Да, ѓеврекот е одамна измислен, но тоа не значи дека не може да се измисли нов. Неколку основни правила за учесниците во овој натпревар, кој е многу повеќе од обичен кулинарски натпревар, е ѓеврекот да биде направен со локални состојки, да не содржи месо и производи од месо и секако, да го има своето основно обележје – дупчето во средината
Денес, на настанот организиран од здружението за социјални иновации АРНО во соработка со средното угостителско училиште „Лазар Танев“ беше објавен повик до скопјани да земат масовно учество на натпреварот кој се спроведува во рамки на проектот „Кулинари во акција – социјално претприемништво за импакт“. Натпреварот е отворен до 5-ти декември, а целосниот повик е достапен овде.
Инаку, станува збор за нов проект во рамките на старата иницијатива која АРНО ја започна инспирирана од Џејми Оливер и неговиот ресторан „Fifteen“, но најмногу од локалната храна и во текот на десетгодишното постоење тие заедно направија многу проекти, од продажба на часови по готвење, до застапеност на ученици од училиштето во регионален готвач со рецепти и уште многу други.
Затоа, овој проект објавен токму на 13.ноември, ден на ослободувањето на Скопје и патронат на училиштето, е нов почеток на старата соработка која отвара многу нови задачи и предизвици.
„Името на новата иницијатива останува „Кул е да си кулинар“, со тоа што овој нов мал проект е насловен како Кулинари во акција, социјално претприемништво за импакт, го имплементираме АРНО во соработка со „Лазар Танев“ и со поддршка од Европската Унија, во рамки на проектот „Младите – агенти на променa“ кој го спроведуваат Центар за Интеркултурен Дијалог, Сојуз на извидници на Македонија и Центар за истражувања и анализи НОВУС. Амбиции на проектот е да стигнеме до многу нови и убави рецепти кои натаму би можеле да имаат продажен карактер на фирми со многу вработени. Нешто што е суштината на социјалното претприемништво, односно, да се има продажба и да се инвестира во мисијата, а наша мисија се учениците, развивање на нивните вештини и полесна транзиција на пазарот на труд.
Повикот е отворен само за скопјани поради локалната димензија која сакаме да ја дадеме“, најави Ирина Јаневска, претседателка на АРНО.
По завршувањето на проектот се очекува да се добие еден нов ѓеврек кој треба да исполнува неколку основни предиспозии, како на пример, се инсистира на локална и еко димензија, па затоа основни предиспоции се да биде направен од локални намирници, а не е дозволена употреба на месо и месни производи ниту адитиви. Она што мора да го има новиот ѓеврек кој ќе биде одбран како финалист, е дупчето во средината. Исто така, бидејќи не станува збор за обичен кулинарски натпревар, победникот во финалето ќе има задача да ги пренесе вештините за приготвување на победничкиот ѓеврек на учениците и за тоа, односно, за одржаните две обуки за учениците ќе добие надомест во вредност од 200 евра, како и исто толкава награда за победничкиот рецепт кој се очекува потоа да стане продажен производ.
Право на учество имаат сите жители од Скопски плански регион, со наполнети 18 години. Граѓаните се повикани да пратат рецепт со кој ѓеврекот ќе го задржи својот кружен облик, но ќе понуди нови вкусови и текстури.
„Веруваме дека Скопјани се креативни, и ова е нашиот прв гриз подлабоко во зелено социјално претприемништво. Има голема симболика зошто токму ѓеврек. За сега сакаме да пренесеме дека сите сме во кругот. И треба да се гордееме со традицијата, но мора и да иновираме. Мора да купуваме локално, да јадеме локално, да мислиме на животната средина, и да мислиме на нашата иднина. Во периодот кој следи АРНО планира да донесе една нова економска теорија, но за тоа, одиме залак по залак. За почеток, ајде да измислиме ѓевречиња со нови вкусови“, порача Ирина.
Директорот на училиштето Небојша Вуковиќ рече дека со овој денешен натпревар и заеднички појадок на кој беа послужени ѓевречиња направени од учениците од пекарската струка во „Лазар Танев“ се официјализира повторната соработка на училиштето со АРНО.
„Јас искрено се надевам дека овој проект ќе биде успешен, затоа што се занимава со една традиција, која пробува да ја иновира. Ајде да видиме колку ќе бидеме креативни“, порача Вуковиќ.
На појадокот присуствуваа и учениците, а двајца од нив им се обратија на присутните со своите пораки.
„Јас сум ученик и учам за готвач и сакам да ги повикам сите да си поиграат со тестото и да смислат нешто ново. Нашата земја има многу намирници. Може место сусам да се стави сончоглед, или намаз од сирење, или свеж зелечнук. Да се готви значи да се биде креативен“, изјави петнаесетгодишниот Никола Марковски, ученик-готвач кој на готвење го поттикнала неговата баба.
И неговиот постар колега, седумнаесетгодишниот Давид Крстевски ги повика скопјани да се покажат и да се пријават со рецепт.
„Јас сум млад готвач и свесен сум дека откога ќе завршам училиште директно одам да работам. Вакви проекти ми се интересни затоа што учиме не само да готвиме, туку и како да направиме CV, како да преговараме за подобри услови, за плата, за напредок. Сакам на сите да им кажам дека ние што работиме со храна треба да сме поценети. Храниме луѓе, се грижиме да е се вкусно и да бидат сити. Навистина е кул да си кулинар“, беше искрен Давид.
Овој проект, Кулинари во акција – социјално претприемништво за импакт“ е инспириран од плодната соработка помеѓу АРНО и СУГС „Лазар Танев“ која трае од 2013-та година. Проектот е инспириран и од потребите да се подобри имиџот на стручното образование, да се охрабрат младите готвачи и пекари за кариерен развој и да се подготви терен за ново социјално претпријатие.