Регулирајте го притисокот со слатка лубеница: Не ги фрлајте ниту семките и белата кора!

Фото: Pixabay
52

Лубеницата е исклучително богата со L-цитрулин, супстанца која може да помогне во опуштањето на крвните садови, што може да го подобри протокот на крв и да помогне во подобра контрола на крвниот притисок. Еве како да ги искористите и семките и белата кора


Лубеницата е синоним за лето. Нејзината сладост и освежителен ефект ја прават најпопуларното летно овошје низ целиот свет. Но, нејзиниот прекрасен вкус и свежина не се единствените причини зошто треба да ја вклучите лубеницата во вашата исхрана. Како и другите овошја и зеленчуци, лубеницата е и многу хранлива и многу вкусна, а постојат голем број причини зошто ова овошје е одлично за вас.

Една од главните е фактот дека лубеницата е одличен извор на антиоксиданти, првенствено ликопен, кој ѝ ја дава нејзината карактеристична црвена боја. Антиоксидантите помагаат во борбата против слободните радикали кои можат да предизвикаат оштетување на клетките. Како и сите фитонутриенти, ликопенот штити од некои видови рак, како што се рак на простата и дојка, а може да помогне и во заштитата од срцеви заболувања. Покрај лубеницата, доматите, црвениот грејпфрут и гуавата се исто така богати со ликопен.

Влијае на варењето

Лубеницата е составена претежно од вода, 92 проценти, па затоа консумирањето на ова овошје е одличен начин да останете хидрирани во текот на жешките летни денови. Можете да ја користите и како ужина по тренинг за да ги надополните течностите изгубени за време на вежбањето.

Содржината на вода во лубеницата ќе помогне во варењето, бидејќи хидратацијата е од витално значење за овој телесен процес. Во спротивно, ако сте дехидрирани, вашето тело ќе ги повлече сите достапни течности за да помогне во движењето на храната низ вашиот систем. Ова може да доведе до запек, а редовната хидратација може да помогне во спречувањето на овој проблем.

Има ниска содржина на шеќер и калории

Шолја сечкана лубеница содржи околу 45 калории и 10 г шеќер. Иако шеќерот природно присутен во овошјето не е здравствен проблем, луѓето кои треба да го следат внесот на јаглехидрати (а шеќерот е јаглехидрат) сепак може треба да се одлучат за овошје со помала содржина на шеќер. Од друга страна, лубеницата има помалку шеќер од многу овошја, како што се дињата, праските, црешите или јаболката.

Преполни со есенцијални хранливи материи

Шолја лубеница ќе ви обезбеди 13 проценти од вашите дневни потреби за витамин Ц, како и помали количини калциум, железо, магнезиум, калиум и витамин А.

Помага во одржувањето на здравјето на крвните садови

Лубеницата е исклучително богата со L-цитрулин, супстанца која може да помогне во опуштањето на крвните садови, што може да го подобри протокот на крв и да помогне во подобра контрола на крвниот притисок. Можеби веќе сте слушнале дека лубеницата може да помогне и во ублажување на болката во мускулите по интензивно вежбање, што е исто така последица на ефектите на L-цитрулинот, за кој се смета дека им помага на мускулите побрзо да се обноват и да се опорават. Сепак, треба да се има предвид дека студиите за ова се спроведени на мали примероци и со кратко траење, а резултатите беа неконзистентни.

Зошто не треба да се фрлаат ниту семките?

Семките често се фрлаат, но се јадливи и исклучително хранливи. Тие се богати со здрави масти и протеини, а се исто така добар извор на железо, магнезиум и цинк. Имаат сличен вкус на семки од сончоглед, но со помалку јаткаст вкус.

Ако сега мислите дека ќе мора да ги џвакате овие цврсти црни семки, не се грижете. Од нив можете да направите чај.

За чајот ви требаат:

4 лажички мелени семки
2 литри вода

Приготвување:

Семките се варат 15 минути во врела вода и тоа е тоа.

Освен како чај, можете да ги искористите мелените семки во сок од лубеница и да измешате сè заедно во блендер, а потоа зачинете со неколку лисја свежо нане. Можете да го пиете топло или ладно.

Семките ги содржат сите нутриенти потребни за нормално функционирање на човековиот организам од протеини, здрави масти, витамини и минерали, а особено се богати со витамин Е – еден од нутриентите кои многу луѓе не го внесуваат доволно.

Можете да ги приготвите и на следниот начин:

Семките измијте ги и оставете да стојат 2 часа во солена вода. Потоа исушете ги со хартиена салфета за да го отстраните вишокот вода и евентуалните остатоци од лубеница. Загрејте ја рерната на 160°C.

Ставете ги семките во сад за печење и попрскајте ги со маслиново масло. Зачинете ги со саканите зачини и со исечкано парченце путер и печете ги 40  минути, прво на 160, а потоа уште 15 минути на 180°C додека не станат крцкави и темнокафени. Кога се готови извадете ги и оставете да се оладат, Колку повеќе се ладат толку покрцкави ќе станат. Уживајте во нивниот вкус а тие што ќе ви останат чувајте ги во затворен сад во фрижидер.

Јадлива е и белата кора од лубеницата

Речиси сите делови од лубеницата се јадливи – па и белиот раб покрај кората, доколку се приготват на правилен начин.

Белиот дел можете да го одвоите од надворешната кора, да го исечете на коцки и да го ставите во вок да го приготвите во некоја мешавина од зеленчук, можете да направите крем-супа или да го киселите како што го правите тоа со краставичките за зимница.

Работи на кои треба да внимавате

Кога купувате цела лубеница, измијте ја надворешноста на лубеницата пред да ја исечете на парчиња, бидејќи надворешната кора може да биде контаминирана со штетни бактерии. Доколку се присутни бактерии, ножот може да ги пренесе од кората на пулпата при сечење. Исто така, секогаш користете чист нож за да ја исечете за да не пренесете случајно бактерии од друга храна на лубеницата. Целата лубеница може да трае седум до десет дена на собна температура. Ова важи за оние што се набрани, а потоа транспортирани до продавницата, додека лубениците што се локално одгледувани можат да траат уште подолго. Исечената лубеница треба да се чува во фрижидер и треба да се јаде во рок од три до четири дена од денот кога ќе ја исечете.