Ако ви станаа прескапи или сакате да ги замените со веганска верзија: Алтернативи за јајца и водич како и за што се користат

Фото: Unsplash
204

Доколку јајцата ви станаа прескапи или сакате да ги замените со веганска верзија, овие предлози добро ќе ви дојдат. Секако, треба да знаете и во кое јадење можете да го употребите како замена пирето од јаболки или банана, а во која прашок за пециво, чиа или ленено семе или некоја друга алтернатива за јајца

Деновите кога едно пакување од 10 јајца чинеше помалку се очигледно зад нас, па сега најевтината варијанта чини 99 денари. Инфлацијата, се чини, не заобиколи ниту една земја, па многумина се занимаваат со идејата која храна да ги замени јајцата во јадењата.

И додека некои во оваа ситуација веќе се навикнуваат на алтернативи од растително потекло за пржените или тврдо варените јајца, знаејќи дека тие не се ни блиску до вкусот на вистинските јајца, други се обидуваат да најдат повкусна замена.

Криси Алори, блогерка за храна која и сама чува кокошки, е специјализирана за пронаоѓање заменски намирници и истакнува дека е можно да се најде веродостојна замена за јајцата барем кога станува збор за нивна употреба во склоп на некое јадење или десерти.

„Јајцата се речиси совршена храна, па затоа е навистина тешко да се користи замена што може да даде потполно исти резултати. Тоа е затоа што јајцата додаваат мазна, кремаста текстура во што и да се додаваат“, објаснува таа, додавајќи: „Особено тешко е да се заменат жолчките кои, на пример, им додаваат богатство на печивата кое е тешко да се повтори. Нивниот вкус го подобрува вкусот на многу колачи и ги истакнува другите вкусови.”

Сепак, Алори додава дека кога станува збор за печењето, „некои замени нема да бидат забележливи ако немаме јајца“, иако без нив неизбежно ќе има мала промена во вкусот и текстурата.

Иако јајцата имаат многу различни улоги во печењето: тие можат да се користат за подобрување на вкусот, создавање богата, кремаста текстура, за спојување на состојките или додавање волумен на печивата, ако сакате да ги замените, внимавајте што правите бидејќи не се сите замени подеднакво добри за сите јадења.

Најдобрите замени

Кога правите замена, важно е да запомните дека едно јајце е еднакво на околу ¼ чаша течност, така што секоја алтернатива на јајца треба да го замени тој волумен во вашиот рецепт, без разлика која замена ќе ја изберете. Најчестите и најдобри замени за јајцата се:

испасирана банана
јаболково пире
свилено тофу
мелени чиа или ленени семиња измешани со вода
јогурт (без лактоза или обичен)
матеница
засладено кондензирано млеко

Која од овие замени најдобро ќе делува зависи од тоа што готвите или печете.

Еве што предлага готвачката Џема Стафорд, чии совети можете да ги следите на блогот Bigger Bolder Baking.

Колачи, мафини, палачинки, вафли: Во овие јадења јајцата ги врзуваат состојките, ја навлажнуваат текстурата и го збогатуваат вкусот. За нив Стафорд препорачува да се избере замена која содржи вода, која ќе додаде влага. Бананите и сосот од јаболка делуваат добро и додаваат сладост.

Колачиња и браунис: Не нараснуваат, па затоа јајцата во овие рецепти првенствено делуваат како врзивно средство. Стафорд вели дека мелените чиа или ленени семиња добро функционираат како замена за јајца бидејќи делуваат како врзивно средство кога се во контакт со вода.

Брз леб или погачици: Во брзите рецепти за овие јадења, јајцата се примарен или единствен квасец, па Стафорд вели дека „оцетот и сода бикарбоната или маслото, водата и прашокот за пециво“ се одлични замени за јајца бидејќи тие комбинации произведуваат јаглерод диоксид кои прави печивата да нараснуваат. Како бонус, повеќето од овие состојки веќе ги имате дома.

Теста со квасец: Кога се пече леб со квасец, јајцата делуваат како врзивно средство. Истата функција може да ја имаат и мелените чиа или ленено семе.

Пити, тартови, чизкејк: Онаму каде што јајцата делуваат како згуснувач, како во рецептите за овие десерти, Стафорд препорачува пченкарен скроб.

Други замени, како што се скроб од компир, брашно од тапиока, сода бикарбона и псилиум, може да се најдат во специјализирани продавници. И тоа е замена која, според готвачката, добро функционира наместо јајцата во многу рецепти, иако разликата во вкусот и текстурата може да биде малку позабележителна отколку кај другите замени за јајца.