Најлесната и највкусната торта: Одлично се снаоѓа и како роденденска

57

Овој едноставен рецепт е еден од оние кои брзо се прават, а потоа, во зависност од тоа колку сте креативни со украсувањето, може да е и супер претставителна роденденска торта.

Ова е една од оние торти кои изгледаат фантастично, па си мислите дека е прекомплицирана за правење, а всушност е најлесната и највкусната торта што некогаш ќе ја направите!

Одлична е дури и ако сакате да ја правите заедно со децата, но и ако сакате да изненадите некој од семејството за роденден. Во тој случај, и ако сте креативни како младата уметница Јана Русевска, тортата ќе изгледа едноставно кралски!

Таа ни го испрати рецептот од оваа вкусна торта која ја направила за роденденот на својот татко.

Предупредува дека украсувањето е по сопствен избор, а доколку си ја правите без повод, не мора ни да го правите.

Во случајов, вели, „е малку поблага отколку што обично јадеме ние дома, ама па, еднаш е роденден, нели?“

Еве го и рецептот:

Состојки:

1 шолја шеќер (можете слободно да ставите и пола, особено ако ја украсувате)

½ шолја несолен путер

2 големи јајца

2 лажички екстракт од ванила

1 ½ шолји брашно

1 ¾ лажички прашок за пециво

½ шолја млеко

Праски или некое друго овошје по желба

Приготвување:

Подгответе ги сите состојки. Загрејте ја рерната на 175 степени. Исечете хартија за печење во форма на тркалезна тава за торта (22 цм).

Изматете ги шеќерот и путерот заедно во сад за мешање со електричен миксер додека не добиете воздушеста смеса со посветла боја. Додадете јајца, едно по едно, матејќи кратко по секое додавање. Измешајте ја ванилата.

Во посебен сад измешајте го брашното и прашокот за пециво. Додавајте ја смесата од брашно во влажните состојки во серии, наизменично со млекото, матејќи ја смесата кратко по секое додавање.

Наредете ги праските исечени на поголеми парчиња во тавата со хартија за печење, истурете ја смесата одозгора и печете во загреаната рерна додека чепкалката за заби забодена во средината не излезе чиста, околу 30 до 40 минути.

Извадете ја од рерна и целосно изладете ја. Превртете ја во чинија така за праските да дојдат одозгора, по желба, прелијте ја со глазура и уживајте!

Ако сакате од преливот како тој на фотографиите, станува збор за путер крем?

Што е путер крем?

Путер кремот е слатка и мека глазура направена со матење путер и шеќер. Други вообичаени состојки вклучуваат млеко (за да се создаде совршена текстура) и ванила (за едноставен, пријатен вкус).

Состојки:
½ шолја несолен путер, на собна температура

2 шолји шеќер во прав, просеан

1 ½ лажички чист екстракт од ванила

2 лажици млеко

Приготвување:

Матете го путерот во сад со пошироките маталки додека не стане мазен и мек.
Постепено додавајте го шеќерот и матете додека целосно не се соединат.

Додадете го екстрактот од ванила и млекото и матете уште 3 до 4 минути.

Ставете го во шприц за украсување и украсете по ваша желба.