Божиќните пости траат 40 дена: Нема прасечко за Нова година!

Фото: Pixabay
73

Оние кои постат за Божиќните пости треба да се подготват на Нова година без прасечко (и какво било друго месо) и без онаа традиционална руска салата со шунка и мајонез.

Божиќниот пост започна денес (28-ми ноември) и ќе трае до Божиќ, 7 јануари 2025 година. Многумина постот го поврзуваат исклучиво со воздржување од храна и мислат дека суштината на постењето е само да се замени уживањето во мрсна храна со уживање во посна храна.

Многумина го користат почетокот на големите пости за да почнат со диета чија цел е да ослабнат некој килограм, многумина пак само сакаат да бидат во тренд, а има и такви кои постат не само со храна, туку нивниот пост е комплетен.

Имено, постењето за христијанските празници за верниците не треба да биде само некаков аскетизам, тренинг и диета, туку треба да е придружено со духовен пост, а духовниот пост е чин на милосрдие, љубов, простување, трпение, согледување на себеси и на светот околу себе на подобар начин.

Ова значи согледување на сопствените гревови, а не на туѓите.

Накусо, она што е многу важно е постот да биде истовремено и физички и духовен и ментален.  

Инаку, Божиќните пости не се толку строги како Велигденските, па освен во понеделник, среда и во петок кога се пости без масло, во другите денови е дозволена посна храна која може да се приготви со масло, а дозволено е и вино.

Во останатите денови – вторник, четврток, сабота и недела разрешена е храна со растително масло. Рибата за време на Божикниот пост може да се јаде, односно, како што вели Црквата, се разрешува во саботните и неделните денови, како и на големите празници, но само доколку тие празници се паднат во вторник или четврток. Доколку празникот се падне во среда или петок се разрешува само на вино и масло. Од 2 до 6 јануари постот е построг и во тие денови, дури и во сабота и недела рибата не е благословена.

Јасно е дека во времето на постот се избегнуваат месото, путерот, млекото, јајцата, сирењето. Освен тоа, Уставот вели дека во понеделник, среда и петок во Божикниот пост не се јадат риба, масло и вино и дозволена е само храна без масло.

Оние кои постат за Божиќните пости треба да се подготват на Нова година без прасечко и какво било друго месо и руска салата.