Не е сеедно… Kакво кафе пиевме порано, а какво пиеме денес?

Фото: Pexels
146

Порано имавме само турско кафе и бевме среќни ако не е помешано со наут, а потоа научивме дека има и нес-кафе и еспресо, макијато, капучино, дека тие може да се мешавина од арабика и робуста, или само едното или другото, но и дека е многу важен нивниот сооднос, па од топли кафиња, отидовме на ладни и го откривме и колд бру…И сега, нормално, сакаме да пребираме, да уживаме и да го чувствуваме во ноздрите оној прекрасен мирис на добрите кафиња или ич да не пиеме

Кога ќе се сетам (а имам доволно години за да се сеќавам), кога станува збор за пиењето кафе, откако престанаа приказните за растењето на опашката, пиевме само турско и бевме живи среќни ако баба ми го немаше веќе помешано со наут.

Како мала многу ми се допаѓаше вкусот на она малку кафе што го добивав во филџанчето помешано со малку млеко, додека седев и ги слушав муабетите на возрасните чувствувајќи се така како дел од нивниот свет.

Потоа, кога со сестра ми и другарките веќе се навлековме на кафе, пиевме само турско, со густ дебел талог, поради кој кафето траеше едвај два-три дена, па мајка ми почна да го крие по разни необични места. Но секогаш го наоѓавме. Јас експериментирав со вкусовите па си додавав мелен ѓумбир, некогаш ставав лимон, особено ако ме болеше глава, некогаш ставав сируп од слаткото од смокви за да си го заблажам, наместо шеќер, и тоа беше долго мојот фаворит.

Арно ама, после ни дојде нес-кафето, па почнаа еспресо, макијато, капучино, американо, фрапе, вакво или онакво.

Е сега, која е разликата меѓу капучино, макијато и кафе лате?

Всушност, во вкусот и нема некоја голема разлика, разликата е само во изгледот и во количината на млеко. По правило, макијатото е во мала шоља. Прво го топлиме млекото со убава пена и го ставаме настрана, а потоа го спремаме еспресото од 23 мл во мала шоља и таа ја надополнуваме со топлото млеко. Истиот процес, само во голема шоља, е капучино.

Кафе лате има малку поголема количина на млеко, но тоа сепак зависи и од обликот и формата на чашата во која треба да биде послужено. Во чашата најпрво се става топло млеко, а веднаш потоа се става пената од топлото млеко. На крајот се става полека и внимателно еспресото и тоа останува како темен слој во средината помеѓу двете агрегатни состојби на млекото.

Во сите рецепти со кафе дали тоа се прави со млеко, со портокал или со тоник, мора да се придржувате кон едно, кафето е секогаш 23 милилитри.

А кога ќе навлезете во тајните на кафето, секако дека нема да ви е важно веќе дали е еспресо, макијато или незнам што, туку ќе ви биде важен и составот, односно, дали е арабика, робуста или е мешавина од двете, како и нивниот сооднос.

Која е разликата меѓу Арабика и Робуста?

Арабиката поради малата количина на кофеин кога ја пиеме е воденеста, лесна, со природно благ вкус, кремата или кајмакот има светло кремаста боја и таа се препорачува за луѓе кои што конзумираат повеке од 4 кафиња дневно. Робустата е кафе со многу кофеин и кога ја пиеме ја чувствуваме густината на кафето и горчливоста, кремата или кајмакот има темно златеста боја. Нашиот менталитет е склон на овој тип на кафе и Робуста е најпродавано и најзастапено во кафетериите и рестораните. Кога би погледнале две филџанчиња со еспресо по бојата на кремата или кајмакот веднаш може да познаете за какво кафе станува збор дали е Робуста или Арабика. Последната голтка од еспресото секогаш го открива типот на кафето зошто тогаш е засилена киселоста или горчината.

А потоа ќе почнете да трагате по специјални кафиња…

За среќа, последниве години конечно и во Скопје има места кадешто може да се купат и да се пијат добри кафиња.

