Зошто ни се спие после јадење? Колку е потежок и покалоричен оброкот, толку сме повеќе поспани

Фото: Pexels
35

Поспаноста по оброк е многу честа појава, особено по голем и калоричен ручек, но причината не е едноставно тоа што крвта се слева од мозокот кон желудникот. Улога имаат повеќе процеси што се случуваат во организмот по јадењето.

На многумина им се случило: ќе изедат добар ручек и само неколку минути или час подоцна почнуваат да зеваат и едвај ги држат очите отворени. Оваа појава има и медицинско име – постпрандијална поспаност, односно поспаност по јадење. Таа е особено изразена по големи оброци и често се совпаѓа со природниот попладневен пад на будноста.

Една од причините е самиот состав на оброкот. Оброците богати со масти и јаглехидрати почесто се поврзуваат со чувство на замор и поспаност. Големите количини рафинирани јаглехидрати и шеќери можат брзо да го зголемат нивото на гликоза во крвта, по што кај некои луѓе следува чувство на пад на енергијата.

Но, не е точно популарното објаснување дека после јадењето „целата крв оди во желудникот“, па мозокот останува без доволно крв и затоа ни се спие. Истражувањата покажуваат дека поспаноста по оброк е посложена и вклучува промени во хормоните и сигналите меѓу дигестивниот систем и мозокот, како и природниот ритам на будност и спиење.

Големината на оброкот исто така има значење. Колку е потежок и покалоричен ручекот, толку е поголема веројатноста да почувствуваме изразена поспаност. Затоа по обилен празничен ручек или голема вечера чувството на „тешки очи“ може да биде многу поизразено отколку по лесен оброк.

Во игра е и времето кога јадеме. Во раните попладневни часови природно се намалуваат сигналите што ја одржуваат будноста, па ручекот може да ја засили веќе постоечката потреба за одмор. Ако претходната ноќ сме спиеле малку или лошо, ефектот може да биде уште посилен.

Ако сакате да ја намалите поспаноста, помагаат помали и поурамнотежени оброци со повеќе влакна и протеини, доволно течности и кратка прошетка по јадењето. Лесната физичка активност и изложувањето на дневна светлина можат да помогнат да останете будни и по ручекот.

Повремената поспаност по оброк сама по себе најчесто не е причина за загриженост. Но, ако е многу изразена, се јавува речиси по секој оброк или е проследена со други симптоми, треба да се разговара со лекар. Изразениот замор по јадење понекогаш може да биде поврзан и со проблеми како нарушувања на спиењето, анемија, нарушена регулација на шеќерот во крвта или нарушувања на функцијата на тироидната жлезда.