Домашните њоки се едно од оние јадења кои или успеваат совршено или воопшто не успеваат.
Дали компирот е доволно мек? Дали е премногу сув? Или можеби премногу влажeн? Зошто се распаднаа веднаш штом се допреа до водата? Подготовката на њоки може да биде предизвик и често вклучува многу обиди и грешки. Но, слатките компири доаѓаат на помош!
Со само две едноставни состојки, можете да подготвите њоки кои не само што се лесни за правење, туку и преполни со корисни хранливи материи.
Она што ги прави посебни њоките од слатки компири е тоа што заситуваат и не оставаат чувство на тежина. Плус, подготовката е побрза отколку што може да очекувате, а со текот на времето станувате повешти.
Зошто сладок компир?
Слаткиот компир содржи околу 30% помалку скроб и речиси три пати повеќе влакна од обичниот компир, што го прави идеален за правење њоки. Додека стандардните њоки бараат многу брашно и јајца за да се врзат заедно, кај слатките компири е доволно само додавање брашно.
Овој рецепт затоа е многу поедноставен и ќе ви „прости“ за малите грешки. Ќе добиете вкусни и убаво обликувани њоки при првиот обид.
Овој рецепт за њоки од сладок компир лесно може да се подготви однапред, што е идеално за брзи вечери. Како да се подготвите однапред? Слаткиот компир испечете го, завиткајте го во алуминиумска фолија или чувајте го во сад и во фрижидер додека не сте подготвени да го направите.
Состојки (за две порции):
1 голем сладок компир
90 гр брашно
Половина лажичка сол
1⁄4 лажичка мелено морско оревче
1⁄4 лажичка црн пипер
Подготовка:
Со вилушка или со врвот на ножот избоцкајте ја кората од слаткиот компир. Печете во микробранова печка, со кората, 10 минути. Потоа издлабете ја средината и убаво изгмечете со вилушка.
Додадете го брашното и измешајте со вилушка.
Месете 2-3 минути на малку набрашнета површина. Расукајте во форма на црево дебело околу еден сантиметар и исечете на парчиња.
Нежно тркалајте ги со запците на вилушката за да направите вдлабнатини. Оставете ја водата да зоврие, намалете ја топлината на минимум и внимателно ставете ги њоките во водата. Кога ќе испливаат значи дека се готови! Времето за готвење е околу 1-2 минути.