Бадникова вечера, посна трпеза, риби, грав?! Аман, доста со тоа што морало, а што не смеело да има на трпезата!

Фото: Unsplash
685

Бадник и Божиќ! Сѐ е исто како „лани“, слики од трпези, демек посни, огнови, теревенки, загадување на воздух, па од утре, Божиќни ручеци, печење, колачи, па мудрување по социјалните мрежи кој го прави тоа правилно, а кој погрешно, па и моите текстови по овој повод се такви – тоа па тоа. Всушност, повеќето луѓе немаат поим што значат овие празници! Но, залудно е да им објаснувате на оние ‘најтврдокорните православци и верници’ дека едно е народниот фолклор, друго црковната традиција, а трето тоа што низ годините наназад некои се обидуваат да направат симбиоза од паганизмот и христијанството. Патем, ќе правите лепче со паричка вечер или за Стара Нова?

Ете дојдоа и овие последни големи празници за зимава, Бадник и Божиќ! Незнам дали е за радување (затоа што, нели, секогаш може да биде и полошо) или за тагување, ама сѐ е исто како и секоја година. Иста сценографија, слики од трпези, демек посни, огнови, теревенки, загадување на воздух, па после Божиќни ручеци, печење, колачи, руска салата, па мудрување по социјалните мрежи кој го прави тоа правилно, а кој погрешно, па кој поубава фотка направил од сето ова, па сите нешто се залагаат за семејни вредности, за традиција и за вера. А не е дека и моите текстови на темава се различни од оние „ланските“.

Всушност, знам дека повеќето луѓе немаат поим што значат овие празници! Не знаеја ниту нашите родители, барем повеќето од нив, мислам на родителите на луѓето од мојата генерација, онаа од 60-тите и 70-тите. И тие само си тераа празници и адети ама немаше социјални мрежи па тоа си го правеа дома. Дури и на коледе не беше многу популарно да се оди, не дека беше забрането, ама некако срамота беше. Ние одевме по роднини, а брат ми, бидејќи најмал во семејството тргна една година и по комшии, ама се разочара уште во првата барака кадешто другарката на баба ни, тетка Ценка, му објасни дека е комунистка и не слави Бадник и Божиќ. А он само си се чудеше каква врска има тоа што го вели и зошто тоа ја спречува да даде некоја бонбона или барем некој „динар“. Беше прилично разочаран.

Мислам дека и денес луѓево немаат поим што, како и зошто се празнуваат овие верски празници, ама жестоко ја бранат традицијата и обичаите. И така е, во право си се луѓето, зошто да не смееме да имаме обичаи. Немам ништо против, освен што ми е смачено веќе од тоа што МОРА, а што НЕ СМЕЕ да има на трпезите, од тоа разулавените собиранки околу огновите, од трендовските верници, од фотографиите на Фејсбук и на Инстаграм. Аман! Терајте си го својот адет, како што велите, во кругот на семејството, а не на Фејсбук и на Инстаграм.

И ако е за право, Бадниковата вечера всушност треба да биде најстрог ден од постот. Мислам, ако веќе треба да мудруваме.

Знаеме дека кај нас на Бадник наголемо се готви и се подготвува обилна вечерa, а на масата се редат едно чудо јадења кои, наводно, морало да ги има. Според нас (ако веќе сите станавме експерти за верски прашања и религиозни обреди) сосема е доволно посно гравче на вода и малку кисела туршија. Бадник всушност треба да биде последен и најстрог ден од Божиќниот пост, нели?

Еве што вели на темава на пример некој што знае повеќе од нас, отец Митко Газинковски, свештеник на МПЦ во Словенија.

„Секоја година, околу Божиќните празници на површина излегуваат одредени недоумици околу нивното правилно чествување. Ориентирот за празнувањето е причестувањето со Светите Тајни на Телото и Крвта Христови во Светата Литургија на Црквата. Секој празник во Црквата има една и единствена цел – причестување со Светите Тајни Христови. Без остварување на оваа цел може да стане збор за сѐ, само не и за верско и побожно славење на Бог. Нема причест – нема живо христијанство!

На пример: имаме недоумица во однос на подготовката на таканаречената бадникова семејна вечера. Сега, ако знаеме дека главната цел при дочекот на Рождеството Христово ни е причестувањето со Светите Тајни Христови, тогаш од трпезата веднаш отпаѓа рибата и сѐ што е подготвено на масло (зејтин). За други мрсни работи и да не спомнувам – секој знае дека пред Причест се пости.

Така, ако главен ориентир при секој дочек на некој црковен празник ни е причестувањето со Телото и Крвта Христови, тогаш нема да згрешиме при решавањето на вакви недоумици.

Ви говорам за основни работи. Инаку, бадниковата вечера му е потполно туѓа на црковниот живот – ќе ви објаснам дополнително, но сега само едно ќе ви кажам: извадете го лепчето со паричката од бадниковата вечера, како магиски и суеверен чин – што во суштина и е, и ќе се изгуби и смислата и погрешната традиција на бадниковата вечера.

