Чистење од паразити: Мит, потреба или маркетиншки трик?

Фото: Unsplash
56

Замор што не исчезнува, подуеност по речиси секој оброк, лош сон, акни, алергии, желба за слатко или прекумерна тежина – судејќи според содржините што ги преплавуваат социјалните мрежи последниве години, зад сите тие тегоби би можел да стои истиот виновник: скриени паразити.

На Тик-Ток, Инстаграм и други социјални мрежи, последниве години молневито се рашири тренд познат како „parasite cleanse“, односно, „чистење од паразити“. Под хаштаговите #parasitecleanse, #parasites, #parasitedetox, #deworm, #worms и #holistichealth, корисниците споделуваат видеа, фотографии и лични искуства, тврдејќи дека разни хербални лекови им помогнале да ги елиминираат паразитите, да го подобрат варењето, да ја зголемат енергијата и да решат низа здравствени проблеми.

Трендот доби дополнително внимание кога германскиот супермодел Хајди Клум јавно објави дека таа и нејзиниот сопруг ќе прават „чистење од црви и паразити“ откако, како што рече, постојано гледала на Инстаграм содржини за наводните придобивки од ваквите третмани.

– Сè што гледам на Инстаграм во моментов е за црви и паразити – рече таа во интервју за списанието People. Додаде дека слушнала дека таквото „чистење“ треба да се прави еднаш годишно, иако нема потврдена паразитска инфекција.

Во меѓувреме, се појавија и инфлуенсери кои ги изградиле своите профили на оваа тема. Меѓу најпознатите е Американката Ким Роџерс, која се претставува на социјалните мрежи како „The Worm Queen“ односно, „Кралицата на црвите“. На Тик-Ток и Инстаграм ја следат околу милион корисници. Во своите објави, таа тврди дека надуеноста, несоницата, желбата за храна, крцкањето со забите за време на спиењето, главоболките и бројни други симптоми се поврзани со присуството на паразити во телото. Роџерс препорачува редовни антипаразитски третмани три до четири пати годишно, особено за луѓе кои имаат домашни миленици, а ги продава своите препарати за вакви програми преку својата веб-страница.

Популарноста на содржините за таканаречените антипаразитски лекови не остана незабележана дури и кај лекарите. Експертите предупредуваат дека сè повеќе луѓе контактираат со нив убедени дека имаат паразитска инфекција исклучиво поради содржината што ја виделе на социјалните мрежи. Истовремено, тие предупредуваат дека се развил профитабилен тренд на продажба на билни препарати и додатоци во исхраната околу „чистењето од паразити“, иако нема квалитетни научни докази за повеќето тврдења што тие ги промовираат.

Австралискиот инфектолог и истражувач на паразити Арон Џекс истакнува дека нему и на неговите колеги сè почесто им приоѓаат луѓе убедени дека имаат долготрајна, недијагностицирана паразитска инфекција, иако тоа обично не се потврдува со лабораториски тестови. Според него, во развиените земји паразитските инфекции кај инаку здравите луѓе се релативно ретки, а симптомите како надуеност, замор или дигестивни проблеми почесто имаат други причини.

Експертите предупредуваат дека овој популарен тренд често се заснова на страв и маркетинг, а не на научни докази. Вистинските паразитски инфекции постојат, но нивното лекување бара точна дијагноза и соодветна терапија.

Производите за „детоксикација од паразити“ најчесто содржат состојки како пелин, каранфилче, црн орев, масло од оригано и други билки за кои производителите тврдат дека имаат антипаразитско дејство. Сепак, нема доволно научни докази дека ваквите комбинации навистина можат да ги отстранат паразитите од човечкото тело.

Некои луѓе по користење вакви препарати објавуваат фотографии од необични структури во столицата, убедени дека исфрлиле паразити.

Сепак, лекарите објаснуваат дека често станува збор за слуз, влакна од храна или остатоци предизвикани од промени во исхраната и употреба на средства кои го забрзуваат празнењето на цревата, а не за вистински паразити.

Употребата на непроверени препарати може да предизвика несакани последици, како дијареја, дехидратација, нарушување на балансот на електролити или недостаток на хранливи материи.

Особено проблематично е што додатоците во исхраната не се контролираат на ист начин како лековите, па нивната содржина и безбедност не се секогаш гарантирани.

Ако постои сомневање за паразитска инфекција, најдобро е да се направат соодветни анализи, како испитување на столица или други тестови според проценката на лекар.

Доколку навистина се утврди паразит, се користат специфични лекови кои се насочени кон конкретниот причинител.

За одржување на здрав дигестивен систем, експертите препорачуваат балансирана исхрана богата со растителни влакна, доволно течности, добра хигиена и безбедно ракување со храната.