Отворете ги сетилата и испробајте што повеќе… Винодонија 2024, за познавачи, винари и за обични винољупци

220

Одењето на дегустација на вино за првпат, вторпат или дури и по стоти пат е секогаш одлична можност да научите уште нешто ново за магичниот свет на виното. Скопје му се радува на осмото издание на скопскиот вински салон Винодонија 2024

Приказната за виното е стара колку и самиот живот. Во денешно време, се чини, виното достигна планетарна популарност. Постои ли некој винољубец кој не се радува на тоа?

Можеби затоа од година во година расте и нивниот број, бројот на посетители на скопскиот вински салон – Винодонија, бројот на изложувачи, на винарии и на вина.

Така, годинава не очекуваат повеќе од 500 вина од над 70 домашни и странски винарии.

Но, ова е и можност за едукација, а сите ние сме желни за нови знаења.

Одењето на дегустација на вино за првпат, вторпат или дури и по стоти пат е секогаш одлична можност да научите уште нешто ново за магичниот свет на виното.

На пример, можете да започнете како консумент кој сака да ги разликува основните видови вино и да научи некои основни информации. Но потоа веќе не ви е доволно да ги знаете „само основите“. Полека навлегувате во бербите, па во составот на секоја етикета, па ве интересира и историјата на самата винарија или производителот. Чекор по чекор и добредојдовте! Станувате винољубец! Личност која е вистински вљубена во темата вино. Личност која знае да ужива во вкусот на виното, личност која аромите на Розето ја потсетуваат на некоја морска вечер, а Каберне Совињонот на првиот снег.

А кога и каде имате подобра можност да вкусите толку многу нови сорти или етикети вино? Никаде, освен на еден настан од ваков тип каков што е Винодонија!
И ако првата асоцијација на самото спомнување на зборот вински салон ви е гужвата, апсолутно сте во право – салонот е обично преполн. Но, токму тоа е неговиот шарм. Замислете само – орда љубители на вино на едно место. Токму тоа е Винодонија.

А во меѓувреме, заборавете на се што некој ви кажал или што некогаш сте прочитале за виното! Отворете ги вашиот ум и сетилата и оставете Винодонија да ви помогне да го искристализирате својот вкус за вино.

Освен бројните винарии, вина и вински етикети и на претстојното осмо издание на Винодонија, на 13-ти и 14-ти декември, на старото место, во хотел Мериот, повторно ќе имате можност да посетите и некоја од едукативните работилници кои ги нудат организаторите.

Проект-менаџерот на овој настан, Дејан Донев, инаку, голем познавач и уште поголем винољубец, ја најави и најнесекојдневната и најуникатната работилница годинава. Станува збор за вечно популарната тема за односот помеѓу виното и кардиоваскуларното здравје, а низ неа ќе не води кардиологот д-р Емилија Лазарова од Универзитетска клиника за кардиологија.

Таа ќе не запознае со некои помалку познати факти за влијанието на умереното консумирање вино врз срцето и неговата комплексна структура и функција, разбивајќи одредени митови кои сме ги негувале досега.

Ќе ја запознаеме и винска Унгарија, но и новоформираните вински сорти во Србија. Тука е и вертикалната дегустација на Merlot Single Vineyard на винарија Камник, а ќе се најдеме и во долината на винската среќа дегустирајќи вина од северна Рона, Франција. Директорот на Винодонија, сомелиерот Александар Вучковски, ќе не внесе повторно во светот на винските меурчиња, а заедно со проф. д-р Климе Белески од Земјоделскиот факултет ќе не запознаат со Ризлингот – сорта за префинети и долговечни вина.

Освен едукативните работилници и извонредниот избор на вина, Винодонија 2024 и оваа година ќе има специјален гастрономски дел, кој ќе го заокружи винското уживање.

Работното време на салонот во двата дена од одржувањето на салонот ќе биде од 15 до 21 часот. Картите се во ограничен број, а можете да ги купите онлајн (https://vinodonia.mk/) по цена од 1.000 денари за секој ден посебно, или на самиот влез пред почетокот на настанот, по цена од 1.200 денари.