Оземпик за сиромашни: Помага при слабеење, нутриционистите го фалат, а еве и како се користи

Фото: Pixabay
61

Иако на социјалните мрежи го нарекуваат „Оземпик за сиромашни“, псилиумот не е чудотворен лек за слабеење, туку моќен додаток во исхраната. Станува збор за влакна кои имаат реални, научно докажани придобивки за варењето и контролата на апетитот.

Во ерата на лековите за слабеење, како што е Оземпик, кои ги променија правилата на игра, потрагата по поевтини и подостапни „природни“ алтернативи стана интернет-феномен. Најновата ѕвезда на социјалните мрежи се лушпите од псилиум, додаток во исхраната кој поради своето дејство врз чувството на ситост го доби прекарот „Оземпик за сиромашни“.

Иако стручњаците предупредуваат дека ваквата споредба е претерано поедноставена и може да доведе до заблуда, не може да се негира дека псилиумот има реални придобивки.
За разлика од лековите од групата GLP-1, кои делуваат на хормонално ниво и влијаат врз центрите за глад во мозокот, псилиумот функционира на многу поедноставен, механички принцип. Се добива од семето на индискиот тегавец (Plantago ovata), а неговата главна предност е исклучително високата содржина на растворливи влакна.

Токму тоа својство е причината поради која псилиумот може да помогне при слабеење. Гелот зафаќа простор во желудникот и го забавува варењето, па чувството на ситост трае подолго. На тој начин може да се намали гладот и, последично, внесот на калории. Тој не делува хормонски и не влијае на центрите за глад во мозокот како GLP-1 лековите.

Колку може да помогне? Сеопфатна метаанализа на клинички студии, покажала дека внесувањето околу 10 грама псилиум дневно, заедно со оброците и во период од неколку месеци, кај лица со прекумерна тежина било поврзано со просечно намалување на телесната тежина за околу два килограми, како и со намалување на обемот на половината. Тоа значи дека псилиумот може да биде помош, но не е чудотворно средство за слабеење.

Псилиумот има и добро позната улога во регулирањето на варењето. Поради способноста да врзува вода, може да помогне при запек, додека во одредени случаи може да помогне и при пролив. Растворливите влакна можат да придонесат и за намалување на LDL-холестеролот и за побавна апсорпција на шеќерите од храната.

Но, постои едно многу важно правило: псилиумот мора да се зема со доволно течност. Во спротивно, бидејќи силно набабрува, може да предизвика надуеност, грчеви, а во ретки случаи и сериозни проблеми со проодноста на дигестивниот тракт. Затоа се препорачува да се започне со мала количина, на пример половина до една чајна лажичка дневно, а потоа постепено да се зголемува.

Поради неутралниот вкус, псилиумот многу лесно може да се вклопи во секојдневната исхрана. За појадок наједноставно е да се измеша со чаша јогурт, кефир или утринско смути, при што напитокот треба да се испие веднаш, пред да се згусне. Одлично се комбинира и со топла овесна каша, а може да се додаде и во смесата за палачинки или мафини.

Но, неговата примена не завршува со утринскиот оброк. Може да се користи и како природен згуснувач за супи и чорби, така што една лажичка ќе се додаде пред крајот на готвењето. Во смесата за ќофтиња, плескавици или вегетаријански бургери, псилиумот може да послужи како одлично средство за поврзување наместо лебни трошки. Може дискретно да се додаде и во сосови за тестенини или домашни намази, со што ќе се зголеми нивната содржина на влакна.

Еве една едноставна и вкусна идеја за појадок: измешајте грчки јогурт, една лажичка псилиум и една лажица чиа семе, оставете ги неколку минути да омекнат, а потоа одозгора додадете исечкано киви и една рака бобинки. Ќе добиете лесен, но исклучително заситувачки оброк за совршен почеток на денот.