Друго прашање е, на пример, дали одредени обичаи при црковните празнувања се пагански остатоци или се туѓи, или се и едното и другото. На пример, собирањето и делењето бадникови гранчиња е само српски народно-црковен обичај и на ниту една друга помесна Православна Црква или народ. Исто како и кршењето на лебот со паричката на бадниковата вечера (леб со паричка се крши на свети Василиј или т.н. Стара Нова Година).

Практикувањето туѓи црковни обичаи е пастирско и идентитетско прашање, така што секој сам нека избере што е по националност, како и кому му служи. Мене тоа ама воопшто не ми пречи – кој што ќе избере.

Толкувањето дека Божик е СЕМЕЕН ПРАЗНИК како и таквото празнување, исто така, е туѓо неправославно учење. Каква врска има непорочното и бессемено зачнување и безболното и девствено раѓање со засновањето на овоземното човечко семејство? Ама баш никаква!

Значи, имаме туѓо учење – неправославно, кое се надополнува со неправославна иконографија: каде што Јосиф и Марија стојат заедно наведнати пред колевката на Исус – што асоцира на семејство, за разлика од православната иконографија каде што Пресвета Богородица и Секогашдева Марија заедно со Богомладенецот Христос го заземаат централниот простор на иконата, а праведниот Јосиф, ако некој не знае, не ни може да го забележи на иконата – насликан негде настрана.

Ако на ова го додадеме и нарочното организирање на семејна вечера токму на Бадник – од 365 вечери во годината, заедно со нарушувањето на определениот црковен пост, а со тоа и неможноста за Причест – се комплетира целата слика колку сето тоа е погрешно.

Христовото Рождество не е некаков празник на семејството, туку нормално, после црква го празнуваме и во семејството.

Она што сигурно е грев – етички и еколошки и што треба веднаш да го промениме, е оставањето на многу семејства во Р. Македонија без огрев и храна преку зима, а сме можеле да им помогнеме. Наместо да палиме ритуални огнови и да ја дозагадуваме околината и наместо да го нарушуваме постот со мрсни јадења и световни музики и песни, подобро е да им помогнеме на сиромашните со огрев и храна и ќе видиме каква радост тоа дело на милосрдие ќе ни донесе и кој благослов Божји во животот“, вели отец Митко.

Затоа, толку за оваа тема.

Денеска е Бадник, утре Божик и секој нека си празнува по својот адет.

Залудно е да им објаснувате на оние ‘најтврдокорните православци и верници’ дека едно е народниот фолклор, друго црковната традиција, а трето тоа што низ годините наназад некои се обидуваат да направат симбиоза од паганизмот и христијанството.

И да не почнувам сега и за тоа дали и лепче со паричка се прави за Бадник или за Василица оти и тука се побројни оние кои се колнат дека токму паричката за Бадник е дел од православната традиција и тоа го врзуваат со потеклото, демек, скопјани правеле на Бадник, а прилепчани и битолчани на пример, на Василица. Баба ми и дедо ми имаа потекло од Прилеп, додуша, дедо ми живеел во Америка па не ги знаеше многу овие адети, ама беше голем верник. Беше и комунист, од оние кои си имаа слична кауза со христијанската, а тоа е, да не се биде грабежлив и да им се помага на сиромашните, ама баба ми ги знаеше, па кај нас се правеше пита со паричка двапати, мајка ми на Бадник, баба ми на Василица. Никој од нас немаше ништо против тоа. Тогаш немаше социјални мрежи, а и не беше нешто за фалење дека некој направил пита со паричка. Беше интересно за нас децата кому ќе му падне паричката и толку.

Е сега, јас баш и не се чувствувам повикана да кажувам како треба и зошто треба, ама секогаш ми било жал кога ќе видев што кубици дрва се истрошиле за да се загреат собраните соседи дојдени на оган за да се пијанчат, да вртат ора и да пукаат петарди во име на Господ и на верата. Искрено, сум била и јас неколку пати на оган, ќе испиев варена ракија и ќе гледав како горат тоа наредените дрва, па ќе ми текнеше дека сум фукнала еден куп пари за исти такви и дека треба да се греам со нив што подолго, и тоа само кога ќе биде ептен ладно па сметките за струја ќе станат астрономски.

Но, тоа е, едно време беше изговор короната која не оттуѓила, па за да се зближиме повторно, пак ни треба некој запален оган. А во меѓувреме, се шират некои нови вируси, сите кашлаат, буфтаат, кој со температура, кој со грлоболка, кој со главоболка, кој со сето тоа заедно, а некои немаат ни за кубик дрва, па децата им се смрзнуваат дома, а на коледе одат само за да добијат нешто за јадење, а не зашто таков бил адетот. Ним не им е ни до песната, онаа, за бабата и дедото и гредата што паднала и го отепала дедото…

Како и да е, нека ни се среќни празниците на сите и секој нека си прави по свое – кој во црква, кој дома, ама не на Фејсбук и на Инстаграм! Аман, доста!

Ќе ми загори гравчето, без зејтин е!!!