Неумерената љубов кон зелениот пијалак резултирала со лоша репутација. Дури и постоела болест наречена по неговото наводно дејство – апсинтизам
Веројатно не постои пијалак кој е толку обвиен со мистерија и контроверзии како апсинтот. Пијалакот на писателите, поетите, уметниците и оние кои живеат надвор од нормите, жарел и палел кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Бил особено популарен во Франција и брзо се проширил во САД, особено во Њу Орлеанс, град со француски корени.
Иако точното потекло на апсинтот е непознато, се верува дека е произведен од др. Пјер Ординер во 1792 година како лек за дизентерија и маларија. Брзо го добил прекарот la fée verte или „зелената самовила“ поради неговата карактеристична боја. Лекот најпрво се раширил меѓу француските војници во Северна Африка, кои го користеле против микроби и за дезинфекција, а потоа ги освоил и сите други љубители на жестоките пијалаци.
Пабло Пикасо, Шарл Бодлер, Пол Гоген, Винсент ван Гог, Ернест Хемингвеј, Едгар Алан По, Артур Рембо, Анри де Тулуз-Лотрек, Брајан Ворнер, Оскар Вајлд и многу други барале инспирација во апсинтот, а овековечен е и во некои од нивните дела. Мане и Дега се некои од големите уметници кои биле инспирирани од апсинтот.
L’Absinthe е едно од познатите дела на Дега, кое прикажува жена со депресивен израз на лицето како зјапа во празно со чаша на масата. Јавноста го осудила делото, нарекувајќи го одбивен приказ на деградирани души способни само за пороци.
The Westminster Gazette отишле дотаму што објавиле рецензија во која се вели: „Ова можеби е одлично сликарство, но „ликовната уметност“ е нешто сосема друго“.
Мане добил слични реакции на својата слика на пијаница – тој бил исмеан поради изборот на тема, а неговиот ментор Томас Котур изразил бес и заклучил дека уметникот го изгубил моралниот компас.
Без разлика на умешноста на сликарот, апсинтот во уметничките дела не бил одобрен.
Со години имал репутација на пијалак кој предизвикува халуцинации и ја ослободува креативноста, што веројатно е една од причините поради која станал популарен меѓу уметниците. Жаргонот во тоа време бил полн со изрази како зелен час (време за пијачка), односно, пет часот попладне, времето кога сите кафулињата биле исполнети со гости кои пиеле апсинт.
Обвинет за насилство
Неумерената љубов кон зелениот пијалак резултирала со лоша репутација. Го обвиниле за лудило, халуцинации и насилство. Имало дури и болест наречена по неговиот наводен ефект – апсинтизам. Кога еден швајцарски фармер ја убил својата сопруга по долг ден опивање со „зелената самовила“, Швајцарија стана една од првите земји што го забрани овој пијалак во 1910 година. Американските власти го забранија апсинтот во 1912 година поради големиот број алкохоличари, а во 1920 година започна ерата на прохибиција, целосна забрана на алкохолот. Дури и во Франција, каде што годишно се пиеле милиони литри апсинт, забраната стапила на сила во 1915 година.
Што е точно апсинт?
Artemisia absinthium е главната состојка по која пијалакот го добива своето име – растение попознато како пелин, на кое се додаваат други состојки, како што се ѕвездениот анис и анасон. Смесата се мацерира во силен алкохолен дестилат, а некогаш се користело и вино. Традиционалниот начин на уживање во апсинт вклучува бавно истурање на ледена вода (во сооднос од три до четири делови вода на еден дел од апсинт) преку перфорирана лажичка на која се наоѓа коцка шеќер. Кога водата ќе дојде во контакт со апсинтот, течноста станува заматена поради супстанца која не е растворлива во вода. Ако тоа не се случи, веројатно е дека апсинтот не е произведен со класичен метод и може да укажува на послаб квалитет.
Денес, апсинтот може да се најде насекаде низ светот, а градовите како Париз, Берлин и Прага имаат дури и специјализирани барови за уживање во зелената самовила на ритуален начин, со специјални чаши, лажички и мали фонтани од кои водата бавно капе во пијалакот. Ако вашето патување ве одведе до некој од нив, пијте го умерено, на ваш сопствен ризик.
Кај нас постоеше Апсинт Бар во Старата скопска чаршија, но беше затворен.