Така, пред неколку години го откривме и кафето Италија и она убаво кафуле на ќоше (Л’анголо ди кафе) во Скопје кадешто се снабдуваат со кафето од овој бренд и многу други кафулиња и кадешто може да се купат најдобрите мешавини од јужноамериканска и индиска арабика, потоа бразилска и индиска арабика со селектирана робуста од Азија и Африка, нашето омилено Кафе Етиопија, па кафе Бразил, Колумбија, Суматра, Танзанија, Бурунди, Етиопија Сидамо и, секако, колд бру (cold brew), кое последниве години стана хит меѓу љубителите на кафе, а особено меѓу оние кои сакаат да пијат повеќе кафиња на ден, а потоа имаат проблем со срцебиењето.

Што е точно ладно подготвено кафе и како да го направите дома? Подолу, ви донесуваме сè што треба да знаете за да можете да уживате во овој пијалак кога сакате.

Што е колд бру кафе?
Ова кафе се разликува од класичното кафе по начинот на кој се подготвува. Додека повеќето кафиња бараат топла вода за да се извлече вкусот од зрната, ладно подготвеното кафе користи ладна вода. Кафето се потопува во вода на ниска температура на подолго време – обично помеѓу 12 и 24 часа. Резултатот е кафе со помалку горчина и киселост во споредба со методите на топла подготовка.

Овој метод дава побогат и пополн вкус, а процесот на ладна екстракција ја намалува киселоста на кафето, што го прави ова кафе одличен избор за луѓе со чувствителен стомак или за оние кои сакаат помалку интензивен вкус.

За да направите сами колд бру кафе, ќе ви требаат 50 грама крупно мелено кафе и 900 мл ладна вода.

  1. Во садот се ставаат 50 гр мелено кафе и 900 мл ладна вода.
  2. Садот се става во фрижидер и се остава 12 часа.
  3. Откако ке поминат 12 часа меленото кафе се фрла додека остатокот е спремен за консумирање.
  4. По желба се пие со млеко и мраз или со парче портокал, а секако, можете да го консумирате и само така.

Иинтересни факти за COLD BREW

Овој пијалак се прави од 100% Арабика па имајте предвид дека ладниот пијалак е помалку кисел од вообичаено еспресо. Доколку еспресото ви го надразнува желудникот тогаш треба да конзумирате ладни кафиња.
Процесот на ладна екстракција носи помалку горчливи соединенија на кафе што дава подобар и понежен резултат.

Дали топлото кафе е подобро од ладното?

И на крајот, да појасниме за оние читатели кои не знаат дека постојат два типа на кафе Робуста и Арабика. Робуста е тип на кафе со повеке кофеин, зрното е топчесто и тоа спаѓа во традиционални кафиња со горчлив и агресивен вкус, додека Арабика е кафе со многу малку кофеин и зрното е подолгнавесто, но овие кафиња се киселкасти или цитрусни. Секоја фабрика за кафе има свој рецепт за печење затоа што печењето има голем придонес во аромата.

Колку кафиња е безбедно да испиеме во текот на денот?

Доколку кафето е квалитетно, убаво испечено, правилно направено од машина која редовно се чисти и одржува на дневно ниво тогаш нема да имате проблем со шест кафиња дневно. Во спротивно може да чувствувате непријатност во стомакот и желудникот и со едно испиено кафе. Од кафулето Л’Анголо ди Кафе препорачуваат наутро денот да ни започне со кафе кое ќе содржи повеке Робуста, може да биде бленд кое ќе има 90% Робуста, 10% Арабика или 80% Робуста, 20% Арабика и ќе ни даде повеќе енергетски потик, но во попладневните и вечерните кафе уживања слободно да се препуштите на 100% Арабика или бленд од 80% Арабика 20% Робуста.

Македонците пијат најмногу кафе со млеко и за жал, со шеќер. Турското кафе нема никогаш да излезе од мода, но и тоа може да биде добар избор ако е правилно одбрано, а секако е подобар избор од кафето со млеко.