се допаѓа тоа што се толку мали, а толку моќни, со изобилство од нутритивни вредности. Микробилките можат да содржат и до 40 пати повеќе витамини и минерали од возрасните плодови и растенија, а фактот што секоја по себе е уникатна, со различен нежен или силен зачински вкус и што на секој оброк му додаваат и хранлива вредност и визуелно го прават поубав, сето тоа е причина што кај мене предизвикаа интерес да се започне професионално, со едно вистинско одгледување и создавање производ кој ќе го направам достапен не само за нашето семејство, туку и за продажба.

Но, идејата не беше само да создадеме микробилки и да ги продаваме, туку и да едуцираме за нивната примена“, објаснува вредната Симона која овој проект Nourish Greens го поврзала и со својот блог Nourish Diaries на кој споделува совети, рецепти и видеа од својата кујна.

Секако, во оваа работа ја има поддршката од сопругот, но и од цел тим од професионалци со кои направиле неверојатен спој на ИТ технологијата и агрокултурата, па така ја создале својата смарт внатрешно контролирана градина, преку која успеваат да пораснат здрави микробилки кои се полни со свежина и со вкус, а благодарение на затворената градина, се потполно изолирани од секакви надворешни влијанија.

„Постојат многу предизвици во сето ова, особено кога се гради бренд и се создава продукт што ќе биде полесно достапен за конзументите. Предизвиците доаѓаат од многу извори. Покрај самиот процес за нивно одгледување и пакување, би рекла дека еден од предизвиците кој свесно го прифатив е пласирање на сѐ уште не доволно докажан продукт за нашиот простор. Многу од луѓето кај нас не се запознаени со микробилките, нивната примена и нивните карактеристики. Но, токму затоа, дел од нашата визија и мисија е да ги поместиме стандардите за природно одгледани продукти на едно друго ниво“, вели таа.

Редовно објавуваат новини на нивниот канал Nourish Diaries кој е моментално достапен само на социјалните медиуми, па препорачува сите кои се заинтересирани да ги следат за полесен пристап до информации околу достапноста и продажбата на микробилките.
Симона и нејзиното семејство уживаат во традиционалната храна, а омилен ручек им се полнети пиперки, но и разни други традиционални јадења со пиперки, тиквички, модри патлиџани, гравче, мусака, турлитава, спанаќ…

„Тоа што би го нагласила е дека најчесто користиме маслиново масло, не правиме запршки, избегнуваме користење на бело брашно, термичката обработка практикуваме да е онолку колку што е потребно само за да биде зготвено и покрај ручекот, секогаш сервираме голема свежа салата, од оваа година вклучувајќи ги и микробилките како неверојатен извор на витамини, минерали и уште поголеми нутритивни вредности. Сето ова го промовирам и на мојот канал Nourish Diaries, со што верувам дека сум инспирирала барем неколку семејства да уживаат во домашно подготвената храна“, завршува Симона.

Нејзиниот производ имаше огнено крштевање на неодамнешниот саем во организација на Слоу фуд во „Лимак“.

„Нашиот простор го исполнивме со салати и брускети, сервирани со микробилките, со цел посетителите да имаат можност да ги дегустираат. Покрај тоа, имавме поставено неколку садници за презентација, кои привлекоа голем интерес, како и спакувани кутии од ограничени видови на микробилки кои се распродадоа во рок од само неколку часа“, се пофали Симона.

Неа не ѝ е тешко покрај готвењето и да снима, иако признава дека понекогаш се случуваат и инциденти од типот на тоа да падне нешто од опремата за снимање, да се истури брашното или во кадар да влета нејзината ќеркичка и да ги пикне рачињата во храната за да ѝ помогне на мама.

„Предизвик е да одгледуваш и создаваш нешто што сѐ уште е на некој начин ново на нашиот простор. Низ целиот овој процес на одлука да се почне или не, наидував на секакви совети, мислења и коментари. Но, верував и сѐ уште силно верувам во својата визија и умешноста на тимот со чија поддршка и охрабрување започна целата оваа приказна.

Работам на тоа, а по малку оставам и на универзумот, понатаму, мојата досега најдолга професионална експертиза во Стратегиски Талент Менаџмент и мојата страст за исхрана која води кон здрави навики, како и традицијата пренесена од мојата фамилија за создавање своја храна, да се спојат во едно и да се создаде успешен долгорочен тим кој создава секогаш свежи, внимателно спакувани микробилки и инспиративна содржина за нивна примена во исхраната“, порачува нашата соговорничка.