Стари сорти за нови деца: Везенка 2025 ја обновува традицијата и ги враќа вкусовите од детството

Фото: Freepik
38

Идејата на Саемот на автохтони сорти „Везенка“ кој годинава ќе се одржи по вторпат, е да се промовира вредноста на локалните сорти, кои полека ја губат битката под напливот на хибридните семиња.

Македонските црвени пиперки, нанижани на конец и сушени на сонце се еден од најголемите белези на македонската традиција. Настрана тоа што денес една низа суви везени пиперки чини како суво злато, тие се едни од највкусните и најсестраните намирници кои ги имаме во нашата кујна.

Токму по овие везени пиперки е наречен и саемот кој го организира Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Пчиња“ од селото Пчиња.

Да одгледуваме производи од старите сорти и да ги вратиме вкусовите од детството, беше мотото на нивниот прв Саем на автохтони сорти „Везенка“, а годинава го очекуваме вториот кој е закажан за 5 октомври 2025, на истото место, во кумановското село Пчиња.

Идејата на оваа манифестација е да се промовира вредноста на локалните сорти, кои полека ја губат битката под напливот на хибридните семиња.

Претседателот на здружението Стојан Стојковски вели дека само со јакнењето на свеста за автохтоните сорти може да имаме квалитетни и конкурентни домашни производи, по рецептите на нашите предци.

– Вкусот на тоа што порано сме го јаделе и ова денес со хибридните сорти е многу различен. Тоа ми беше мотив да го организирам овој саем, за да ги заштитиме старите сорти. Тоа ќе го постигнеме исклучиво со подигање на свеста кај производителите да почнат да ги одгледуваат старите сорти – вели Стојковски.

Посетителите на манифестацијата која е закажана за 5 октомври од 11 часот, пред инфо центарот во село Пчиња, ќе имаат можност да го посетат базарот на домашни производи од малите локални производители, свежо овошје и зеленчук, домашен ајвар, слатко, сокови, мед, месни преработки, вино и ракија.

Жителите на Пчиња се надалеку познати по квалитетни раноградинарски производи, пред сѐ, пиперка везенка, а бидејќи селото е во непосредна близина на Бислимската Клисура на реката Пчиња, има голем потенцијал за развој на туризмот. Шансата за развој на селото мештаните ја гледаат во спојување на овие две гранки и изградба на сместувачки капацитети.