Селенот влијае на правилната функција на мозокот, имунитетот и плодноста: Овој важен минерал најмногу го има во еден јаткаст плод

Фото: Unsplash
1

Ниските нивоа на селен во крвта се поврзани со разни воспалителни состојби, вклучувајќи проблеми со цревата.

Селенот е суштински минерал во трагови кој е многу важен за здравјето и иако ни е потребен во релативно мали количини, тој е неопходен за многу телесни процеси: влијае на правилната функција на мозокот и когнитивната функција, зa здрав имунолошки систем и за плодноста кај мажите и жените.

Селенот учествува во превенцијата од кардиоваскуларни заболувања, придонесува за метаболизмот на тироидните хормони и синтезата на ДНК и помага во заштитата од оксидативно оштетување и инфекции.

Ниските нивоа на селен во крвотокот се поврзани со разни воспалителни состојби, вклучувајќи проблеми со цревата. Бразилските ореви се најбогатиот извор на селен. Студија објавена во Journal of Nutrition сугерира дека консумирањето само осум грама бразилски ореви дневно може да го подобри здравјето на цревата и да го намали воспалението во телото.

Здравје на цревата

Поточно, јадењето еден до два ореви дневно е доволно за да се добие потребната количина на селен. Во студијата, групата која консумирала бразилски ореви осум недели имала значително зголемување на нивото на селен во крвта во споредба со групата која не ги јадела.

Исто така, во групата која консумирала бразилски ореви, имало намалување на вредностите на воспалителните маркери, вклучувајќи го Ц-реактивниот протеин, факторот на туморска некроза, интерлеукин-1β и интерлеукин-8, што укажува на подобрување на воспалителната состојба.

Авторите на студијата истакнуваат дека селенот делува како моќен антиоксидант кој го неутрализира оксидативниот стрес и ги намалува проинфламаторните цитокини, со што се намалува цревната пропустливост, а влакната и полинезаситените масти од јаткастите плодови имаат антиинфламаторно дејство и го штитат здравјето на цревата дејствувајќи во синергија со селенот.

Бразилските ореви содржат и минерали цинк и магнезиум, фосфор, бакар и железо.