Бараш риба, добиваш суши: Ресторан на погрешни нарачки во кој келнерите имаат деменција

Фото кредит: MistakenOrders.com
188

За време на еден од поп-ап настаните на т.н. Ресторан на погрешни нарачки во кој келнерите и келнерките се лица со деменција, 37 проценти од нарачките биле погрешни. Сепак, 99 проценти од клиентите рекле дека се задоволни со нивниот оброк.

Во Јапонија постои ресторан во кој клиентите со задоволство добиваат лоша услуга. Бараш кнедли, а добиваш мисо супа. Упс. Нарачувате риба на скара, а добивате суши. Што? Вообичаена работа за келнерите и келнерките е да ги мешаат работите, да донесат погрешен оброк, погрешно да разберат што бара клиентот или да ја испијат чашата вода што треба да ја достават на некоја маса. Значи, можете да ожедните малку чекајќи ја својата вода. Но, токму поради ваквите работи ги вработуваат овие работници, а не ги отпуштаат. Дали е ова некој уметнички перформанс? Не, тоа е главно нешто што се случува во Кјото, а овие келнери и келнерки имаат деменција. Тоа не е маана. Тоа е карактеристика. Тоа е примарна квалификација за работата.

Сето ова се случува во Ресторанот на погрешни нарачки. Организиран е како поп-ап и се одржува неколку пати во текот на неколку дена, за да се прошири свеста на јавноста за деменцијата. Нежното изненадување од ненамерните човечки грешки стана, на некој начин, вистински производ на ресторанот – повеќе од самиот посакуван оброк. Голем дел од смеата што го исполнува ресторанот произлегува од пријатниот шок кога ќе видите дека ви се сервира нешто неочекувано. Понекогаш може дури и да го напиете кафето со цевка.

Јапонскиот телевизиски директор, Широ Огуни, го создал овој бизнис за да ги промени перцепциите за стареењето и прогресивното когнитивно оштетување. Деменцијата е општ термин кој го опишува падот на меморијата, учењето и комуникациските вештини. Тоа е предизвикано од голем број различни состојби, една од нив е Алцхајмеровата болест, која е специфична болест. Првиот настан беше организиран во 2017 година и редовно се повторува. Потребни биле околу 115.000 американски долари собрани преку финансирање од луѓе за да започне, но сепак не би било тешко да се замисли и како профитабилен, секојдневен ресторан изграден околу мисијата на Огуни. (Некој нека се обиде.) Идејата за неговиот проект му дошла кога му послужиле кнедла наместо хамбургер кога бил во посета на дом за стари лица. Отпрвин, тој сакал да ја врати кнедлата назад, но потоа сфатил дека е во друг свет, со различни нивоа на функционалност, вклучително и грешки што навистина не му наштетиле. Зошто да не го прифати она што го добил како начин на почитување на тешкотиите со кои се соочиле луѓето околу него, како чин на љубезност и понизност?
Огуни се обидел да го олесни споделувањето на она што го научил за да можат другите да ја реплицираат иницијативата на друго место. (Веб-страницата на програмата ги охрабрува и нуди информации за контакт на секој што сака да проба сличен настан каде било во светот.) Неговата подвижна гозба инспирирала иницијативи во Јужна Кореја и Австралија. Потребно е финансирање однапред бидејќи се потребни многу планирање и тимска работа од многу сектори: професионалци во ресторани, внатрешен дизајн, надзор од социјалната заштита и соработка на организации кои веќе им помагаат на оние кои се борат со деменција.

Она што е прекрасно за проектот е тоа што ги прикажува луѓето кои живеат со деменција како среќни, трудољубиви, корисни, комуникативни и љубезни. Сите се забавуваат во видеата што се направени за документирање на проектот. Постарите вработени во нивните едноставни, весели униформи изгледаат ангажирани и продуктивни како и луѓето на една третина од нивна возраст. Наместо да реагираат на деменцијата како на нешто застрашувачко, депресивно и страшно изолирачко, одговорите се речиси токму спротивни: гостите го опишуваат искуството како слатко, среќно, смешно, дружељубиво и пријатно.

За време на еден од овие настани, 37 проценти од нарачките биле погрешни, но потоа, 99 проценти од клиентите рекле дека се задоволни со нивниот оброк. На еден настан, една од келнерките отсутно седела со нејзините клиенти. Друг побарал од еден од гостите тој да прими нарачки од другите околу масата. Ништо од ова не вознемирува никого што дошол да јаде. Огуни вели дека неговиот проект не е само повеќе разбирање и прифаќање на оние кои имаат деменција; тој се обидува да покаже како луѓето можат да бидат љубезни еден кон друг, без оглед на недостатоците.