Брусница – суперовошје за подобра меморија и забавување на развојот на деменцијата

Фото: Pixabay
78

Конзумирањето шолја брусница дневно може да ја подобри меморијата, да го забави развојот на деменција и да го намали нивото на „лошиот“ холестерол, покажала студијата на британските научници.


Британските научници ги проучувале придобивките од консумирањето околу 100 грама брусница дневно кај испитаниците на возраст од 50 до 80 години и се надеваат дека нивните наоди би можеле да имаат влијание врз превенцијата на развојот на невродегенеративни болести, како што е деменцијата.

„Се очекува дека околу 152 милиони луѓе ширум светот ќе страдаат од деменција до 2050 година. Во моментов не постои познат лек за оваа болест, па затоа е клучно да се бараат алтернативни начини кои би можеле да придонесат за намалување на ризикот од нејзино развивање, како што е исхраната“, рекол шефот на истражувањето, д-р. Дејвид Ваузур од Медицинскиот факултет во Норвич, кој е дел од Универзитетот East Anglia.

„Претходните студии покажаа дека поголемото внесување на флавоноиди во исхраната е поврзано со побавно когнитивно опаѓање и побавен развој на деменција. Исто така, откриено е дека храната богата со антиоксидантите антоцијанин и проантоцијанидин, кои на бобинките им даваат црвена, сина или виолетова боја, ги подобрува когнитивните способности. Брусницата е богата со овие микронутриенти и е позната по своите антиоксидантни и антиинфламаторни својства. Затоа сакавме да дознаеме повеќе за тоа како брусницата може да придонесе за намалување на невродегенеративните промени поврзани со процесот на стареење“, рекол Ваузур.

Истражувачкиот тим го следел влијанието на консумацијата на брусница врз функцијата на мозокот и нивото на холестерол кај 60 здрави учесници во период од 12 недели.

Половина од учесниците дневно консумирале сушена брусница во прав, што е еднакво на чаша или 100 гр свежи брусници. Другата половина добила плацебо. Ова е една од првите студии кои го истражуваат долгорочното влијание на брусницата врз когнитивните способности на поединците и здравјето на мозокот.

Резултатите покажале дека консумирањето брусница значително ја подобрило меморијата на учесниците кога станувало збор за секојдневните настани (визуелна епизодна меморија), функционирањето на нервните структури и испораката на крв во мозокот (перфузија на мозокот).

„Кај учесниците кои секојдневно консумирале прашок од брусница, откривме значителни подобрувања во епизодната меморија, како и подобрена циркулација на основните хранливи материи, како што се кислородот и гликозата, во важни делови од мозокот, важни за когнитивните процеси, особено за консолидација на меморијата.

Истата група, исто така, забележала значително намалување на нивото на ЛДЛ или „лошиот“ холестерол, што придонесува за развој на атеросклероза, задебелување или стврднување на артериите предизвикани од таложење на наслаги во внатрешната обвивка на артеријата.

„Овие наоди ја поддржуваат претпоставката дека секојдневното консумирање брусница може да го подобри здравјето на крвните садови и делумно да придонесе за подобрување на церебралната перфузија и когнитивните процеси“, вели британскиот научник.

„Резултатите од нашата студија се многу охрабрувачки, особено ако се земе предвид фактот дека таа беше спроведена во релативно краток период од 12 недели. Наодите може да обезбедат важна основа за идните истражувања за потрошувачката на брусница и слични бобинки и здравјето на мозокот“, додава тој.

Со научниците од Универзитетот East Anglia соработувале истражувачите од Медицинскиот центар на Универзитетот Лајден (Холандија), Универзитетот во Парма (Италија) и британскиот институт Квадрам.